Денеска во касарната Боро Менков во Куманово во организација на здружената оперативна команда при АРМ се одржа 5-тата по ред свеченост насловена како „Ден на здружената оперативна команда“.

На свеченоста која што патем започна со постројувањето и со рапортот на старешините од касарната „Боро Менков“ и со емитувањето на македонската химна присуствуваа Началникот на генерал штабот на АРМ, Генерал Мајор Васко Ѓурчиновски, генерали на АРМ, раководители во МО, началници во ГШ, здружението на борците од НОБ, здружението на ветераните, градоначалници, директори и раководители на државни институции, директори од приватниот сектор како и одбрамбените аташеа акредитирани во РМ.

На свеченоста за значењето на 17 октомври – Денот на здружената оперативна команда најпрвин говореше командантот на ЗОК, Генерал – мајор Павле Арсоски кој во своето излагање меѓу другото нагласи дека припадниците на ЗОК, а во правец на подршката на НАТО досега имаат учествувано на две билетерални обуки со партнерите од САД и Република Словенија како и на 14 меѓународни вежби во рамките на НАТО, надвор од државата.

Исто така тој напомена дека е особено важно дека ЗОК е длабоко навлезен во процесите на планирање на две важни планирани вежби во 2019 година на кои што АРМ ке биде организатор и домаќин. Вежбата РЕГЕКС-19 која е комплексна поради бројот на армии учеснички и вежбата Одлучен удар поради бројноста на учесниците и воената техника што воедно ќе биде и главното тежиште на ЗОК за 2019 година.

Денеска на овој ден кога одбележуваме 140 години од Македонското востание во Кресна треба да се потсетиме, но воедно и да се запрашаме дали сме вистински наследници на Димитар Поп Георгиев- Беровски, на Калмаков, на Карастоилов и на сите други големи имиња и настани од историјата на кои се повикуваме и чии што традиции ги негуваме.

-Ми претставува чест и задоволство да се обратам на овој свечен чин по повод одбележувањето на Денот на ЗОК. Вашиот придонес преку изградба и развој на командата и потчинетите единици е за почит во унапредувањето на севкупните одбанбени процеси. Бројните признанија за постигнатите успеси на вежбите и мисиите, воспоставените високи стандарди во обуката, ангажирањата во справување со природни непогоди и асистенција на органите на државата и локалната власт целосно ја оправдуваат нашата доверба во вас-истакна Началникот на ГШ на АРМ Генерал – Мајор, Васко Ѓурчиновски кој се обрати пред присутните.

-Резултатите се доказ дека сме достојни да ги извршуваме сите сложени работи кои се очекуваат од нас. Денешниот ден е значаен датум од македонската историја на кој сте носители на традициите, кога во 1878 година со кревањето на Македонското Кресненско востание се отпочнало тежнеењето да се оствари она што денес го имаме и кое како наша обврска треба да го негуваме и надградуваме-додаде Генерал Мајорот, Васко Ѓурчиновски.

Началникот на ГШ на АРМ, Васко Ѓурчиновски на заслужните старешини и на некои успешни граѓани од Куманово им подели одликувања и пригодни награди, а свеченоста на крајот заврши со настапот на КУД Срма од Куманово кои што пред многубројниот аудиториум изведоа сплет на македонски песни и игри.

Т.Д.