Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Нова Македонија“ во кратки црти ги претставува клучните показатели од биографијата на членовите на новата влада

Премиерот Димитар Ковачевски е роден во 1974 година во Куманово, доктор е на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Во 1998 година дипломира на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на Економскиот факултет, а на истиот факултет магистрира во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора во 2008 година, каде што се стекнува со титулата доктор на економски науки.
Стручно усовршување поминува на Школата за бизнис при универзитетот „Харвард“ во 2011 година, на Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот универзитет во Минхен каде што стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, на Ротердам школата за менаџмент при универзитетот „Еразмус“ во Холандија во 2016 година и на ЕАДА бизнис-школата во Барселона, Шпанија, во 2017 година.
Во 2020 година беше дел од Економскиот совет на Владата на Република Северна Македонија за справување со економските последици предизвикани од пандемијата на ковид-19.

Првиот вицепремиер Артан Груби и понатаму ќе биде министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Артан Груби е роден во Скопје на 7 jуни 1977 година. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнува со звањето дипломиран новинар. На истиот факултет ги завршил постдипломските студии од сферата на медиумите и комуникациите. Докторира на Факултетот за социјални науки – политички науки при Државниот универзитет во Тирана.
Груби ја започнува професионалната кариера во 1999 година во невладиниот сектор и со работа со меѓународните организации во Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и во Косово, како и во Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашкиот трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи.
Груби е основач и, од мај 2006 година до мај 2011 година, претседател на граѓанското движење „Разбуди се!“, невладина организација што иницира воспоставување граѓанско општество во рамките на албанската заедница во Македонија. Од мај 2011 година во Демократска унија за интеграција извршува повеќе високи функции.

Славица Грковска е вицепремиeрка за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси. Таа беше поранешна пратеничка на СДСМ од 2002 до 2011 година.
Грковска е родена на 27 јули 1970 година во Скопје. Дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што и се стекнала со титулата магистер по математички науки (2010).
Славица Грковска од мај 2021 година е главна системска аналитичарка во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации, во Министерството за внатрешни работи, каде што исто така e задолжена и за процесот на дигитализација во министерството. Исто така била директорка за администрација и менаџерка за човечки ресурси во неколку ИТ-компании.

Фатмир Битиќи е вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Роден е на 26.10.1975 година. Дипломирал бизнис-aдминистрација, насока бизнис-менаџмент, на Универзитетот во Тирана, Албанија (1994 – 1999 г.). Тој е меѓународен експерт од областа на менаџирањето со економски процеси и реформи со повеќе од 20 години работно искуство.
Од 2008 година активно е вклучен како експерт за пристап и раководење со ЕУ-фондови. Од август 2019 ја извршувал функцијата претседател на Комисијата за финансии во СДСМ.

Бојан Маричиќ е избран за вицепремиер за европски прашања, а во претходниот состав беше министер за правда. Бојан Маричиќ е роден на 7 јануари 1983 година во Скопје. Дипломирал во 2006 година на отсекот меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2009 година магистрира по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК-програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Во 2011 година магистрира на Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг-програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Професионалната кариера ја започнува во 2006 година како демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за правда во Владата на премиерот Зоран Заев.

Славјанка Петровска е новата министерка за одбрана. Претходно беше пратеничка на СДСМ и поранешна заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада.
Петровска е родена на 11 јануари 1982 година, во Скопје. Основно и средно училиште завршила во Скопје. Таа е дипломирана правничка, а дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов е магистранд по Управно право на овој факултет.

Бујар Османи продолжува на функцијата министер за надворешни работи. Роден е на 11 септември 1979 година, во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, во 2004 година. Дел од својата специјализација завршува во Лондон, Обединетото Кралство.Во јуни 2017 година е назначен за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. Од јули 2018 година е назначен за шеф на државната делегација и главен преговарач со Европската Унија.

Оливер Спасовски останува министер за внатрешни работи. Тој е роден на 21 октомври 1976 година, во Куманово. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што во моментот е магистранд по управно право. Во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во периодот од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната влада,

Фатмир Бесими и понатаму ќе ја извршува функцијата министер за финансии. Завршил Економски факултет, на насоката Финансии и банкарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во 1998 година. Постдипломски студии по економија завршил на универзитетот „Стафордшир“ во Обединетото Кралство, во 2002 година.
Во два мандата е избран за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања – првпат од март 2013 година до мај 2014 година и вторпат од јуни 2014 до март 2016 година. Во два мандата е избран за министер за економија, и тоа од декември 2004 година до јули 2006 година и од август 2008 година до јули 2011 година. Функцијата директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги ја извршувал од ноември 2002 до август 2003 година.
Бесими има богата кариера и во рамките на банкарскиот сектор. Ја извршувал функцијата вицегувернер на Народната банка од август 2003 година до ноември 2004 година.

