Фото: Фејсбук/Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека е време да се стави крај на едногласноста во одлучувањето во ЕУ и повтори дека Албанија и Република Македонија „се заложници на Бугарија“.

Ова го изјави премиерот на Албанија во телефонско интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“. Рама рече дека му е „жал“ за Европската Унија и дека не е разочаран.

„Тоа беше лош ден за Унијата“, рече тој, „бидејќи се покажа невозможно да се ослободат Албанија и Северна Македонија, заложници на само една земја од ЕУ, Бугарија, која, како и ние, е членка на НАТО“. Според него, останатите 26 земји-членки во исто време изгледале беспомошни, со „војна на нивниот праг“.

Запрашан зошто ги држат како заложници, албанскиот премиер објасни дека тоа е „само поради внатрешно-политички прашања, ништо друго“.

На прашањето дали принципот на едногласност во одлучувањето во Заедницата треба да се укине, Рама рече дека „сто проценти“ мисли така.

Свесен сум дека ова е деликатно прашање за земјите-членки, кои имаат своја историја и значење, рече албанскиот премиер, но додаде дека е дојдено време да се отстрани условот за консензус.

Запрашан да одговори дали на Балканот му се заканува влијание на Русија и Кина во овој ќорсокак, Рама рече дека „нема сомнеж дека регионот е слаба точка на континентот во однос на навлегувањето на други елементи“.

– Срамота е што една земја на НАТО, Бугарија, држи во заложништво две други земји на НАТО, имено Албанија и Северна Македонија, среде жестока војна во дворот на Европа, додека 26 други земји од ЕУ молчат – изјави Рама на новинарите при пристигнувањето во Брисел на состанокот на лидерите од Западен Балкан и претставници на ЕУ.