Фото: Влада

Изминативе денови има добар прогрес во преговорите со Алијансата за Албанците во делот на програмските определби и кадровското екипирање, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на стратешкиот дијалог со САД, објавува МИА.

– Разговорите се водат во навистина добар дух и во атмосфера на постигнување на договор со цел државата да има мнозинство во Парламентот што има единствен став во однос на интеграцијата на државата во Европската Унија и придржување кон сите меѓународни норми за кои што веќе сме пример во регионот – истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека генерално во разговорите со Алијансата за Албанците немало проблем околу распределба на раководните места во институциите, пренесе МИА.

– Се говори за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер, но и во делот на преземање одговорност во делот на учество во владиното мнозинство – изјави Ковачевски, потенцирајќи дека целта на разговорите е проширување на европскиот капацитет на владината коалиција.

Во однос на коалициската соработка со Алтернатива, Ковачевски истакна дека оваа партија е значен партнер на Владата за која имам исклучително високо мислење, како и за сите владини партнери.

– Во текот на денешниот и на утрешниот ден ќе имаме преговори со Алтернатива. Се надевам дека ќе може да се постигне позитивен исход од тие разговори, со цел сите заедно да може да продолжиме со градење на коалиција што се залага за европска Македонија и ќе обезбеди влез на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година – порача Ковачевски.

Лидерот на Алијансата за Албанците (АА) денеска во Гостивар изјави дека преговорите за влез на неговата партија во владината коалиција се при крај и најверојатно ќе завршат до утре, нагласувајќи дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени „поголемиот дел од работите“.

– Се надевам дека денеска или утре конечно ќе ги завршиме прегорите за евентуалниот влез во Владата и тоа официјално ќе го објавиме – рече Таравари.

Околу распределбата на функционерските места и министерски ресори, лидерот на Алијансата за Албанците напомена дека за тоа сè уште разговара и не би било коректно да зборува околу тоа во овој момент додека се уште се водат меѓупартиски консултации на владините коалициски партнери.