Фото: „Нова Македонија“

За парадоксот што ја разоткри кризата на европското лидерство

  • Постои ли поголем симбол на политичката конфузија во денешна Европа од германскиот парадокс околу саботажата на „Северен тек“? Германија
    истовремено води истраги за нападот врз „Северен тек“ и останува еден од
    најсилните воени поддржувачи на Украина. Кога една држава постапува вака, иако сомнежите за нападот во јавноста се поврзуваат со истата таа земја, станува јасно дека европската политика одамна престана да се води според принципи. Наместо принципи, денес доминираат политички маркетинг, дневни калкулации и идеолошка (неолиберална) дисциплина

Германија беше индустрискиот мотор на Европа токму затоа што со децении обезбедуваше стабилно и релативно евтино енергетско снабдување. Со уништувањето на тој модел, без оглед на конечниот исход на истрагите за одговорноста, се отвори најдлабоката економска и индустриска криза во современата германска историја. Последиците на тоа не ги чувствува само Берлин туку цела Европа: скапа енергија, намалена конкурентност, преселување на индустријата и сè послаб глобален економски авторитет… Со еден збор – катастрофа!

Криза на лидерството – бриселски политики без визија

Најголемата криза на Европската Унија денес не е финансиска, ниту безбедносна. Таа е криза на лидерството. Европските елити сè почесто реагираат наместо да планираат, следат наместо да водат и управуваат со наративот наместо со реалноста. Брисел сè повеќе наликува на административен механизам што произведува политички декларации, но сè помалку стратешки решенија. Европа, која некогаш беше пример за економски прагматизам, денес сè почесто носи одлуки што ја намалуваат сопствената конкурентност, ја ослабуваат индустриската база и ја туркаат економијата во зависност од надворешни фактори. Либералниот политички естаблишмент, кој со години ја претставуваше Европската Унија како проект на мирот, просперитетот и економската интеграција, денес сè почесто ја дефинира европската иднина низ безбедносни доктрини, милитаризација и геополитички конфронтации. Наместо инвестиции во индустријата, технологијата и во иновациите, приоритетите се поместуваат кон вооружување и безбедносни политики.

Проширувањето стана жртва на политикантството

Особено е трагичен односот кон проширувањето на Европската Унија. Наместо тоа да остане логично продолжение на успешниот европски проект, процесот беше претворен во инструмент на дневна политика и внатрешни калкулации. Државите од Западен Балкан со години добиваат нови услови, нови критериуми и нови политички пречки, додека Унијата испраќа контрадикторни пораки. Наместо јасна визија за европската иднина на регионот, сведоци сме на политика што се менува според моменталните интереси на влијателните центри на моќ во Брисел. Тоа повеќе не е стратегија. Тоа е политички импровизиран модел што ја еродира довербата и во Европската Унија и во европската идеја.

Унија што калира

Во време кога светот се преструктурира во повеќеполарен систем, Европа изгледа како континент што ја губи способноста самостојно да ја дефинира својата улога. Додека САД, Кина, Индија и другите големи сили водат долгорочни економски и технолошки стратегии, Европската Унија сè почесто е заробена во внатрешни идеолошки судири и краткорочни политички пресметки. Последиците веќе се видливи. Европската индустрија ја губи својата политичка специфична тежина. Таа ја губи конкурентноста, капиталот бара поповолни пазари, а граѓаните плаќаат повисоки цени за енергија, храна и животен стандард. Политичките елити наместо да понудат одговори, создаваат сè нови комуникациски конструкции со кои се обидуваат да ја заменат реалноста со политички бајки. Но реалноста не може бесконечно да се прикрива.

Време е Европа повторно да стане проект на разумот

Европската Унија нема да ја врати својата сила со повеќе бирократија, повеќе декларации или со повеќе идеолошка исклучивост. На Европа ѝ е потребно лидерство што ќе ја врати политиката кон нејзината основна цел – обезбедување економски развој, стабилност и благосостојба за европските граѓани. Без визија, без принципи и без економски реализам, Европа ризикува да остане само сенка на континентот што некогаш беше глобален симбол на индустриска моќ, технолошки напредок и политичка мудрост. А најопасно од сè е кога политичките елити престануваат да ги забележуваат сопствените парадокси. Зашто токму тогаш кризата престанува да биде привремена и станува нова политичка нормалност. А кој сака да се интегрира во кризна состојба или во тимот што губи?! М.В.