Меѓу другото, во работниот дел од програмата, учесниците на конгресот имаа можност да следат излагања на професорите од Правниот факултет при УКИМ во
Скопје, како и искусни познавачи на правото, по што се развиваше богата и плодна дискусија. Успешен организатор на овој студентски собир беа Факултетското
студентско собрание и студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Заврши „Охридскиот конгрес на правото 2022“
Со врачување сертификати за учество заврши официјалниот дел од „Охридскиот конгрес на правото 2022“, собир на околу 150 учесници млади правници-студенти од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кои изминатите четири дена во Охрид слушаа предавања и организираа дебати во рамките на темата „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“. Успешен организатор на овој студентски собир беа Факултетското студентско собрание и студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Меѓу другото, во работниот дел од програмата, учесниците на конгресот имаа можност да следат излагања на професорите од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, како и искусни познавачи на правото, по што се развиваше богата и плодна дискусија. Се разбира, организаторите се покажаа како добри домаќини, па за сите учесници имаа организирано и богата програма во рамките на слободното време меѓу предавањата и дебатите, богата културно-уметничка програма со разгледување на Охрид и околината, но и забава, за подобро запознавање и размена на искуства.
– Огромна чест и задоволство ми беше што го организиравме овој конгрес. Како што напоменав и претходно, за нас организацијата на претходниот ваков конгрес во Будва беше голема инспирација, па уште таму напоменав дека сакам следно да се видиме во Охрид наесен, на конгрес во наша организација. Сега можам само да кажам: ветено – сторено. Навистина се видовме во Охрид, имавме одлични дружби, одлични предавачи, благодарни сме им на сите што беа дел од овој конгрес – студенти, професори, адвокати, судии, обвинители. Честа беше наша што ги пречекавме како добри домаќини. Убедена сум дека со предавањата, дискусиите и дебатите допревме подлабоко до судството на Балканот. Најважно е што сите студенти излегоа со насмевка на лице, а за нас тоа е сѐ што сакаме. Здравје боже, наредната година се надевам дека повторно токму ние ќе го организираме следниот конгрес – ни изјави Тијана Тесалоника Шишкоска, членка на организацискиот одбор на „Охридскиот конгрес на правото 2022“.
Инаку, вчера, на крајот од работниот дел, беа врачени сертификати за учество на конгресот, како и благодарници за посебен придонес во организацијата на конгресот. Така, благодарница му беше врачена на претседателот на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет во Подгорица, Андреј Вукчевиќ, како и на Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание.
– Ни претставува голема чест и задоволство што по покана од колеги од Македонија имавме можност да учествуваме на првиот охридски конгрес на студенти по право. Ваквите можности секогаш се одлична шанса за стекнување нови знаења и вештини како и за проширување на мрежата на контакти. Верувам дека поради пандемијата на ковид-19 изгубивме многу можности за нови познанства, што придонесе за дистанцирање на студентите и едни од други, но и од факултетот. Во оваа насока, ваквите настани се вистинско освежување за сите студенти од регионот. Се надевам дека оваа средба ќе стане традиционална и наскоро повторно ќе се дружиме со нашите драги колеги од Македонија – ни изјави Андреј Вукчевиќ од Правниот факултет во Подгорица, Црна Гора.
„Нова Македонија“ беше медиумски покровител на конгресот.