Фото: Архива

Во авторски текст, објавен во магазинот на САИС за меѓународни работи, се предлага формирање американско-македонска историска комисија, која врз основа на документите од историските архиви на американскиот Стејт департмент ќе ја разобличи бугарската теза дека Македонците не постоеле пред 1944 година. Според него, за да се избегне катастрофа, САД мора да го обезбедат она што ЕУ не може: темелното уверување дека јадрото на македонскиот идентитет нема да биде нагризено

Помошник-предавачот на Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џон Хопкинс“, Едвард Џозеф, со анализа како да прекинат бугарските условувања

Софија нема лесно да се откаже од единствената можност (низ преговарачкиот процес на ЕУ-интеграции на Македонија), Бугарија со помош на Европската Унија да ги исполни вековните стремежи за наметнување на бугарскиот наратив за македонскиот народ, јазик и историја, правејќи ги македонските евроинтеграции полни со постојани предизвици што ќе бараат нови откажувања, дополнителни внатрешни конфронтации, исполнување надворешни уцени.
Очигледно тоа е крајниот цех од брзоплетото прифаќање на таканаречениот француски предлог, во кој, како што отворено призна еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи, се инкорпорирани сите бугарски барања во однос на Македонија.
Затоа сега процесот на уставни измени во земјава е целосно блокиран како резултат на фрустрацијата на македонските граѓани, кои не се противат на вметнување на Бугарите во Уставот, туку се свесни дека тоа нема да биде последното бугарско барање и дека токму францускиот предлог ѝ нуди на официјална Софија широка палета на желби што македонската страна треба да ги исполни доколку сака да напредува во преговорите со ЕУ.
Повиците да се побара промена на преговарачката рамка не наидуваат на одгласи кај владејачките структури во земјава, а пораките што доаѓаат од европските челници се на иста линија, дека рамката е веќе утврдена и дека Македонија мора да го исполни она на што се обврзала.

САД како македонски стратегиски партнер треба да преземат поконкретни чекори во однос на бугарските условувања

Свесни за пат-позицијата во која западна земјава, САД како стратегиски партнер јасно го воочија однесувањето на Бугарија и гледаат во кој правец се движи и ќе се движи и во иднина официјалната бугарска политика кон Македонија. Тоа ги загрозува американските стратегиски интереси во регионот, па Вашингтон станува свесен дека мора да направи конкретни чекори за да го потврди партнерскиот однос со Македонија и со дела, не само на хартија.
Неодамна со свое видување како би можеле САД да ја спречат Бугарија во намерите да ја блокира Македонија низ преговарачкиот процес со ЕУ, дури и ако ги направи уставните измени, излезе Едвард Џозеф, помошник-предавач на Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џон Хопкинс“ (САИС) и виш соработник во Институтот за надворешна политика. Тој во авторски текст, објавен во магазинот на САИС за меѓународни работи, предлага формирање американско-македонска историска комисија, која врз основа на документите од историските архиви на американскиот Стејт департмент ќе ја разобличи бугарската теза дека Македонците не постоеле пред 1944 година. Според него, за да се избегне катастрофа, САД мора да го обезбедат она што ЕУ не може: темелното уверување дека јадрото на македонскиот идентитет нема да биде нагризено.
– За да се избегне катастрофа, САД мора да го обезбедат она што ЕУ не може: темелното уверување дека јадрото на македонскиот идентитет нема да биде нагризено од дополнителните бугарски барања. Постои начин да се постигне тоа без да се меша во бугарските внатрешни работи, да се бара Бугарија да прифати поинаква (реална, фактичка, н.з.) историска вистина или ќе се создаде опасен преседан. Всушност, Стејт департментот веќе ја распоредува историјата за да ги унапреди интересите на САД. Амбасадата на САД во Белград гордо прикажува историски докази за пријателските српско-американски односи, вклучувајќи го и писмото од претседателот Вудро Вилсон до српскиот премиер Никола Пашиќ во 1918 година, приближно во времето кога српското знаме се вееше над Белата куќа – предлага Џозеф.
Според него, Вашингтон може да му пристапи на Скопје на сличен, целосно билатерален начин со трилатерално влијание. Клучот е да ѝ се претстави на Бугарија моќна спротивност на нејзиниот наратив, кој самата Софија ќе го придвижи ако продолжи со идентитетска агресија против својот помал сосед и сојузник во НАТО.
– Да се натера администрацијата на Бајден да разбере што мора да направи кога Вашингтон е обземен од војната во Украина, во која црноморската држава Бугарија игра значајна улога, е вистинската пречка- смета Џозеф.
Понатаму тој објаснува дека условот за апсолутна ексклузивност во историјата е местото каде што всушност се наоѓа – можноста на Вашингтон!
– Бугарската крстоносна војна против „македонизмот“ зависи од 1944 година, кога Антифашистичкото собрание за национално ослободување на Македонија (АСНОМ) ја прогласи Народна Република Македонија за рамноправна федерална република во рамките на новата Југославија, со што се даде признавање на македонскиот народ и јазикот. Според Софија, 1944 година е почеток на „етнички инженерски проект за градење ‘македонски идентитет’ и ‘македонска нација’“. Во својот официјален Меморандум за објаснување испратен до колегите од ЕУ, Бугарија ги презира „алтернативните поими за „споделена“ или „испреплетена“ историја. Тоа значи дека целиот случај на Бугарија за „Титово… измислување нов историски наратив“ се распаѓа со докази за македонскиот идентитет пред 1944 година. Софија истото тоа го призна во објаснувачкиот меморандум со своето категорично тврдење дека „сите дипломатски и историски извештаи… потврдија“ дека „по Првата светска војна, огромното мнозинство… на географска… Македонија јасно се самоидентификуваше како бугарско“ – наведува Џозеф.

