Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Советот на Град Скопје подолжија препукувања меѓу советниците на ВМРО – ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска на тема неисплатени плати во ЈСП.

Фото: Макфакс

Има причина зошто СДСМ и ДУИ не гласаа за потребата од итноста за оваа вонредна седница во време кога граѓаните на град Скопје не можеа да се превезуваат до своите работни места или до местата каде што имаат потреба со јавен автобуски превоз – истакна Стефан Андоновски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје на денешната седница.

Тој истакна дека има причини зошто се бунтуваат на протести затоа што овој проблем на немање јавен автобуски превоз е проблем на коалицијата ДУИ – СДСМ – Данела Арсовска.

– Ќе објаснам зошто. Директорот на ЈСП, кој вчера најави дека автобусите нема да сообраќаат, а неговиот колега најави дека ќе протестираат, е член на СДСМ во една од општинските организации, поставен од градоначалничката без консултација со Советот, ни со надзорен ни со управен одбор. Протестот е пред Владата на СДСМ, а сметаат дека треба да има протести оти МОН не му префрлило 2 милиона денари на Град Скопје, а министер е кадар на ДУИ, Јетон Шакири – рече Андоновски.

Тој посочи дека во исто време кадри на ДУИ се раководства на јавни претпријатие во град Скопје поставени од третата алка во оваа коалиција ДУИ – СДСМ – Данела Арсовска.

– На крајот, велат дека ВМРО-ДПМНЕ било виновно. Не. ВМРО-ДПМНЕ ви го пресекува овој Гордиев јазол и повикуваме Град Скопје да ги обезбеди финансиите за ЈСП во најбрз можен рок, да ја искористи можноста со ребалансот. Градоначалничката рече дека повеќе години се натрупувале долгови во ЈСП. Точно е, над 5 години СДСМ го владее ова претпријатие. Имате раководство сега на СДСМ, претходно време на Шилегов и ДУИ, кое е во коалиција, ама не сака да исплати пари од МОН и тука ја имате Данела Арсовска, која не знае со кого си фатила работа – нагласи Андоновски.

Фото: Макфакс

Она што претставува вистинска штета е тоа што додека Владата и Градот си ја префрлаат топката едни на други, едните велат дека на другите им должат два милиони евра, а првите велат дека не е точно. Најмногу трпат граѓаните кои се вработени во ЈСП кои се над илјада семејства кои не добиваат плата редовно, и оние кои ги користат услугите на ова јавно претпријатие, а чие користење е доведено во прашање – рече советникот во Град Скопје, Луке Галески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него „она што е вистинска штета е дека дури и да ја донесеме оваа одлука денес која ќе ги залечи раните на претпријатието нема да го реши проблемот, прашање на време е кога повторно ЈСП ќе заглави вака, иако помагаме не го решаваме проблемот затоа што изворот на проблемот е двостран Владата и неспособноста на градската админиситрација“.

Галсеки истакна дека прашања кои заслужуваат одговори се: “зошто ако Владата должела два милиони евра на ЈСП, Градот и Арсовска не кажаа збор за тоа дека на пример Клинички должи два милиони евра на Водовод каде Арсовска си направи политичко харикири, зошто директорот на Улици и патишта молчи што Градот му должи милион евра и зошто ако сето ова го има на товар Арсовска со толку многу долгови прави тендери и троши пари за анкети“.

– Госпоѓо Арсовска вака ако продолжите вашиот рејтинг оди кон нула. Помина месец дена од политичкото разидување со ВМРО-ДПМНЕ, а денес на дневен ред разговараме за банкротирано претпријатие, банкрот, хаос, огромни долгови, матни ликови за кои се говори дека одат по институции и договараат тендери, и една политички чудна но логично криминална и медарски расположена коалиција составена од една партија на власт, друга партија на власт која што полутајно ја поддржува градоначалничката и секако Арсовска со неколку луѓе околу неа. За жал вака изглледа Скопје кога Арсосвска го води – рече Галески.

Тој укажа дека за прв пат по формирањето на ЈСП, претпријатието не е во состојба да ја извршува функцијата за која е формирано. Тоа, додаде Галески, говори дека менаџерката на Градот не менаџира со она што е основна функција на претпријатието и за ова може да се бараат изговори во ВМРО-ДПМНЕ, но факт е дека таа си го постави директорот.

