фото: „Охридско лето“

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ ги презентираше успесите на фестивалот на Самитот на уметнички фестивали што се одржа изминативе четири дена во Уседом, Германија. Во рамките на Самитот се одржа и 71. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА).

Поповиќ кажа дека Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра.

– Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација. Високото место кое „Охридско лето“ го зазема меѓу повеќе од 140 фестивали членки на ЕФА ја потврдува неговата посебност и специфичност – рече Поповиќ.

Во својот говор директорката Поповиќ потенцира дека, фестивалот „Охридско лето“ повеќе од половина век претставува најголемата културна музичко-сценска манифестација, препознатлива не само кај нас, туку и во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата- културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

Поповиќ кажа дека „Охридско лето“ секоја година пречекува над 1.000 врвни уметници од целиот свет кои се воодушевени од прекрасната организација благодарение на посветеноста и професионализмот на тимот на Фестивалот.

На четиридневниот собир првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали дебатираа за одржливоста на различните култури преставувајќи ги фестивалските градови и региони со сите нивни карактеристики. На собирот беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството а посебен акцент беше ставен на влијанието на вештачката интелегенција врз уметноста.

– Долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува на една голема традиција, која извира од градот Охрид, духовната престолнина на државата и важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција. Токму ЕФА е местото од каде се промовира врвната уметност, се негува традицијата, се градат мостови помеѓу културите на различните народи и се создава визија за иднината на светската уметничка сцена – истакна Поповиќ.

ЕФА асоцијацијата вклучува над 140 фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е значаен партнер на асоцијацијата. Годинава на предлог на директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ во оваа елитна асоцијација влегува и Драмски театар Белград од Р. Србија со кој се затвори минатото фестивалско издание на „Охридско лето“ со изведба на претставата „Лагата“ пред преполното гледалиште на Античкиот театар.

Поповиќ и во наредните четири години со реизбор останува како делегат на ЕФА а Асоцијацијата годинава доби нов Управен одбор.