ЏК Миоки ја прославува шампионската титула

Борбите беа тесни и неизвесни до крајот и им честитам на сите учесници за добриот настап на првенството, вели тренерот на клубот Игор Паскоски

ЏУДО – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО МЕШАН СОСТАВ

Скопскиот џудо-клуб Миоки е првак на Македонија во мешан состав (три машки и три женски натпреварувачи по екипа), на првенството што се одржа во Скопје во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и техничка на ЏК Миоки.
Миоки, забележувајќи три победи, се искачи на највисокото место на пиедесталот пред ЏК Сеишин од Прилеп како второпласиран, ЏК Дрим од Струга на третата позиција и Пролетер од Прилеп на четвртото место.
– Извојувавме победа во првиот круг против тимот на Дрим со 4-3, откако претходно резултатот беше 3-3, па мораше да се повтори една борба по случаен избор, со ждрепка, а таа беше во категоријата до 57 кг, која ја добивме. Во вториот круг бевме поуспешни од Пролетер со 5-1, а во финалето го совладавме и Сеишин со 4-2. Борбите беа тесни и неизвесни до крајот и им честитам на сите учесници за добриот настап на првенството. Задоволен сум што ја заокруживме оваа натпреварувачка сезона како екипни државни шампиони во мешан состав – вели тренерот на екипата на Миоки и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски.
Шампионскиот пехар и медалите на екипите им ги предаде претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Неодамна Миоки, како организатор на својот традиционален меѓународен турнир (во конкуренција на 407 натпреварувачи од 45 клуба, од 11 земји), беше вкупен победник со 24 освоени медали, од кои осум златни, седум сребрени и девет бронзени. Г.И.