Фото: МИА

Васил Јанкула, познат како „преспанскиот херој“ организира акција за собирање на новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби, објавува МИА.

– По повод меѓународниот ден на солидарноста, заедно со моите пријатели ја реализиравме првата донација со новогодишни пакетчиња за децата и младинци со оштетен слух и говор во училиштето „Кочо Рацин” Битола, каде бевме топло пречекани од директорката и персоналот на училиштето – рече Јанкула во изјава за МИА.

Тој денеска го посетил Дневниот центар за лица со посебни потреби во Ресен.

Кога постои желба, љубов, упорност во животот сѐ, се може. Денес топло ми беа отворени вратите во Дневниот центар за лица со посебни потреби Ресен. Ви благодарам на сите што дониравте за нив, за нивната мала насмевка – вели Јанкула.

Тој го доби епитетот „преспански херој“ го доби откако со своите подвизи покажа како е да им се пркоси на предрасудите и попреченоста.

Васил Јанкула е роден со церебрална парализа и во 2019 година направи тура со својот трицикл низ цела Македонија, со цел да докаже дека буквално „сите се исти“ и дека неговиот пример треба да го следат и другите лица со попреченост.