Втора генерација по ред како го завршува своето средно образование во услови на пандемија, со ускратена можност за напуштање на училниците, играње на познатиот матурски танц „Квадрил“ и прославување на матурската вечер со професорите. Како што информираат од Општината, во Гевгелија 149 матуранти од средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ успешно го завршија вториот период од образованието. По тој повод, градоначалникот Сашо Поцков упати честитка до матурантите.
Уште една патека од многуте пред вас на патот наречен живот е успешно изодена. Доаѓате на главната крстосница, кога треба да одлучите по кој следен пат ќе чекорите. Вашиот избор нека биде рационален, со јасна визија и силна волја за напредување и постигнување на она што го планирате. Без разлика дали ќе продолжите со вашето образование или ќе одлучите да се вработите. Нам ни преостанува да ве поддржиме во она што го сакате, да ве мотивираме да бидете успешни и да се радуваме на вашите успеси. Ви посакувам најпрво многу здравје, а потоа што повеќе стекнати, нови искуства, кои ќе придонесат во градењето на вашата личност и вашиот поглед кон светот – рече градоначалникот.
Исто така, поздравен говор до матурантите од гевгелиската гимназија упати и директорот Тони Аврамов.

Испишавте уште една страница од романот наречен живот. Ја искачивте планината наречена средно образование. Но овде не завршува предизвикот. Планинарот по освоениот врв размислува за нови врвови, писателот за нови романи. Пред вас се отвора бескрајно пространство на иднината. Ние ви дадовме крилја и ви го покажавме патот, а предизвикот е ваш. Вие сте оние што треба широко да ги отворат крилјата и да се вивнат кон својот сон. Не велам дека нема да паѓате. Паѓа оној што полетал, оној што се обидел, како галебот Џонатан Ливингстон. Важно е да се исправите и да продолжите понатаму. Целта ве очекува. Генерацијо 2017/2021, вие го положивте испитот на зрелоста. Во услови на пандемија, кога целиот свет мораше да се приспособува на новонастанатата состојба, вие загубивте многу: наставно-научна екскурзија, матурска вечер, дружење и забава, спомени од последните денови поминати во училишните клупи. Но сфативте дека во едно подобро време може да се организираат и екскурзија и матурска вечер, она што не може да се врати е човечкиот живот. На крајот, сакам да ви кажам дека бевте генерација за пофалба, некои повеќе, некои можеби помалку, но сите на некој начин вредни, одговорни, послушни и успешни. Се надевам дека нашите професори ви помогнаа подготвено и самоуверено да зачекорите по патеките што водат кон високо образование, професионални ангажмани и нови работни места – истакна Аврамов.