Турција и САД се двете држави со кои Македонија има договори за стратегиско партнерство. Но денес, по 15 години од нивното официјализирање, соговорниците што се упатени во оваа проблематика легитимно го поставуваат прашањето, во името на јавноста, колку и дали правилно и доволно Македонија ги искористила потенцијалите на двете партнерства, во случајов конкретно со Турција. За можностите и потенцијалите што ни се на располагање од стратегискиот договор со САД, редакцијата анализираше неодамна. Овој пат правиме осврт на стратегискиот договор со Турција, а повод ни беше одбележувањето на стогодишнината од Денот на Република Турција
Уште еден договор за стратегиско партнерство на Македонија како неискористена шанса да профункционира во полн капацитет
На 29 октомври 2023 година Турција ја одбележи стогодишнината од Денот на Републиката, кога основачот на модерната турска држава, Мустафа Кемал Ататурк, официјално ја прогласи земјата за република. Пред само неколку дена, со повеќе парадни манифестации, во Турција се славеа достигнувањата и напредокот на земјата во изминатиот модерен век на Републиката, која ја наследи неколкувековната Отоманска Империја. И Република Турција, како што е официјалното име на државата, во изминатите 100 години доживеа болни транзиции од еднопартиски во повеќепартиски систем, воен удар во 1960 година, речиси една деценија улични борби во 1970-тите, по што се случи уште еден државен удар, и многу нестабилни коалициски влади во 1990-тите до 2002 година. Турската држава, која се темели на идеалите како што се демократија, еднаквост, владеење на право и секуларизам, ги преживеа сите овие помали или поголеми случувања. Она што е извесно денес за меѓународната позиција на Турција е дека е земја што е важен и влијателен геополитички фактор, членка на НАТО, практично од самите почетоци на Алијансата. Но, токму таму, во западниот свет, особено во последната декада, Турција се доживува како „држава со сè поавторитарна практика, која постепено се оддалечуваше од владеењето на правото и демократската поделба на власта“.
Турција умешно ги минува сите сцили и харибди во меѓународниот поредок и таа неспорно е високопозиционирана регионална сила, без која не може да се решаваат многу меѓународни политички прашања. Иако економската ситуација, кризата и инфлацијата имаат сериозен импакт, сепак, Турција покажува (економско-политички) карактер за излез од кризата, а токму карактерот на еквидистанца, сето тоа поддржано од внатрешните потенцијали и ресурси, ја прави Турција неодминлив фактор со кој треба да се негуваат добри билатерални односи. А Македонија има и меѓународна формалноправна рамка за тоа!
Релацијата Турција – Македонија
Билатералните односи на Македонија со Турција се мошне важен момент на поддршка уште од почетокот на македонската независност, од 1991 година. Турција е првата земја што целосно ја призна неазависноста на Македонија, со сите атрибути на сувереноста, на државата и на македонскиот народ. Поддршката на Турција е и политичка и економска во текот на сите години македонска државна независност, а во 2008 година, по неуспешниот обид за членство на Македонија во НАТО, беше потпишано и стратегиско партнерство на двете земји, покрај она што е потпишано со САД. Турција и САД се двете држави со кои Македонија има договори за стратегиско партнерство, но денес, по 15 години од нивното официјализирање, се поставува предизвикот за давање конкретен импулс на македонската политика, дали правилно и доволно ги искористила потенцијалите на двете партнерства, во случајов конкретно со Турција.
Поранешната македонска амбасадорка во Турција, Мелпомени Корнети, која има и работено на подготовката на текстот на договорот за стратегиското партнерство, смета дека од наша страна не биле соодветно искористени потенцијалите на партнерството, и тоа во сите државно-општествени аспекти наведени во документот.
– И пред договорот за стратегиско партнерство, Турција беше силен, искрен и коректен поддржувач на Македонија, како независна држава. Стратегиското партнерство всушност беше уште една официјално документирана поддршка на Турција, во 2008 година, кога беше ставено вето на приемот на Македонија во НАТО, на самитот во Букурешт. Морам да нагласам дека Турција секогаш, нагласувам секогаш, во документите на НАТО наведуваше со фуснота дека нѐ признава под нашето уставно име Македонија, а ние не се ни обидовме да ја факторизираме таа поддршка и нашите политичари се одлучија на промена на името на државата за членство во Алијансата. Секако дека со таквиот потег ја изгубивме таа ексклузивна поддршка од Турција. Сепак, стратегиското партнерство предвидува широк опсег на соработка, особено на економски и инвестициски план. Имам информации дека и покрај сите настојувања на турските инвеститори за вложувања во Македонија, тие тешко се пробивале. Општо земено, не е искористен потенцијалот на стратегиското партнерство во доменот на економската соработка, кога можеше да се случи тоа, додека односите беа во подем, некаде до 2015 година. Сега, кога Турција е во економска криза, можеби веќе и нема толку можности и интерес за инвестиции во Македонија. Од друга страна, и политичките траектории на развој, и во Турција и во Македонија, како да тргнаа во поинакви насоки, што се одразува и на економската соработка, иако можностите наведени во документот за стратегиско партнерство и понатаму формално постојат – вели поранешната амбасадорка во Турција Мелпомени Корнети, која додава дека долго време, врз основа на договорот за стратегиско партнерство во областа на безбедноста, Турција годишно донирала два милиона евра за македонската армија, а биле спроведувани и обуки на армиски офицери и полицајци во безбедносните центри за обука во таа земја.
