Дарко Марковиќ, Македонија

Денеска е 1 Април – Денот на шегата. Затоа редакцијата реши денешниот број на „Нова Македонија“ да го посвети на хуморот, сатирата, шегата…
Денеска објавуваме поголем број карикатури од македонски и странски автори, сите наградени на Светската галерија на карикатури. Карикатурите ги објавуваме како плод на соработката со Светската галерија на карикатури „Остен“, кои најљубезно ни ги отстапија за објавување. Наедно, голема благодарност на Мице Јанкуловски и Корнелија Конеска

Први април – Денот на шегата

Почитувани наши читатели,

Секојдневно се судираме со предизвиците на модерните времиња, кои, сакале да признаеме или не, ни носат повеќе разочарувања отколку задоволства, повеќе тага отколку радост и многу апатија… А воопшто не би требало да биде така. Точно е дека во историјата на нашето колективно постоење и во индивидуалното битисување имало и ќе има исклучително тешки моменти. Но се разбира дека и тие ќе станат минато! И нив ќе ги пребродиме. А, токму во таквите моменти, и како личности и како нација, сме знаеле тешкотиите да си ги олесниме низ шега, со хумор, сатира… и за себе, а и за предизвикувачите на болката. Тоа било и е еден механизам за намалување на предизвиканата болка, па и алатка за нашето преживување.
Хуморот и шегата се мостот од болката кон лекот, од разочараноста кон мотивацијата, од поразот кон победата. Во шегата се крие и вистината!
Затоа, почитувани читатели, преку денешнава низа карикатури, на секоја страница од нашиот и ваш весник, сакавме и на најсериозните теми да им дадеме нишка ведрина, надеж и верба за подобро утре. Карикатурите во суштина се многу сериозни, но, токму преку нив, и авторите и редакцијата сакаат да допрат до срцевината и суштината, со желба да се искачиме на уште повисоко скалило на нашето живеење и да достигнеме висока одговорност кон општеството, државата, нацијата и одговорност кон самите себе!

Со почит,

Редакција „Нова Македонија“