– Директорот е предвесник на полутајната коалиција. И да ги кажеме состојбите какви што се, зошто СДСМ за состојбите во ЈСП го обвинува ВМРО-ДПМНЕ, на вакво прашање не треба да се ловат политички поени, но доколку ги гледаме низ политичка призма јасно кажува фотографијата на која до директорот во седиштето на СДСМ седат советници од СДСМ и ова кажува дека не е професионален кадар, туку кадар по медарскиот карактер на Арсовска – додаде Галески.

Тој потенцираше: „жално е што се расправа за ова, градоначалничките имате мед, медот го добивате, ама треба да знаете дека по медот доаѓа и пелинот, со здравје да си го носите“.

Фото: Макфакс

Се кажаа многу работи на оваа говорница, но за жал не сите беа вистинити. Кога зборуваме зашто некој оди по улици, денес истиот тој човек не беше да отвори гранапче, туку беше на место каде што ќе биде започнат со градба заедно со градоначалникот на Кисела Вода еден современ пазар којшто граѓаните на Кисела Вода го бараат долги години. Тоа е така затоа што градоначалничке на политичарите нам ваквите работи ни се светост. За разлика за жал на Вас и на тие околу Вас што не ви се баш приоритет. И токму затоа и Мицкоски, и Галески, и Андоновска, и Андоновски, и Нелоски, сите ќе отидеме секаде каде што сме ветиле нешто дека ќе го направиме, кога ќе започнеме да го правиме тоа нешто или пак кога ќе го завршиме, бидејќи ќе повторам Програмата пред која што сме излегле како советници, градоначалници, и се останато, и како партија имаме обврска да ја исполниме – истакна Владимир Нелоски, советник во Советот на Град Скопје од редовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Нелоски додаде дека токму затоа ќе одат бидејќи ќе има со што да се пофалат.

– Можеби вас ви е криво бидејќи кога одите не може да најдете друштво за да отидете на некој од тие проекти, кои што за жал ги има се уште во мал број. Се надевам дека ќе се зголемат. Во однос на директорот на ЈСП, ви благодарам што признавте пред јавноста дека јас како човек, но и ВМРО-ДПМНЕ како партија има широкоградост кога се работи за граѓаните на Скопје, и интересите на граѓаните на градот Скопје, и дека не не интересирало некој дали е од одредена политичка партија се додека е тој професионалец. Да, немаме никаков проблем со ниеден човек, доколку е професионалец и си ја врши својата работа. Но, истиот тој директор Александар, има телефонски број од тие што биле пред него и тие што сега во моментов седат на 500-тини метри од нас во влада. Требаше да чекаме толку за да реагираме? Зашто не ги побараат своите сопартијци истиот тој директор пред четири месеци кога гледаше дека е алармантна ситуациајата – запраша советникот.

Тој и се обрати на градоначалничката при што рече:
– Повторно се занимавате со медарство, пчеларство и се останато. Но, од оние информации кои што ги имам јас не сте толку храбра кога давате исказ каде што кривично ќе одговарате ако дадете лажен исказ. Како што сте храбра сега на оваа говорница, да велите за некој дека е криминалец, а без да имате еден единствен доказ кој што го потврдува тој криминал. Вашето сомневање поради тоа што некој не комуницира со Вас градоначалничке не е криминал – додаде Нелоски.

– Ова претпријатие и Градот Скопје бидејќи се зборува за матни ликови тука на говорница, можеби едно од причините за финансиската состојба и неможноста на Градот да му помогне на ЈСП е тоа што поради не знам кои причини за првпат можеби во историјата на Градот Скопје законската обврска за пресметка на комуналии која што еобврска на Градот да биде пресметана и да биде дадена на инвеститорите кои што сакаат да инвестираат се држи по не знам колку месеци. Зашто? И јас се прашував додека не дознав дека одредени инвеститори биле посетувани до луѓе блиски до Градот за да им се понудат за помош за да им бидат убрзани пресметките за комуналии. Нешто кое што ниеден градоначалник и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ, и независен во историјата на Градов не го оспорувал и не го кочел – рече Нелоски.