Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и генералниот секретар, Љупчо Николовски, денеска се сретнаа со претседатели и претставници на партиите од коалицијата „Можеме“.

Од страна на коалициските партнери беше дадена целосна поддршка за договорот за коалицирање со партијата ДУИ, како и вредностите и принципите што произлегуваат од него во насока на брза трансформација на државата.

Од СДСМ велат дека од сите политички субјекти во коалицијата „Можеме“ ќе бидат предложени квалитетни, чесни и одговорни кадри, кои, како што велат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи на новата влада.

Пред присутните претседателот Заев ги претстави главните приоритети на новата влада за следниот четиригодишен мандат.

– Новата влада предводена од СДСМ главен фокус ќе стави на јакнење на економскиот стандард и уште поголема грижа за сите. Сериозно ќе се посветиме на реформи во јавната администрација и намалување на нејзиниот обем за 20 отсто. Истовремено, ќе се посветиме на прочистување на судството, проверка на имотот и капиталот на секој функционер и неселективна борба против корупцијата. Силно сме мотивирани на обезбедување чист воздух и здрава животна средина преку широка мобилизација на сите капацитети. Секако како еден од главните приоритети е и напредокот во евроинтегративниот процес преку почетокот на преговорите и отворањето на првите поглавја. За тоа да го реализираме, потребни се чесни, одговорни и професионални кадри, кои ќе раководат со институциите. Во овој период течат сериозни разговори со коалициските партнери за да се најдат најодговорните и најдобри кадри за одредени ресори, со што секоја партија од оваа коалиција би дала свој удел во водењето на институциите во следните 4 години – истакна Заев.

Претседателот Заев им честита на коалициските партнери за победата на изборите на 15 јули посочувајќи дека со победата се потврди европскиот пат на државата, тоа ни дава чест и обврска да работиме уште повеќе на домашен план во следниот четиригодишен мандат.