Според него, САД треба да излезат со неоспорни факти и документи со кои ќе докажат дека Македонците како посебен народ постоеле многу пред 1944 година.
– Официјалните трудови поврзани со надворешните односи на Соединетите Американски Држави, објавени од Канцеларијата на историчарот на Стејт департментот, лесно го оспоруваат тоа тврдење. Еден пример меѓу мноштвото примарни извори се појавува во дословните белешки од состанокот во септември 1919 година помеѓу пратеникот на претседателот Вилсон на Париската мировна конференција, Френк Лајон Полк, и францускиот премиер Жорж Клемансо. Американските и француските официјални лица целосно се согласуваат за потребата од заштита на „македонското и албанското малцинство“. Транскриптот содржи и референци за „Македонците“ и „македонското население“, со јасна дистинкција за „Бугари“, „бугарски државјани“ и „бугарски интриги“. Овој единствен пример не го докажува дефинитивно постоењето на независен македонски идентитет од 1919 година, ниту, пак, има потреба. Имајќи го предвид бугарскиот ексклузивизам, потребни се само докази од официјални американски материјали, дискутирани и дебатирани од експерти со добра волја, за македонската национална свест пред Титова Југославија. Дури и потенцијалното прикажување на уверлив, официјално претставен наратив различен од оној што Бугарија сака да го наметне е доволно за да се увери Скопје да го промени својот устав и да ја одврати Софија од ескалацијата на барањата. За првпат Бугарија ќе мора да ги одмери трошоците за пристапување кон сложените историски прашања со налог наместо со отворена дебата – истакнува Џозеф.

САД и Македонија да формираат мешана историска комисија

Тој смета дека постои политички и административно здрав пат кон гаранција -одвраќање на Бугарија од поставување нови услови и уцени кон Македонија.
– Во рамките на нивниот стратегиски дијалог, САД и С. Македонија веќе се договорија „да ја зајакнат промоцијата на образованието и историски точното сеќавање“. Вашингтон и Скопје можат да го надградат тоа преку внимателно подготвена изјава, повторувајќи го клучниот цитат на Бугарија од Договорот за пријателство: „Со цел за продлабочување на меѓусебната доверба, САД и С. Македонија се согласија да формираат заедничка комисија за историски и образовни прашања за да придонесат за објективно, засновано на автентични и докажани историски извори, научно толкување на историските настани што се однесуваат на основите на македонско-американското пријателство. Комисијата ќе се состане, а нејзините извештаи ќе бидат јавно објавени, по сопствена дискреција на САД“. За да го надградат меѓусебниот стратегиски дијалог, САД и Македонија треба да формираат заедничка комисија за историски и образовни прашања, според образецот од договорот со Бугарија. Тоа ќе биде јасна порака за Софија – појаснува Џозеф.
Тој уште додава дека со директно повикување на Договорот за пријателство и со задржување еднострана контрола врз свикувањето на македонско-американската мешана комисија, Вашингтон ќе испрати јасна порака до двете страни.
– Целта не е да се докаже дека Бугарија греши. Тоа е да се вратат Бугарија и С. Македонија на патот на фер, професионално и објективно истражување опишано во Договорот за пријателство и во согласност со вредностите на ЕУ. Ефектот на гаранција-одвраќање ќе се дополни додека Стејт департментот ги собира комбинираните историски средства на владата на САД, под координација на Канцеларијата на историчарот, потпомогната од Советодавниот комитет за историска дипломатска документација. Стејт департментот може да ги покани архиварот и библиотекарката на Конгресот да учествуваат во потфатот, носејќи низа изворни материјали, вклучувајќи ги и трудовите на претседателот Вилсон. Додека Департментот одлучи дали и кога ќе се состане мешаната комисија, македонските и американските историчари ќе имаат одврзани раце да ги постават агендата и методологијата за нивната работа. На крајот на краиштата, американско-македонската историска комисија никогаш не треба да се состане, сè додека Бугарија и С. Македонија продолжуваат во оригиналниот дух на нивниот Договор за пријателство. Бугарија во моментов не губи ништо; навистина, Софија е непосреден победник штом ќе поминат уставните амандмани. Вашингтон може да ја увери Софија дека лошата волја од македонска страна според францускиот предлог ќе го спречи македонско-американската комисија да се состане – нагласува Џозеф во анализата.

Има сили во Бугарија што се свесни за лошите политики кон Македонија

Негово мислење е дека ваквиот потег на САД најголемиот импакт би го имал во Бугарија, каде што ќе почне да се поставува прашањето на што бугарската страна ја трошеле енергијата сите овие години.
– Иронично, најголемата исплата на американскиот историски потфат ќе биде во самата Бугарија. Колку посилно Вашингтон се залага за принципот дека споровите за историјата и идентитетот мора да се решаваат со заемно почитување, толку е послаба способноста на претседателот Радев и другите проруски актери да го искористат етнонационализмот по линијата на Путин. Бугарската воинственост постепено ќе биде заменета со реализам, бидејќи Софија се соочува со директни трошоци за нејзината нескротлива идентитетска агресија. Поумерените гласови во Бугарија ќе прогласат победа за македонското прашање и ќе бараат начини да се постигне заедничко разбирање за историските настани со бришење на заканите – истакнува Џозеф во анализата.