Не е дефинитивно влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата, но шансите за тоа се огромни. Околу 90 проценти од програмските определби се синхронизирани, но за кадровските решенија воопшто не разговаравме, изјави денеска лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски.
За кадровските решенија, како што посочи, ќе разговараат во текот на следните неколку дена.
– Се надевам дека во текот на денот и од Владата ќе информираат за работите за кои сме договорени. Воопшто не разговаравме за кадровските решенија, но се надевам дека деновиве кои се пред нас ќе го отвориме и прашањето за кадровските решенија. Најмногу се задржавме на програмските определби на нашата партија и Владата и за работи кои треба да ги истераме заедно во периодот што останува до крајот на мандатот на оваа Влада. Станува збор за определбата на државата за евроинтеграции, закони за борбата против корупција, законот за влада и други закони – рече Таравари.
Тој додаде дека еден од ресорите за кои „имаат најдобри кадри“ е Министерството за здравство, но напомена, дека разговор оваа тема воопшто не бил започнат.
На средбата, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата, информираат од Владата.
– Разговарани беа придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави. Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа и неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ. Со оглед на програмската хармонизираност и заложбата за остварување на државните приоритетни цели, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа и се согласија за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините, со крајна цел – внатрешна кохезија и меѓународна интеграција на Северна Македонија, но и иден брз напредок и развој на државата – се наведува во владиното соопштение.
Дополнително, како што се истакнува, Ковачевски и Таравари разговарале за ефикасното справување со енергетската и економската криза, економскиот развој како и носењето на реформски закони кои значат унапредување на функционирањето на државата како што се законските решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој.