фото: Приватна архива

Во градот на грозјето и виното Кавадарци каде во рамките на ликовната колонија „Михајлово Кавадарци“ познатата млада уметница Андријана Мациев во изминативе години остави прекрасни уметнички дела и многу спомени во прекрасните дружби со кавадаречките уметници и љубители на уметноста вечерва со почеток во 19:30 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе биде отворена нејзина постхумна ретроспективна изложба.

Познатата македонска уметница Андријана Мациев прерано нѐ напушти на 12 мај 2022 година, па овој настан во нејзин спомен го организира нејзината мајка Јулија Мациевска заедно со повеќе истакнати уметници, поети и вокални солисти во соработка со домот на културата во Кавадарци.
Изложбата е насловена како „Љубов за сите“ и во неа ќе бидат изложени дваесет дела на Андријана одбрани од последните три работни циклуси кои таа ги наслови како: „Живот во бои“, Женски приказни и „Шарени вибрации – Разбуди се, погледни во сонцето и насмевни се“. Во рамките на изложбата ќе бидат промовирани два алманаси со истиот наслов како и постхумната изложба „Љубов за сите“ напишани од група автори, инспирирани и вдахновени од земниот и небесниот живот на Андријана Мациев. Преку оваа изложба со нејзините прекрасни дела богати со богат колорите и полни со оптимизам и желба за живот Андријана Мациев повторно ќе се обиде низ шарените вибрации да нѐ разбуди и насмее.