фото : принтскрин

Стојаноска: Францускиот предлог ќе направи невиден геноцид врз македонскиот народ

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од денешната седница на која втор ден се дискутира за владините заклучоци по однос на Францускиот предлог за спорот со Бугарија обраќајќи се до владините преставници, од кои присутен беше само вице премиерот за евро интеграции, Бојан Маричиќ рече дека тој нека го слушне нејзиното слово денеска од собраниската говорница и дека како во изминатите години така и денеска гласно ќе зборува за проблемите со кои се соочува Македонија и македонскиот народ.

– Мачно ми е на душава и не сакав до ова да дојде. Знам дека во политиката нема место за емоции, па ќе се обидам истите да ги тргнам настрана. Моите колеги од минатиот и од сегашниот состав, а тоа е втората категорија на која денес сакам да им се обратам, исто така се надевам дека ги паметат моите говори за одбележувањето на Охридскиот рамковен договор. Едниот беше 2018, другиот 2020 година. И повторно тогаш некои ми честитаа за храброста, а некои за лудоста јас да се осмелам да говорам за оваа тема. И да, Охридскиот договор и денес не потсетува за жртвите, и денес не предупредува да внимаваме за секој кажан збор, секој преземен чекор и секоја донесена одлука. Ако Охридскиот договор остави многу жртви зад себе и за секоја измината година ни остава простор да се помириме со тоа и да ги тагуваме нашите жртви, секој со својата болка и кауза, Францускиот предлог и сите кои сметаат дека е единствен, најдобар и последен ќе направи нов и до сега невиден геноцид врз македонскиот народ – порача Стојаноска и додаде дека ако на Македонецот му го одземете или негирате јазикот, тогаш го правите нем и невидлив, го бришете од картата на постоењето и опстојувањето.

Петкова: Според кои европски стандарди ние Македонците треба да се откажеме од македонскиот јазик, историја и така обезличени да влеземе во ЕУ?

Со францускиот предлог сведоци сме на страшен геноцид. Зарем на овој начин треба да влеземе во ЕУ, така понижени и обезличени? За сите земји во ЕУ важат закони, норми, конвенции, само за нас не важат, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова на денешната собраниска седница.

Таа истакна дека оваа процедура во ова собрание е чиста фарса, владата само сака да си обезбеди алиби.

– Во оваа информација се споменуваат Копенхашките критериуми кои гарантираат демократија и владеење на правото. Кажете ми според кое право и европски стандарди ние Македонците треба да се откажеме од македонскиот јазик, историја и така обезличени да влеземе во ЕУ? Дали сте свесни што ќе гласате и потпишете?- праша Петкова и додаде дека нема никакви гаранции дека нема да има понатамошни условувања од страна на Бугарија. Напротив барањата ќе се множат и нема да имаат крај.

Петрушевска: Протоколот е скандалозен, окупациски и спротивно на Декларацијата која ја усвоивме во Собранието

Денес сведочиме на еден голем срам и дебакл кога станува збор за надворешната политика и преговарачкиот тим на оваа Влада. Денес пред нас имаме бугарски диктат, и тоа е чувство кое преовладува секаде надвор од ова Собрание, изјави Марија Петрушевска пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– За жал спротивно на европските вредности ние денеска имаме ултиматум и затоа велам НЕ за политичка агресија и асимилација на граѓаните и на Република Македонија. Се уште многу се свежи но уште поболни сеќавањата, состојбите, уцените, прогоните, притисоците. Протоколот е скандалозен, барем од она што можевме да го прочитаме и видиме во медиумите бидејќи се уште играме криенка со истиот. Окупациски, спротивно на политиката на проширување на Европската Унија, спротивно на Декларација која сите овдека ја усвоивме во Собранието и спротивно на националните интереси на Македонија – рече Петрушевска.

Коцевски: ДА за Европска Унија, но не по секоја цена со уцена и дискриминација за мојот македонскиот народ

Зборовите кои го отсликуваат ова денес се два, фарса или циркус и предавство. Фарса е затоа што денес бандитите и криминалците од оваа Влада ни го испраќаат овој лист хартија со кој ни кажуваат дека започнуваме преговори во Европската Унија, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски на денешната собраниска седница кој посочи дека парадоксот со тој лист хартија е тоа што не само што не започнуваме преговори туку тоа значи крај на европските интерграции под овие услови.

Судот од Стразбур донесе 14 пресуди против Бугарија, ама сега од нас бараат да овозможиме недискриминација за Бугарите иако нема дискриминација – порача Давкова

Врвни правници познавачи велат дека кредибилитетот на ЕУ ќе се соочува или ќе падне на случајот Македонија. Затоа што по 17 години ДА од парламентот и ДА од Европската Комисија и НЕ од Советот, и во последниот извештај што пишува има само евалуација дека кредибилитетот ќе биде загрозен ако не добиеме почеток на преговори, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова на денешната собраниска седница.
– Прашувам дали во било кој извештај во овие 17 години сте прочитале збор за дискриминација на бугарското малцинство Македонија? Не. Дали знаете што кажа Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците? Дека е далеку од европските стандарди – рече таа.
Сиљановска Давкова истакна дека Судот од Стразбур донесе 14 пресуди против Бугарија, ама сега од нас бараат да овозможиме недискриминација иако ја нема дискриминацијата.
– Дали во спогодбата на Бугарија со Македонија се бара внесување на Бугарите во Уставот? Не. Дали кога не признаваа поставуваа ваков услов? Не. Дали во 1999 поставија ваков услов? Не, посочи Сиљановска Давкова.
Таа истакна влезот во ЕУ дека ова требаше да биде обединувачки фактор, но власта не дозволи опозицијата да учествува во градењето стратегија со Бугарија.

Мисајловски: Тоа што стои во договорите е неевропски, не хумано и нечовечки, тоа не се европски вредности, тоа е понижување и предавство

Ова што се случува во Собранието е една голема фарса и ќе се носат едни пусти закучоци. Зошто го говорам ова, бидејќи ниту еден заклучок овде донесен не може да смени ниту еден документ што беше презентиран како европски, изјави Владо Мисајловски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Тој додаде дека за жал нема ништо да се смени, бидејќи оддамна рекле да и тоа мора со сила да го протуркаат, велат дека започнува европскиот пат, дека започнуваат веднаш преговорите, но тоа не е така.
-Во вашите документи што сте ги прифатиле се вели дека оваа преговарачка рамка ќе се презентира кога Македонија ќе ја спроведе својата заложба завршување на уставните промени. Тоа македонски народе значи дека се лаже и се суши бидејќи со овој документ не се започнуваат преговорите. Ќе се чека нова меѓувладина конференција, Албанија ги започнува преговорите, а не Македонија и тоа треба секој да го знае –  кажа Мисајловски.