Со полагање цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, на Могилата на непобедените и на споменикот на Песјобрдце, Општина Прилеп денеска го одбележа 3 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.

Градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, претставници на АРМ, боречката организација, политички партии и здруженија на граѓани, се поклонија пред загинатите борци и им оддадоа почит на сите учесници во НОБ против фашистичкиот окупатор.

Честитајќи им го на своите сограѓани Денот на ослободувањето, градоначалникот Борче Јовчески истакна дека оставиме аманет на следните генерации да го чествуваат, почитуваат овој Голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Прилеп.

– Тука, на ова свето место, Могилата на непобедените, каде почиваат останките на борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град, на овој ден, кога го славиме Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, се поклонивме, им одадовме почит за нивното херојство, нивната жртва, за тоа што го дадоа за својот град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме, дека, како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, но и да го вратиме сјајот на Паркот на револуцијата, изграден во нивна чест, како и на сите споменици на културата. Но, и да им оставиме аманет на следните генерации да го чествуваат, почитуваат овој Голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Прилеп – истакна градоначалникот Јовчески.

По повод денот на градот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложба на дела од ликовната колонија „Дрен 2021“. Посетителите се запознаа со над 20 дела создадени од сликарите Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, нашите уметници Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова – Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.

Исто така градоначалникот Јовчески ја посети и изложбата „Арт хепенинг“ на Ротари клубот од Прилеп која јубилејно по 10-ти пат се одржа пред платото на НУЦК „Марко Цепенков“.

Вечерва на свечена седница ќе бидат врачени наградите Трети ноември, Златни плакети за животно дело, постхумно на новинарот Тачко Локвенец, на скулпторот Драган Попоски Дада и на општествениот работник Илија Адамоски, како и плакети и дипломи на институции и поединци. Ка.М.