Фото: МИА/Архива

Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за продажба на конфискуван имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

– Со денешната објава за продажба на недвижен имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, а со претходно донесена Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков – соопштуваат денеска од Агенцијата.

Станува збор за градежно неизградено земјиште со површина од 3880,15 метри квадратни и шума со површина од 634,38 метри квадратни, кои што се наоѓаат на место викано Големо Курило на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП.бр.283/2022 од Основен кривичен суд Скопје.

Од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека со продажбата на овие недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 126.638.882 денара или 2.059.000 евра.