Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Тетово присуствуваа на приказот на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата, во рамки на Отворените армиски денови кои се организираат во повеќе градови низ државата по повод четиригодишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.
Членството во НАТО, рече министерката, е исклучително важна, стратешка цел која ја достигнавме и горди сме на тоа, а преку овие отворени денови на Армијата граѓаните кои имаат и најголема доверба токму во Армијата можат одблизу да се запознаат со нејзината опрема и армиските припадници.

– Преку ваквиот тип на активности сакаме Армијата да ја приближиме до граѓаните кај кои ужива голема доверба и тоа ме радува. Сакаме да им покажеме на граѓаните што е она во што инвестираме и како ние ја гарантираме нивната безбедност и стабилност – рече министерката.

Петровска изрази задоволство од големата посетеност и интересот кај тетовци за овој отворен ден. Во Тетово можеше да се види различен тип на воена опрема, приказ на вештините и опремата на специјалните сили, како и настап на воениот оркестар.
