Фото: Маја јаневска Илиева/илустрација

Со исказ на вешто лице од Судска медицина денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, пренесува МИА.

На претходното рочиште на 28 април Обвинителството презентираше медицинска документација и податоци за повредените што се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот.

Обвинителката Наташа Сарамандова ги презентира вештачењата за 157 лица со тешки телесни повреди, како и 65 оштетени, кои добиле телесни повреди. Од сите повредни во пожарот, 20-ина се деца.

Вештачењата на медицинската документација на повредените во пожарот на 16 март 2025 година констатира повреди од штетни гасови и интоксикација, тешки телесни повреди со изгореници на лицето, рацете, телото и грбот од 6 до 30 % од вкупната површина на телото, како и изгореници на дишните органи, оштетување на респираторната функција и повреда на дишните органи поради вдишување јаглероден моноксид.

Некои од повредените добиле и нагмечувања на главата и телото, скршени ребра и инхалаторни повреди оиради што била неопходна механичка инхалација, пад на кислородната сатурација до 80 %, нагмечни рани на рацете и телото, на очите и оштетувања и скршеници на градните прешлени.

Одбраната реагираше на изведувањето на доказите дека е само читање на листата со докази, а не читање и изведување докази.

Претходно, Обвинителството ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите.

Обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.

Кај пет од жртвите обдукциското мислење од Институтот за судска медицина исто така констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина. Обдукцијата на три од жртвите што почнале во текот на лекувањето исто така констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.

Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој, рече, содржи одговори на прашањата колкаво присуство во крвта е смртоносно и колку бргу настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколу биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.

Обвинителството исто така предложи на следното рочиште да биде повикано и сослушано вешто лице, кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања што произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.