Министер за правда е Никола Тупанчески, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Роден е роден на 19.12.1961 година. Тој е доктор на правни науки и професор во областа на казненото право. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Докторирал на државниот универзитет „Ломоносов“ во Москва, Русија, во 2002 година.
Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Горан Милевски останува министер за локална самоуправа. Тој е роден на 1 ноември 1978 година, во Битола. Дипломира на Економскиот факултет во Прилеп, на насоката по меѓународна економија, а на истиот факултет магистрира по бизнис-администрација МБА-менаџмент. Професионалниот ангажман го започнува во 2004 година, како професор по економски предмети во средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ во Битола. Во периодот од 2014 до 2016 година е избран за пратеник во Собранието. Во 2016 година вторпат е избран за пратеник во Собранието. Во јуни 2019 година е избран за министер за локална самоуправа во првата влада на премиерот Зоран Заев. Милевски е претседател на Либерално-демократската партија.

Адмирим Алити од Алтернатива е нов министер за информатичко општество и администрација. Тој е ИТ-консултант, докторанд на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што и дипломирал. Магистрирал информациски системи на универзитетот „Лине“ во Шведска. Во моментов е асистент и предава различни предмети на Катедрата за информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Крешник Бектеши е министер за економија. Во 2008 година дипломирал на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис-администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година се стекнал со титулата магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на универзитетот „Шефилд“. Од 2011 до 2016 година работи како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија во Брисел (Белгија), на промовирање на бизнис-климата на Северна Македонија и на привлекување странски директни инвестиции од Белгија.

Љупчо Николовски се враќа за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Љупчо Николовски е роден на 20 август 1983 година, во Крива Паланка. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, на насоката Финансиско право, во 2007 година. Со дипломата специјалист по политички менаџмент се стекнал на Нов бугарски универзитет, бугарски факултет за политики и Совет на Европа.
Од 15 ноември 2015 до 30 декември 2016 година е дополнителен заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во јуни 2017 година стапи на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од 4 август до изборот за заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е пратеник во Собранието.

Беким Сали е нов министер за здравство. Сали завршил средно медицинско училиште во Скопје, а дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Скопје. Тој е доктор по стоматологија и управител на приватна стоматолошка ординација.
Член е на Стоматолошката комора, на Здружението на албански стоматолози, на Здружението на албански имплантолози.

Јована Тренчевска е нова министерка за труд и социјална политика, која од 2020 година е в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд.
Тренчевска е родена во Струмица. Таа е дипломиран социолог, која своето образование го стекнала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирала во 1994 година, а во 2012 година се стекнала со звањето магистер по социолошки науки на истиот универзитет, на Институтот за социологија.

Јетон Шаќири е нов министер за образование и наука.Тој е роден на 17 март 1987 година, во Струга. Во 2005 година се запишува на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, каде што дипломира во 2008 година. Во 2008 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот факултет при Мегународниот универзитет во Струга. Во 2010 година се запишал на докторски студии на Економскиот факултет при Универзитетот на Тирана и на 16 септември 2016 година. На 30 август 2020 година е избран на функцијата министер за информатичко општество и администрација.

Бисера Костадинова-Стојчевска е министерка за култура. Костадинова-Стојчевска е родена на 20 февруари 1986, во Битола. Има докторирано англиски јазик на Педагошки факултет при УКЛО – Битола, каде што работела како професорка.

Благој Бочварски останува министер за транспорт и врски. Бочварски е роден на 9 јануари 1985 година, во Штип. Дипломира на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 3 ноември 2017 година стапи на функцијата градоначалник на Општина Штип.

 

Насер Нуредини останува министер за животна средина и просторно планирање. Роден е на 23 септември 1979 година, во Тетово. Кон средината на 1980-тите години се преселил во Виена и се образовал на Виенската меѓународна школа. Високото образование го продолжил во Германија и во Обединетото Кралство. Дипломирал на насоката Меѓународен бизнис на Универзитетот во Мајнц и на Универзитетот во Брајтон.

Џемаил Чупи е министер без ресор задолжен за дијаспората. Чупи е доктор по политички науки и магистер на дипломатија. Својата кариера ја почнал во Агенцијата за вработување во Дебар.