Можностите за безбедносна соработка се многу пошироки поради стратегиското партнерство со Турција
Кога станува збор за безбедносниот аспект на стратегиското партнерство со Турција, професорот на Воената академија во Скопје, Оливер Андонов, наведува дека безбедносните прашања не треба да се сведуваат само на соработка за помош и донации за војската и за полицијата.
– Многу се пошироки можностите за безбедносна соработка врз основа на стратегиското партнерство со Турција. Во капацитетите на ова партнерство се и соработка на безбедносно-разузнавачките служби, заеднички обуки за проценка на безбедносно-политичките ризици, заеднички обуки и вежби како партнери во НАТО, но и соработка за обуки на службите за спасување… Постојат многу повеќе можности и потреби за континуирана соработка и размена на информации, на пример за ризиците од радикализам и тероризам, кои, за жал, не се користат. Нивото на соработка во безбедноста главно се сведува на помош и донации за војската и за полицијата. Со оглед на ексклузивниот статус на соработка што го имаме според договорот за стратегиско партнерство, се чини дека во последно време и политичките односи со Турција не ни се највисоко ниво. Како може да се толкува „посетата на минување“ во Турција на македонскиот претседател Стево Пендаровски, речиси без никаква официјална комуникација со ниту еден официјален турски политичар? Или отворање почесен македонски конзулат во Турција, од македонски министер за надворешни работи, повторно без присуство на претставници на турската државна или локална власт? Таквото однесување на македонските политичари, во најмала рака, говори за недипломатско однесување, кое би можело да се толкува како навредливо за земјата домаќин – вели професорот Оливер Андонов.
Поддршката на Турција за Македонија, од секој аспект – политички, економски, безбедносен, била искрена, без задни намери и условувања
Поранешниот министер за странски инвестиции и лидер на Партијата за движење на Турците во Македонија, Андан Ќахил, вели дека интересот на Турција за стратегиско партнерство со Македонија бил изразен уште многу порано, речици цела деценија, пред официјално да биде реализиран документот во 2008 година.
– Поддршката на Турција за Македонија, во секој аспект – политички, економски, безбедносен, била искрена, без задни намери и условувања. Од самиот почеток, признавањето на независноста на Македонија беше целосно, со признавање на државноста и на македонскиот народ. Во таков дух беше и интересот на Турција за економска соработка, која на почетокот беше изразена како помош во нафта, храна и други производи, за време на ембаргото што Грција ѝ го наметна на Македонија. На меѓународен план, Турција секогаш потенцираше дека ја признава нашата држава под името Македонија, а тоа со фуснота го изразуваше и во документите на НАТО. Дури и на последните средби со турскиот претседател Ердоган, во 2017-2018 година, тој го советуваше тогашниот македонски премиер Зоран Заев да не се менува името на државата. Договорот за стратегиско партнерство во 2008 година, всушност, дојде како израз на засилена поддршка на Македонија по самитот на НАТО во Букурешт, но го одразуваше официјално континуитетот на претходната соработка и поддршка. Како министер за странски инвестиции, имам потпишано договор за слободна трговија со Турција и, секако, работено на договори за повеќе големи инвестициски проекти. Но се чини дека во последните шест-седум години е запоставен фокусот на соработка со Турција, на сите полиња. Во настојувањата за европеизација, Македонија како да тргна многу еднонасочно, прифаќајќи ги безусловно сите барања на другите соседи, земји членки на ЕУ, запоставувајќи ги своите политички и економски приоритети. Турција, за соработка на сите полиња, не поставува никакви услови, а ние го запоставивме договорот за стратегиско партнерство, за туѓи интереси. Првично беше наведено дека тој договор треба да се обновува, актуализира, секоја година. Ако ние не покажуваме интерес за соработка подолго време. Многу лесно може да се случи и Турција да го изгуби својот интерес за инвестиции и да го пренасочи на други страни. А и понатаму има простор за инвестиции, особено за производствени капацитети, но наше е да ги обновиме приоритетите од стратегиското партнерство со Турција – вели професорот Аднан Ќахил, политички претставник на турската заедница во Македонија.