„Ви благодариме од срце! Четиристотини и шеесет деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас“, пишува на врамениот дрес што Ракометната федерација на Македонија го доби од организацијата „СОС детско село“ по повод примопредавањето на донацијата.
Вкупниот износ што е собран од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно-музички спектакл, одржан на 3 јануари 2023 година, во организација на РФМ, изнесува 1,372,550 денари, сума што ќе ѝ биде донирана на организацијата „СОС детско село“.
Трошоците за реализација на настанот се покриeни од страна на Ракометната федерација на Македонија и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, македонската куќа на ракометот би сакала да упати до: „Триглав осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, Халк банка, „Пивара“, „Никоб“, Македонската телевизија, ТВ Телма, „Проевент“ и КЛС, како и до сите македонски уметници, компании и индивидуалци што сесрдно ја прифатија поканата за учество во настанот без авторски или друг вид надоместоци.
Ракометната федерација на Македонија во оваа пригода би сакала посебно да ѝ се заблагодари на многубројната публика во арената „Борис Трајковски“. Спектаклот „Сите ѕвезди за СОС детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победија човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да нѐ вивне во височините и да ни даде уникатна доза на среќа.
Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!