Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општиот впечаток во македонското општество е дека е постигнат максимумот со ресурсите со кои располагаме, но постои уверување и дека кога се работи организирано, сплотено, кога нема партиски, етнички или конфесионални поделби и кога интересите на државата и на граѓаните се ставаат во преден план, тогаш може да се постигнат и многу поголеми успеси на секое поле. Ако советот на ОБСЕ беше одлично организиран, тогаш нема причини зошто оваа формула да не биде употребена и за други проекти што се важни за државата

Еден различен аспект на организацијата и менаџирањето со настанот „Совет на ОБСЕ 2023“

Со успешната организација на министерскиот совет на ОБСЕ што минатата недела се одржа во Скопје, Македонија како држава покажа дека има капацитет за реализирање големи проекти и дека изговорите дека не можеме сами и дека ни се потребни некакви камшикари однадвор за нешто да се сработи едноставно не држат вода.
Општиот впечаток во македонското општество е дека е постигнат максимумот со ресурсите со кои располагаме, но постои уште поголемо уверување и дека кога се работи организирано, сплотено, кога нема партиски, етнички или конфесионални поделби и кога интересите на државата и на граѓаните се ставаат во преден план, тогаш може да се постигнат и многу поголеми успеси на секое поле.
Ако советот на ОБСЕ беше одлично организиран, тогаш нема причини зошто оваа формула да не биде употребена и за други проекти што се важни за државата. Имено, по истиот терк може да се направи план на приоритетните проекти во државава и така да почнат да се реализираат, еден по еден.
Неодамна американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на кратката посета на Скопје порача дека е важно земјава да го диверзифицира снабдувањето со енергија. Тоа е многу јасна порака што треба да се направи, дека наместо да се снабдуваме од енергетски пазари во странство и да бидеме енергетски зависни, би било подобро да се искористат домашните капацитети и да се направи проект за изградба на голема хидроцентрала со наши средства, наместо други да ја градат и да ги користат благодатите на нашите обновливи извори. Истото тоа се однесува и на фотоволтаичните централи, на ветропарковите и слично.
Со добра организација и добар тим може да се изградат и многу автопатишта низ државата, особено ако се има предвид дека земјава располага со сопствени градежни компании што имаат сериозно искуство во изградбата на патната инфраструктура низ Европа и пошироко. Тоа се однесува и на изградбата на целосно нови железнички линии во правецот север-југ и исток-запад, кои ќе одговараат на современите барања за брз и сигурен транспорт.

Понатаму, со години е заглавен проектот за нов клинички центар во Скопје, а заглавено е и реновирањето на Клиничкиот центар во Штип. Одговорни и добро организирани луѓе лесно можат да се справат и со таквите предизвици. Кога ќе се вклучат луѓе од стручната фела, тие најдобро ќе знаат каков клинички центар му е потребен на главниот град, на која локација, со каков капацитет, за да биде функционален во следните минимум 50 години. Ист план може да се направи и за други здравствени единици што треба да се изградат низ целата земја за сите граѓани да добиваат навремена и добра здравствена грижа, без да се препраќаат од еден во друг град. Проекти се потребни и во економијата, екологијата, образованието…
Ова се само мал број примери преку кои може да се покаже како со вредна и посветена работа самите можеме да ја градиме сопствената држава и таа да стане попристојно место за живеење. Тоа значи дека политичките будалаштини треба да се остават настрана и да се почне со домаќинско и посветено работење. Таква порака испраќа и меѓународниот фактор, кој сака да види некакви резултати, за да продолжи да помага и да ја турка земјава да станува свесна дека самата треба да гради подобра иднина за своите граѓани.
– Сметам дека е исклучително важен момент, дека е дојдено конечно време за С. Македонија да си ја оформи својата иднина. Крајно време е С. Македонија да стане господар на сопствената судбина и ние сме тука да помогнеме – порача неодамна амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп.
Повеќето соговорници со кои дискутиравме за македонските капацитети за организирање големи проекти го делат мислењето дека сè е до стручноста, тимовите и добрата организација.

– Во оној момент кога ќе ги тргнеме настрана политиката, партиските интереси, провизиите и оној начин на функционирање што подразбира како повеќе да се стави во сопствените џебови, тогаш може да се реализираат успешни проекти, без оглед на нивниот габарит. Деновиве е актуелно ова што се случува со давањето на Чебрен на Грците. Зошто овој проект самите да не го реализираме? Имаме капацитети, како човечки, така и финансиски. Ќе го исплатиме во неколку транши и за шест-седум години ќе имаме наш објект што ќе носи огромна енергетска бенефиција за државата. Тоа ќе значи поевтина струја за граѓаните и за компаниите, а со тоа и помалку трошоци за увоз. Истото тоа важи и за автопатиштата од коридорите 8 и 10. Колку автопатишта направија наши компании во Бугарија, во Хрватска, на Блискиот Исток, зошто не би направиле и во својата земја. Можеме да го направиме тоа без никаков сомнеж, но треба да се смени менталниот склоп кај оние што ја предводат државата, дека не станува збор за тоа колку тие ќе заработат од одреден проект, туку колку ќе добијат Македонија и нејзините граѓани. Многу стручни кадри ни избегаа бидејќи никој не ги ангажира, нивното знаење го користат други, а ние им плаќаме огромни средства на странски компании. Кога има слога и добра организација, ништо не е невозможно – истакнуваат соговорниците.