фото: Влада

Пругата Куманово-Бељаковце во должина од скоро 31 километар е завршена, инвестирани се преку 78 милиони евра. Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, директорот на ЈП ЖРСМ – Инфраструктура Синиша Ивановски, амбасадорот на ЕУ Михаил Рокас и шефот на канцеларијата на ЕБОР Фатих Туркменоглу, во Бељаковце пресекоа лента и го означија завршетокот на изградбата на оваа делница, дел од Коридорот 8. Претходно, претставниците на Владата се возеа со воз од железничката станица Куманово до Бељаковце.

– Она што претставува една важна симболика е што изградбат на ова пруга претставува и еден синоним за победа на една неуспешна и криминална транзиција и победа над сите лажни ветувања за градбата на оваа пруга која постојано беше ветувана не само во 90-тите години, туку и две и пол децении потоа. Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите за жал, на многу влади потоа – рече премиерот.

После 28 години се пушта модерната железница, во изградбата како што истакна пред присутните, премиерот вклучени беа компании од Италија, Словенија, Австрија и други европски држави, средствата се обезбедени од ЕУ и ЕБОР. Државата претставува природна крстосница на двата коридори 8 и 10, истакна Мицкоски и рече дека се стратешки проекти за Владата. Тој е убеден дека наскоро ќе заврши втората секција како и тендерската процедура за третата секција, со што целосно ќе се поврземе со источниот сосед.

– Со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија односно коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското – рече премиерот.

Тој се заблагодари на сите, особено на работниците кои вложија енергија и дел од животите во изградбата на пругата. Премиерот најави дека ќе се поврзат Куманово и Скопје и одредени денови возот ќе оди и до Бељаковце.

Во говорот тој додаде дека последниве денови пуштени се проекти во вредност од повеќе од 220 милиони евра.

– Сигурен сум дека и за овој проект ќе излезат од опозицијата и во отсуство на конструктивни идеи ќе кажат дека и ова го изградиле. Ја користам приликата да им се заблагодарам и на нив што во изминативе седум години како Влада не успеаја да го пуштат овој проект, па требаше да дојде ова Влада со коалициите „Твоја Македонија“, Вреди и политичката партија ЗНАМ да ги доврши, да ги пушти во употреба сите овие проекти во вкупна вредност од 220 милиони евра. Пораката е дека ова е пруга за сите, за граѓаните и тие ќе ја користат – рече Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на пуштање во употреба на новата пруга од Куманово до Бељаковце, рече дека регионот заслужува да се развие, пругата отвора дополнителни можности.

– Завршувањето покажува не само посветеност и одговорност, туку дека во Македонија можат да се реализираат и големи инфраструктурни проекти и оваа е само поттик да се продолжи понатаму и за втората фаза, а секако и за реализација и за третата фаза за којашто ќе ни треба заеднички договор со соседна Бугарија. И како што често кажувам, ова е за да се поврземе, а не да не се поврземе со Софија, бидејќи значењето на оваа пруга е доколку имаме целосно поврзување на коридорот 8 – рече Николоски.

Делницата ќе биде од корист за локалното население, за бизнисот. Вицепремиерот рече дека се инсистира и за карго сообраќајот да се развива и е зборувано за одредени делови на карго сообраќајот на оваа пруга.

Директорот на Инфраструктура, Ивановски рече дека делницата е рехабилитирана согласно европските стандарди и симболизира поврзаност.

– Извршена е замена на дотраените прагови, шини, како значителни инфраструктурни подобрувања вклучувајќи изградба на шест стојалишта, пет моста, седум надвозници и 11 подвозници, како и еден тунел – кажа Ивановски.

Изградени се три нови железнички станици во Бељковце, Ново Куманово, Шупли Камен, а извршена е и целосна реконструкција на железничката станица во Куманово.

Брзината е 100 километри на час, проектот е вреден 78 милиони евра, финансиски е поддржан од ЕБОР и од меѓународни партенри во различни фази. За Ивановски, изградбата е пример на посветеност сите нивоа на засегнатите страни, конекција помеѓу луѓе, градови, можности и е нова ера на мобилност и економски просперитет, логистика, еколошка одржливост, помали трошоци.

Амбасадорот Рокас рече дека проектите физички и симбилично ги поврзуваат сите и се „симболи се на споделената визија“, од што граѓаните и бизнисите имаат огромна придобивка.

– Железничката делница од скоро 31 километар е дел од железницата на коридорот 8, кој пак ги поврзува главните града, Скопје и Софија, а понатаму не поврзува и со пристаништата во Јонското и Црното море. Од друга страна се поврзува со остатокот од Европа, на тој начин спојувајќи ги сегашните и идните земји членки на ЕУ – рече Рокас.

Ова е првата фаза и втората е во тек кон Крива Паланка се спроведува со грант од инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ и со кредит од ЕБОР. Тој очекува во блиска иднина да почне и третата фаза, изградба на железницата до Бугарија.

Фатих Туркеменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР рече дека пругата овозможува поголема поврзаност, нови можности и поодржлива иднина за идните генерации.

– Како што гледаме кон иднината ЕБОР непоколебливо продолжува со својата заложба да го поддржи тековниот напредок на земјата, фокусирајќи се на инфраструктура, на растот на приватниот сектор и на проектите што ќе донесат долготрајни придобивки за граѓаните – рече Туркменоглу.

Пругата Куманово – Бељаковце се изградени нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, шест стојалишта, пет мостови, тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација.

На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10.000.000 евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед-осветлување.