Фото: Принтскрин/Јутуб

Лидерите ширум Европа, во првичните свои изјави, изразија вознемиреност од пукањето во кое попладнево беше ранет словачкиот премиер Роберт Фицо, јави ДПА.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди пукањето во словачкиот премиер Роберт Фицо, истакнувајќи на платформата Екс дека е „длабоко шокиран од веста за кукавичкиот напад на словачкиот премиер Фицо“.

„Насилството не смее да постои во европската политика. Во овие часови моите мисли се со Роберт Фицо, неговото семејство и граѓаните на Словачка“, напиша германскиот канецлар.

– Шокантни вести од Словачка. Роберт, моите мисли се со тебе во овој многу тежок момент – напиша полскиот премиер Доналд Туск на Екс.

„Длабоко сум шокиран од грозоморниот напад врз мојот пријател, премиерот Роберт Фицо. Се молиме за неговото здравје и брзо закрепнување! Бог да го благослови него и неговата земја! напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Веста за пукањето на словачкиот премиер Роберт Фицо е шокантна. Посакувам премиерот да оздрави што побрзо. Не смееме да толерираме насилство, тоа не смее да има место во општеството – изјави чешкиот премиер Петр Фиала, пренесе ДПА.

Премиерот на Република Словачка, Роберт Фицо е во многу тешка состојба откако попладнево беше ранет во градите и стомакот откако излегол на улица, јавија словачките медиуми. Владината прес-служба соопшти дека состојбата на Фицо е животозагрозувачка. Оттаму додаваат дека тој ќе биде транспортиран со хеликоптер во градот Банска Бистрица, откако поради неговата состојба не било можно да биде пренесен во Братислава.

Фицо е ранет во градот Хандлова, на 150 километри од Братислава, пред Домот на културата, каде што претходно се одржа седница на Владата, кога излегол меѓу собраните луѓе да ги поздрави.