Фото: Игор Бансколиев

Кон крајот на март во Германија почна интересен експеримент. Во Хајнсберг, град на самата граница со Холандија, водечките германски инфектолози на дневна база следат 1.000 луѓе и го бележат однесувањето во 500 домаќинства. Посетуваат училишта и детски градинки, болници, паркови, продавници… Сето тоа е со единствена цел – да откријат колку се задржува коронавирусот на мобилните телефони, на кваките од вратите, на далечинските за ТВ, чиниите и шолјите за кафе, дали го пренесуваат кучињата или мачките. Во основа, истражуваат како се шири коронавирусот и колкав е уделот на „скриените“ преносители на вирусот

Во екот на пандемијата популацијата беше бомбардирана со информации за новиот коронавирус. Најпрво „се откри“ дека коронавирусот на крузерот „Дајмонд принцес“ преживеал 17 дена. Информацијата гласеше дека „седумнаесет долги денови откако сите патници од него си заминаа, тој и натаму се наоѓал во кабините“.
Потоа медиумите „утврдија“ дека брачна двојка од Далечниот Исток веднаш штом се вратила од Вухан (Кина) ја проширила заразата во својата црковна заедница во Сингапур. Не знаејќи, секако, дека се заразени, отишле во локалната црква, се помолиле и заминале дома. Неколку часа подоцна во црквата отишле други верници.

Некои седеле на истата клупа, некои во клупата понапред, а некои во клупата одзади. Тројца од нив се заразиле со вирусот.
Наредно нешто е често експлоатираниот пример за тоа како се шири вирусот во продавници, супермаркети и слично преку честичките на аеросоли поситни од 20 микрометри. Дека фризерниците и берберските салони се особено опасни, бидејќи не може да се одржи физичко растојание од два метра, како и дека „секој продукт од продавница мора да го дезинфицираме пред да го внесеме во својот дом “.

Која е другата страна на медалот?

Кон крајот на март, во Германија почна интересен експеримент. Во Хајнсберг, град на самата граница со Холандија, кој поради големиот број заболени ја доби титулата „германски Вухан“, била воспоставена „жива лабораторија“. Водечките германски инфектолози на дневна база следат 1.000 луѓе и го бележат однесувањето во 500 домаќинства. Посетуваат училишта и детски градинки, болници, паркови, продавници… Земаат примероци и ги анализираат во лабораториите.
Сето тоа е со единствена цел – да откријат колку се задржува коронавирусот на мобилните телефони, на кваките од вратите, на далечинските за ТВ, чиниите и шолјите за кафе. Како, всушност, се шири? Дали го пренесуваат кучињата или мачките? Колкав е уделот на „скриените“ преносители на вирусот?
Првите прелиминарни резултати се готови и тие се фрапантни. Во домовите на заразените семејства во Хајнсберг никаде не е пронајден жив вирус. На ниедна површина – стаклена, пластична или дрвена. А земени се примероци од кваки, мобилни, тоалетни школки… Во лабораториите, врз основа на тие примероци, не успеале да култивираат вирус.

Заразата не се шири со допирање исти предмети?!

– Вирусот се ширел на други места. На ски-забавите во Ишгл, во клуб во Берлин, на фудбалски натпревар во Бергамо… Не постои сериозен ризик при одење во продавница. Заразата не се шири со допирање исти предмети, туку со подолг престој на луѓе во непосредна близина едни до други – тврди д-р Хендрик Штрек, директор на Институтот за инфектологија во Универзитетската болница во Бон.
Тој особено нагласува дека ковид-19 можеби не се шири толку лесно како што верувавме на почетокот. Притоа објаснува како може да се шири заразата.
– Некој што е заразен треба да се искашла во раката и со таа рака да ја допре кваката на вратата. Веднаш по него друго лице треба да ја допре истата квака и веднаш потоа со раката да се допре по лицето. Навистина е мала шансата вирусот да се пренесе преку т.н. заразена површина – објаснува Штрек.
Уште претходно германските научници тврдеа дека коронавирусот е „исклучително чувствителен“ на сушење, како и тоа дека единствен начин да се „собере“ е преку вдишување на капките.

Патоказ за постепена нормализација на животот

Студијата од Хајнсберг тоа и го докажува. Германците, педантни какви што се, собраните сознанија сакаат дополнително да ги проверат со уште попрецизни истражувања. Врз основа на нив сакаат да донесат заклучоци што на тамошните власти ќе им бидат патоказ за постепена нормализација на животот. Ако во натамошните студии се потврдат резултатите до кои дојдоа, голема е веројатноста рестораните, апартманите, хотелите, фризерските салони и продавниците наскоро да бидат отворени.
Во нив, веројатно, сите ќе мора да носат маски, а колку што е можно да се држи растојание од два метри. Таму каде што не е можно, ќе се заштитува со редовна дезинфекција на рацете и лицето, како и на опремата за работа. Бидејќи ако се покаже точна германската студија, опасноста нема да демне од работите во нашата околина туку од луѓето. Од потенцијално заразените луѓе.

Прашањето, се разбира, е како е можно научниците во други делови на светот да дошле до целосно различни заклучоци. Коронавирусот е нов и многу работи за него сѐ уште се голема непознаница. Во првите месеци сите тапкавме во темница. И сѐ уште не знаеме кои изненадувања нѐ чекаат допрва.