Фото: Игор Бансколиев

Резултатите од анкетата упатуваат на еден опасен општествен тренд, кој во иднина може да продуцира анксиозни, незаинтересирани и пасивни генерации, за кои реалниот свет е само извор на проблеми, па наместо да ги решаваат, излезот го бараат во уште поголемо поминување време во виртуелниот свет. Психолозите во врска со овој проблем се категорични дека од ваквите генерации не може да се очекува да бидат идна движечка сила на општеството, туку, напротив, за нив не постои вистинска мотивација да направат нешто во вистинскиот свет

Анкета на АЕК за времетраењето на користењето интернет-пристап од страна на малолетните лица

Во време кога родителите се преокупирани со секојдневни обврски, сето тоа дополнето со долготрајната пандемија, како и со постојаниот притисок од економската и енергетската криза, која сè посилно тропа на вратата, децата се тие што ја плаќаат цената на овие состојби.
Клучниот момент беше пандемијата, која ги остави најмладите две и пол години без социјализација со нивните врсници во училишните клупи, што резултира со уште поголемо поминато време покрај компјутерите. Сега, во целата ситуација со инфлацијата, немаштијата, неизвесноста, родителите едноставно сета енергија ја насочија кон решавање на егзистенцијалните проблеми, а помалку на време поминато со своите најмили, кои едноставно му ги препуштија на виртуелниот свет.
Тоа го потврдуваат и податоците од неодамнешната анкета направена од страна на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), кои покажуваат дека малолетните лица во просек поминуваат и повеќе од пет часа приклучени на интернет. Во последните четири години, како што се наведува во анкетата, се забележува тренд на раст во бројот на домаќинства каде што интернет-пристапот го користат и малолетни лица. Во 2022 година, дури 43,2 проценти од испитаниците одговориле дека малолетни лица користат интернет во нивното домаќинство, а дури кај 85,6 проценти од нив малолетните лица користат интернет секој ден.
Резултатите од анкетата упатуваат на еден опасен општествен тренд, кој во иднина може да продуцира анксиозни, незаинтересирани и пасивни генерации, за кои реалниот свет е само извор на проблеми, па наместо да ги решаваат, излезот го бараат во уште поголемо поминување време во виртуелниот свет.
Психолозите во врска со овој проблем се категорични дека од ваквите генерации не може да се очекува да бидат идна движечка сила на општеството, туку, напротив, за нив не постои вистинска мотивација да направат нешто во вистинскиот свет.
– Кога еден млад човек ќе помине пет или шест часа на интернет, начинот на кој потоа ги гледа работите во нашиот, вистински свет, е поинаков. Идеализирајќи ги нештата како во игрите, надвор од тој свет децата гледаат еден несовршен свет, во кој не можат да ги остварат соништата што им ги наметнува виртуелниот свет. Тука настанува проблемот. Тие стануваат анксиозни, несигурни, пасивни и едноставно немаат никаква волја да направат нешто – вели Мирјана Стојановска-Јовановски, психолог.
Според неа, таквите генерации едноставно немаат сила и способности да одговорат на предизвиците со кои во иднина треба да се соочат, а уште помалку да водат држава.

– Ќе дојдат на власт некои што не пораснале така, кои растеле во некоја поинаква средина, без компјутери, и во која ги развиле својата агресија и борба за живот, бидејќи овие компјутерски генерации не знам колку ќе бидат способни да се изборат за нештата што ги сакаат. Тие ќе владеат зашто живееле во реалниот свет и гледале како се функционира таму. Преостанатите, кои со часови седеле пред компјутер, остануваат пасивизирани и затапени за сè што се случува околу нив. Едноставно, не размислуваат надвор од рамката. Кога знаеме каков треба да биде еден човек за да се избори за место во општеството, што подразбира да биде поагресивен, да се бори за она што го сака, да работи да ги оствари своите цели, овие „виртуелни“ генерации немаат ништо од тоа. Тие се пасивни и утре физички нема да можат да ја издржат работата од осум часа дневно во канцеларија. Ќе бидат незадоволни, нема да сакаат да работат за овдешните плати и сето тоа на крајот ќе резултира со нивно заминување од земјата, во потрага по тој виртуелен сон, без да бидат свесни за нивните вистински способности – потенцира Мирјана Стојановска-Јовановски.
Таа уште додава дека ако продолжи оваа практика со седење со часови пред компјутер, сериозно ќе биде оштетена психата на детето, а тоа ќе се одрази и врз семејството.
– Ако продолжи оваа практика повеќе години, на децата ќе им биде оштетена психата. Потоа ќе страда целото семејство, бидејќи тоа не се поврзува оти секој си живее во тој свој свет, секој гледа во некој екран на некој уред. Едноставно, семејството и меѓусебната комуникација исчезнуваат. Но за тоа не се виновни децата, туку возрасните, кои им ги дозволуваат сите тие технолошки уреди. На родителите им е полесно да им дадат на децата телефони, таблети или компјутери, само да не им пречат. Затоа треба кај родителите да се изгради култура како и колку да се користат овие уреди од страна на децата, бидејќи тие самите не се свесни за тоа – појаснува психологот.
Покрај овој аспект, Стојановска-Јовановски предупредува и на други моменти што се резултат на повеќечасовното седење пред компјутер.

– Прво, проблемот е физички. Пет часа дете да седи на стол и да не мрда, не е добро од физички причини. Немаат активност, не се развива мускулатурата, послабо и плитко дишат, едноставно секоја седечка работа не е добра. Второ, се губи контакт со вистинската реалност во животот во кој живеат и, трето, наместо вистински да среќаваат луѓе, тие виртуелно среќаваат некого, дискутираат, или воопшто не дискутираат туку само си играат. Тие добиваат и развиваат некои способности од содржините што ги гледаат на интернет, но тоа не им помага да живеат во реалноста. Начинот на кој потоа ги гледаат работите е поинаков, тие ги идеализираат нештата како во игрите, но во реалноста сфаќаат дека тоа не е така. Не може да се исклучи ниту појавата на анксиозност кај дел од нив – заклучува психологот Мирјана Стојановска-Јовановски.
Како и да е, силното влијание што го има интернетот врз децата воопшто не е за потценување, а насилствата инспирирани токму од насилните игри, самоповредувањата предизвикани од влијанијата на социјалните мрежи, само покажуваат дека на овој проблем му е потребен сериозен пристап. Ако на сето ова се додадат психички осакатените генерации, кои наместо да го придвижат светот во вистинска насока, го претворат во пасивна безидејна средина, тогаш прогнозите за нашата иднина не се премногу розови. Можеби сите тогаш среќата ќе ја побараат во некоја виртуелна стварност, ставајќи точка на секаква можност за создавање здрави и силни општества.