Фото: Царинска управа

Косовскиот државјанин Р.Е. е лишен од слобода, откако на граничниот премин Блаце, при царинска контрола, насилно и противзаконски го преминал преминот со автомобил во кој криумчарел дрога, при што го довел во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола. Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, како и за „спречување службено лице во вршење службено дејствие”, двете казниви според Кривичниот законик, информираше Царинската управа.

– На 15 јули, во вечерните часови, царинските службеници на граничниот премин Блаце го застанаа за царинска контрола сега приведениот Р.Е. Контролата е извршена од двајца царински службеници, при што лицето е повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка. Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре.
Повикана е граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресече патот и лицето е лишено од слобода. Осомничениот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинска управа, кое го презеде случајот и по спроведените истражни дејствија поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје. Во текот на бегството, осомничениот, ја фрлил кесата со дрога која е пронајдена во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајдено и ладно оружје – информираат од управата.

Оттаму додаваат дека царинскиот службеник кој насилно бил повлечен при обид да го спречи осомничениот во бегството се здобил со лесни телесни повреди.

– Двајцата царински службеници кои учествуваа во интервенцијата на граничниот премин Блаце, се пример за секојдневната храброст која вработените ја вложуваат во службата, со цел заштита на државата – се вели во соопштението.