Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата донесе одлука со која се усвои предлог-програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност. Со оваа програма, за првпат се решава правото на користење на надоместок за мајчинство за жените земјоделки, за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, кое не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на вршителките на земјоделска дејност. Со усвојувањето на оваа програма, ќе започне реазлизацијата на посебна мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство.

– За да нема злоупотреби, битно е јасно да се разграничи дека целната група која ќе ја имаа оваа поддршка се жените кои имаат статус на осигуреник Индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои законите од областа на работните односи не ги препознаваат како лица во работен однос, поради што не можат да остварат платено породилно отсуство. Жените кои статусот на Индивидуален земјоделец го стекнале согласно Законот за вршење на земјоделска дејност, се вработени лица и тие го остваруваат правото на платено породилно отсуство. Финансиска поддршка за надоместок за мајчинство, ќе се доделува на жена која родила дете во периодот од 1.12.2022 до 1.12.2023 година и ги исполнува следните услови:

– Да е запишана во единствениот регистар на земјоделски стопанства како носител или член на семејно земјоделско стопанство,

– Семејното земјоделско стопанство во кое членува, да остварило финансиска поддршка согласно Програмата за финасиска подршка во земјоделството за 2021 година во износ од најмалку 100.000 денари или остварен приход од вршење на земјоделска дејност во висина од најмалку 300.000 денари.

– Да има непрекинат статус на осигуреник Индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето.

Програмата е изработена на иницијатива и во директна соработка со жените вршителки на земјоделска дејност, кои работат и живеат во рурални средини и остваруваат приход од земјоделска дејност, а досега не примале платено породилно отсуство.

На денешната седница беа усвоени уште неколку програми од кои со посебно значење за секторот земјоделство е Програмата за финансирање на земјоделски производители на храна за 2023 година. Целта на програмата е подобрување на производни капацитети и квалитет на производство, за производителите на храна од примарни земјоделски производи од животинско и неживотинско потекло, со неповратни авансно исплатени финансиски средства за инвестиции во опрема и ангажирање на стручно лице. Со програмата ќе се поддржат домашните производителите на храна преку проширување на постоечките капацитети, подобрување на технолошките процеси, подобрување на квалитетот на производите и развој на нови производи како и зголемена економска активност, која ќе продуцира поголеми приходи и можности за развој и нови инвестиции, велат од Владата.