Фото Маја Јаневска Илиева

Изборниот караван на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова и коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Струга. Силјановска-Давкова барајќи ја довербата од стружани забележа дека во градот, но и во државата, народот може да живее од туризам и култура, односно културен туризам.

Посочувајќи го примерот дека Европската унија доделува годишно по 10 награди на најуспешни писатели од земји членки во Унијата, но и дека од Македонија има тројца такви добитници, иако не сме членка, рече дека треба да ја славиме уметноста и да се насочиме кон културата.

– За мали држави образованието, спортот, науката и културата ќе ве направат големи, особено ако развивате и културна дипломатија, ако развивате економска дипломатија. Тие се моќни покрај традиционалната дипломатија во синергија со владата. Затоа овие избори се неразделни – рече Силјановска – Давкова.

Побара поддршка од стружани со ветување дека нема да ги засрами, дека достоинствено ќе ги претставува, дека ќе ја почитуваат Македонија.

– Моето искуство надвор, во Венецијанската комисија и во Советот на Европа налагаат поинаков однос кон мене кога ќе кажам дека ја претставувам мојата Македонија, вашата Македонија. Твојата Македонија да си ја повратиме – рече кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ.

Таа, како што рече, планира претседателската функција да ја направи пристојна и одоговрна, функција што ќе ја претстави Македонија како горда и Европска држава.

– Ќе бидеме горди на Македонија и на Струга, ако имаме држава која е стандардна, средена, втемелена во владеењето на правото. Држава која е мала, но ги има сите државни нишани. Оваа држава во моментот не е таква. Со судство кое е зависно, со судии наместо субјекти на почитување на правото, правдата, Уставот и законите, кои се во длабока спрега со партиски и олигархиски групи и не судат според уставот и законите и не го споменуваат меѓународното право, ама велат дека се европјани неможе да градите правна држава – нагласи Силјановска – Давкова.

Таа забележа и на случувањата во Судскиот совет и во Уставниот суд, а не изостави да ги спомене ниту осудените за 27 април.

– Во Уставниот суд треба да седат двајца судии или две судијки, предложени од претседателот, односно од претседателката. Тие треба да бидат врвот во правната професија, да го имаат угледот, да зрачат со достоинство и знаење. Тогаш Македонија ќе биде горда на Уставниот суд кој што во многу држави е еден од најважните фактори на демократизацијата на политичкиот систем – смета кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.

Таа најави и дека доколку дојде на позицијата претседател на државата ќе ги помилува осудените од 27 април.

– Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закан или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана – рече Силјановска-Давкова.

– Гласот за професорката Гордана Силјановска Давкова значи крај на понижувањата и поразите кои ги преставуваат од власта за победи. Крај на непромислената и лековерна политика зад која седат лукративните интереси на стотина политичари – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Струга.

Барајќи ја довербата на стружани, својот глас да го дадат за нивниот кандидат Силјановска-Давкова, посочи дека таа е жена со став и принципи.

– Како и сите нас, и таа можеше да си одбере мирен и спокоен живот, но е во политиката затоа што има знаење, има интегритет и затоа што сака заедно со нас, со народот да ги менува работите на подобро. Изборот на Гордана за претседател е избор за горда Македонија, држава која ќе се води со знаење и со ставови. Човек со свое обележје и лидер кој ќе ја преставува и брани Македонија во светот – рече Мицкоски.

ВМРО – ДПМНЕ претходно одржа митинг во Вевчани, а караванот продолжи во Рсен со претставувањ ена претседателскиот кандидат.