Четири дена пред почетокот на претседателската изборна кампања, пред почетокот на „сериозните реторики, наративи, презентации, ветувања“, ги прашавме претседателските кандидати: Какви асоцијации буди во вас Денот на шегата и што најмногу ве насмеало на тој ден? По која случка го паметите? Што најмногу ве насмеало или орасположило? Одговорите ги подредивме според редните броеви на избирачкото ливче. Еве кој го прифати предизвикот на Први април!

Ги прашавме претседателските кандидати за Денот на шегата…

Гордана Силјановска-Давкова

Први април е Денот на шегата, на хуморот, а хуморот го сметам за последна одбрана на човекот од несреќата. А се вели дека и секоја шега е барем половина вистина. Навистина, луѓето имаат потреба да се пошегуваат барем еден ден во годината, без да им биде замерено и ако ја кажат дури и целата вистина. Први април е убав ден за некои вистини, спакувани како шеги. Во другите денови од годината, пак, имаме шанса да останеме „зачудени“ дека некогаш и најневеројатните шеги можат да станат вистина, како што еден политичар во Македонија, претходно водач на оружен конфликт, стана „доктор онорис кауза“ на еден универзитет без никакви исполнети академски услови за таква титула. Веројатно, поведен од тој вистинит пример, но и од спомените од детството минато во Македонија на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, каде што ја научил играта „ринге, ринге, раја“, еден од актуелните претседателски кандидати верува дека ќе го „фати мајата“ на таа игра и самиот ќе стане генерален секретар на Алијансата. Први април е весел, инспиративен ден!

Стевчо Јакимовски

Шегата има две страни на медалот, носи два предизвика. Едниот е да знаеш да се пошегуваш во вистинската мера, а другиот е како да ја прифатиш шегата. На Први април, на Денот на шегата, бидејќи најчесто од многубројните обврски не се сеќавам навреме за значењето на денот, најчесто сум „жртва“ на шегите. Најуверливата шега на која сум „наседнал“ ми ја има приредено постариот син, на негова 13-годишна возраст. Тоа беше за време на мојот прв градоначалнички мандат, во 2002 година. Имав купено повеќе садници за дворот и дента пред 1 април копавме дупки за да ги засадиме. Бидејќи имаше многу садници не стигнавме да ја завршиме работата во еден ден, а садниците секако ги оставивме во дворот. Утредента редовно отидов на работа и само што стигнав, ми се јавува син ми и ми вели: „А бе тато, дрвцата што ги донесе за садење, ги нема во дворот. Изгледа некој ги украл“. Скокнав од столчето како „попарен“ и почнав веднаш да давам инструкции да прашува по комшии, да не видел некој нешто, некакво движење во нашиот двор… Веќе тргнав да се враќам дома, а син ми низ смеа ми вели: „Смири се, априлилили е“. Шегата му беше успешна, но и понатаму обично тргнувам „неподготвен“ за Денот на шегата.

Билјана Ванковска

Први април ние обично го знаеме како Меѓународен ден на шегата. И нѐ асоцира на дечиња облечени во костимите на нивните јунаци – што е најсимпатичниот дел од денот. Но, во светот на возрасните, особено во предизборие, мораме да се потсетиме на неколку работи: прво, живееме во општество во кое ѓаволот одамна ја однел шегата! Второ, политичките ликови што доминираат на сцената се маскирани буквално секој ден, а нивните листи на ветувања (попознати како изборни програми) ги прикажуваат како најголеми шегаџии, иако со децении се шегуваат со нашите судбини, па и животи. Има нешто сурово во тоа на сиромашен народ среде опустошена држава да му ветуваш мед и млеко. Создавањето некакви бизарни коалиции те доведува во ситуација здраворазумски да се прашаш дали се шегуваат или сериозно мислат дека им веруваме дека тие истрошени ликови се нешто ново или способно за промена. Или ние како гласачи сме за подбив?

Арбен Таравари

Први април, Денот на шегата, е ден што сите нас нè потсетува за важноста на хуморот и позитивноста во нашите животи. Ден што нè потсетува да не сфаќаме сè премногу сериозно и дека заедничката смеа може да биде моќен начин за поврзување со другите, без разлика на нашите позиции.
Една од најнезаборавните шеги што искрено ме насмеа дојде од мојот тим во Општината. Рано наутро, наоѓам белешка на мојата маса во која се најавува спроведување на иницијативата „Дигитална детоксикација“ низ целата општина, која веднаш стапува во сила. Се забрануваат сите електронски уреди во текот на работното време за да се промовираат продуктивноста и комуникацијата лице в лице, вклучувајќи телефони, компјутери, па дури и дигитални часовници. Белешката беше толку добро напишана, полна со лажни цитати од експерти за продуктивност и лажни статистики за истражување, што за момент речиси се уверив дека е сосема реална. А тоа да ти било Први април!

Максим Димитриевски

Не е лесно во Куманово да се стекне и да се одржи репутацијата на шегаџија. Особено на Први април – Денот на шегата. Едноставно, конкуренцијата е преголема, во град каде што препознатлив амблем на градот е еден традиционален лик – Батко Ѓорѓија, кој е синоним за еден самоумислен боем. Всушност, Батко Ѓорѓија отсликува карактер на човек од балканското секојдневје. Шегата или мајтапот, како што си го нарекуваме ние, во Куманово е неизбежен „системски вграден“ елемент во секојдневната комуникација на моите сограѓани, кумановци. Можам да кажам дека тоа е дури природна состојба, која најсликовито се одразува во прекарите што си ги даваме. Речиси нема кумановец без прекар, а предизвик за човечкиот карактер е да се прифати шегата и, сепак, достоинствено да се „носи“ прекарот. Во секој случај, шегата и шегувањето се особена умешност во животот. Во овие преисполитизирани моменти, шегата значи опуштање на секој граѓанин и мало бегство од секојдневната реалност. Потребна е шега, бидејќи генерира позитивна енергија кај секого од нас. Дополнително, го разведрува духот на човекот. Не е шега, но шегата навистина го разведрува дури и духот на политичарите. Шега или вистина – секој сам нека си заклучи на денот за априлилили. Колку и да е „тешка“ кумановската шега, на крајот на денот, сите ќе кажат: Од кал да си, од Куманово да си!