Фото: Архива

Последната одлука на американскиот Стејт департмент за ставање македонски функционери на „црната листа“ говори спротивно од шумот во јавноста, имено дека САД работат темелно и се решени да го дадат потребниот импулс кон домашните институции, за конечно и тие да се охрабрат да почнат да си ја работат работата како што треба, а не да бидат заложници на партиско-политичките пипала

Први мерки на Вашингтон по сондажите на американскиот тим за борба со корупцијата

Американскиот тим за борба против корупцијата што пред крајот на минатата година пристигна во Македонија и по кратко сондирање на состојбата се врати во својата земја, шест месеци подоцна почна да ги објавува првите мерки, ставајќи јасно до знаење дека она што го ветиле, ќе го испочитуваат докрај. Имено, уште пред да стапи на должноста американски амбасадор во Македонија, актуелната амбасадорка Анџела Агелер во обраќањето пред Конгресот посочи дека нејзин приоритет за време на амбасадорскиот мандат ќе биде поттикнување ефикасна борба против корупцијата во земјава.
Нејзината позиција беше исклучително позитивно прифатена од мнозинството во македонско општество, кое единствената надеж за спас од корумпираните функционери ја виде во импулсот, заложбите и конкретните зафати на САД да ѝ помогнат на Македонија ефикасно да се справи со ова најголемо општествено зло.
Кога на почетокот на декември во земјава пристигна американски тим за борба со корупцијата, македонската јавност во својот најголем дел овој чин го дочека со огромно задоволство и надеж дека за краток временска интервал ќе се видат резултати.
Но како што одминуваше времето, а од Вашингтон немаше никаква реакција до каде е работата на тимовите, се јавија многу душегрижници во земјава, кои изјавуваа дека, ете, и САД кренале раце кога виделе до кој степен е корумпирана државата.
Сепак, посветеноста и дискретноста на работењето на надлежните во САД не изостанаа. Последната одлука на американскиот Стејт департмент за ставање македонски функционери на „црната листа“ говори за спротивното, дека САД работат темелно и се решени да го дадат потребниот импулс кон домашните институции, за конечно и тие да се охрабрат да почнат да си ја работат работата како што треба, наместо да бидат заложници на партиско-политичките стеги.
Повеќе од извесно е дека работата сега нема да запре само со ставањето на американската црна листа на еден или двајца функционери туку мерките уште повеќе ќе се динамизираат, а и тоа го најави и американската амбасадорка Агелер.

– Овој процес трае подолго, се врши ревизија на сите докази, има и листа со имиња, која е во процес на ревизија и откако ќе се утврдат сите факти, ќе се донесе одлука. Сигурна сум дека ќе има и други вакви назначувања, но кога ќе има, не можам да кажам. Тој процес се води многу внимателно. САД ова го сфаќаат многу сериозно, како и обвинувањата и доказите за корупција. Народот на С. Македонија, граѓаните на оваа држава имаат право да имаат избрани функционери на кои ќе може да им веруваат – изјави Агелер.
Таа не открива што ќе се случува отсега натаму во Македонија, но јасно навести дека на потег се домашните институции, Владата или судството, за да може борбата со корупцијата да добие заеднички карактер и да има некаков ефект.

– Се надевам дека ќе може да соработуваме со оние со добра волја и намери да се бориме против корупцијата – истакна американската амбасадорка.
Ова е отворена порака до домашните институции дека повеќе нема да се толерира само лажната заложба за борба со корупцијата, туку ќе се инсистира на вистински дела и создавање амбиент, како и поволна политичка клима да може оваа борба да има суштина, односно степенот на корупција драстично да се намали.
Според неофицијални информации, американски тимови за детектирање коруптивни функционери веќе се подготвени да се вратат во Македонија во оној момент кога ќе се создадат таква политичка клима и волја за агресивно спротивставување на корупцијата. Најавите од Вашингтон се дека американскиот антикорупциски ангажман во земјава дополнително ќе се динамизира, но исклучително е битно дека Американците притискаат да се разбуди свеста кај македонските политичари дека нивна основна задача е да му служат на народот чесно и најдобро што можат, а не да ја користат функцијата за лично богатење, а нашите надлежни служби координирано и самоодржливо да почнат ефикасна борба против организираниот криминал и висока корупција. Со други зборови, нови американски тимови ќе пристигнат во оној момент кога ќе бидеме ние подготвени да го прифатиме тоа, поточно кога нема да се охрабрува коруптивната реалност кај нас, туку ќе се прифати реалноста што подразбира спречување на коруптивните дејства. С.Т.