Кипроски има голем придонес за афирмацијата на Маврово како репрезентативен зимски скијачки центар. Тој беше дел од традиционалниот „Мавровски меморијал“ уште од неговите почетоци. Како хроничар ги регистрираше сите значајни постигнувања на спортистите од Гостивар, а како публицист Кипроски е автор на 12 монографии

Киро Кипроски (1)

Ако направиме еден пресек на дописничката мрежа на „Нова Македонија“, ќе видиме дека еден од најприсутните новинари, кој и денес се јавува на страниците на весникот, е Киро Кипроски. Благодарение на неговата исклучителна способност и желба работите да не бидат заборавени, тој со сиот свој ентузијазам повеќе од 50 години ги регистрира најзначајните спортски моменти во Гостивар и воопшто во западниот регион на Македонија. Но не е само тоа, Кипроски со своите текстови секогаш открива нешто ново и интересно. На времето, на пример, тој беше новинарот што ја разбранува југословенската јавност, кога откри преку своите планинарски потфати оти Триглав не е највисокиот врв во поранешната држава, туку тоа е Кораб. Тоа предизвика лавина реакции во Словенија, но на крајот излезе дека Киро ја кажува вистината. Како публицист е автор на 12 монографии, во кои бележи многу нешта поврзани со животот на луѓето од мијачкиот и реканскиот крај. Сето тоа го потврдува фактот оти Киро, како новинар и публицист, остава зад себе едно големо дело, кое ќе биде корисно четиво за идните генерации. Впрочем, за значењето на новинарскиот и публицистички опус на Кипроски најубаво сведочат зборовите на бардот на македонското новинарство Панде Колемишевски, искажани на промоцијата на монографијата „Духовните светилишта на гостиварското архијерејско намесништво“, одржана во бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“:
– Моето обраќање, кое треба да носи краток наслов „Портрет на Кипро“, во себе крие поле од низа ризици да се промаши темата. Ќе прашате зошто. Затоа што Киро Кипроски во себе носи многу новинарски лица насликани со неверојатни природни бои што создаваат повеќе портрети. Колку истовремени толку и различни. Кипроски како радионовинар, Кипроски како известувач од дневни настани, Кипроски како врвен пишувач на репортажи, Кипроски како патописец, како творец на портрети на други лица, Кипроски како новинарски патник-страдалник, Кипроски како пример за ентузијазам и посветеност на она што го избрал како професија. Конечно и портрет на Киро како друштвен човек, како посакуван колега за професионални разговори и како своевиден боем за кафеански приватни и пријатни седенки.
Значи, не е лесно да се направи краток портрет на исклучителен новинар и публицист со богат новинарски опус, мајстор за речиси сите новинарски жанрови, за човек што објавил десетици илјади текста во печатени и електронски медиуми и кој објавил 12 монографии, специјални и специфични по содржината и користењето изразни средства. Кога на ова ќе се додаде и портретот на Киро како фоторепортер, тогаш ќе се види дека самиот Кипро заслужува колоритен портрет од голем формат, насликан повеќедимензионално со боите на Бистра Планина, комбинирани со боите на река Радика.
Тоа е портретот за Кипро, човекот што како новинар се пробал и успеал во сите жанрови. Меѓутоа, овде целта ми е да го претставам како дел од спортската новинарска фела.

ФУДБАЛЕРИТЕ НА МАВРОВО АМАТЕРСКИ ШАМПИОНИ НА ЈУГОСЛАВИЈА

Враќајќи нѐ на едно минато време, од записите и од репортажите на Киро Кипроски ќе дознаеме многу интересни работи. За љубителите на спортот, особено на фудбалот, ќе звучи многу изненадувачки кога ќе прочитаат оти фудбалскиот клуб Маврово во 1969 година ја освоил титулата аматерски првак на СФРЈ, а следната година бил втор.
– Многумина ќе се запрашаат од каде, пак, сега Маврово аматерски првак на Југославија. Е, токму тоа е интересно да се каже, зашто работите малку се подзабораваат. Имено, во поранешната држава Фудбалскиот сојуз на Југославија организираше завршен турнир за освојувачите на Купот на Маршал Тито во своите републики и покраини. Така, како освојувачи на Купот на Македонија, фудбалерите на Маврово не само што се најдоа на завршниот турнир во Барич, близу Белград, туку на крајот беа и победници. Тогаш, како новинар на Радио Гостивар, каде што практично го поминав мојот професионален новинарски век, со големо задоволство го величав овој успех, кој сите гостиварци нѐ правеше горди. Следната година, пак, како победник на последниот куп, Маврово повторно учествуваше на финалниот турнир во Оџак, во Босна и Херцеговина. Но во вториот обид гостиварските фудбалери не успеаја повторно да дојдат до трофејот и во финалето загубија од домаќинот по изведувањето пенали. Инаку, во регуларното време средбата заврши 1-1 – вели Киро.
Киро Кипроски со особено задоволство зборува и пишува и за успесите на кошаркарите, кои и денес се фактор во македонската кошарка.
– Нема сомнение оти кошарката, која има долга и богата традиција во Гостивар, и денес е спорт што им приредува големи задоволства на спортските љубители. Ова е убав момент да се потсетиме оти КК Маврово, почнувајќи од 1970 година, па во следните шест сезони се натпреваруваше во југословенската, мошне силна втора кошаркарска лига Исток. Во 1978 година беше републички првак на Македонија, а во 1996 година се натпреваруваше во купот „Радивое Кораќ“. Кошарката и фудбалот и денес го одржуваат трендот, па Гостивар е еден од ретките градови во државата што може да се пофалат оти во два популарни екипни спорта имаат прволигаши – со задоволство вели Кипроски.

БРЗАЦИТЕ НА РАДИКА СКРОТЕНИ ОД КАЈАКАРСКИТЕ АСОВИ

Прелистувајќи го бележникот на Кипроски ќе најдеме многу интересни работи, кои ќе нѐ потсетат на значајни настани што во минатото се одржувале во Македонија.
– Јас како голем љубител на спортот, на некои од тие настани, без да имам некоја специјална редакциска задача, сум присуствувал приватно. Но, како новинар во душа, не сум можел да останам рамнодушен и да не ја информирам јавноста за нив. Се сеќавам на многу такви настани, на многубројните средби и интервјуа. Во оваа пригода, како нешто посебно што остави белег во целокупниот македонски спорт би го одделил Деветтото светско првенство во кајак на диви води, кое се одржа од 23 до 29 јуни 1975 година на двете прекрасни реки Радика и Треска. Борбите беа исцрпувачки за кајакарите, кои со големи физички напори се бореа да ги скротат брзаците и што побрзо, без казнени поени, да стигнат на целта. Многубројните гледачи на брегот на реката Радика уживаа во спуст-трката и во мајсториите на врвните кајакари. Интересно ќе биде да кажам и еден куриозитет, кој малкумина го знаат. Првпат од браната на Мавровско Езеро, кај Маврови Анови, во реката Радика беше испуштена вода, за да се покачи водостојот, зашто само така можеа да бидат исполнети строгите критериуми за едно светско првенство. Неколку дена пред да се одржат натпреварите, експерти од градежна, електро и од машинска струка вршеа испитување на браната и констатираа дека со постепено испуштање вода од езерото нема да настане никаква хаварија – вели Кипроски.
Спортското новинарство на Киро му донесе многу задоволства и многу пријателства. Но, истовремено тој не може да ги заборави првите месеци од новинарскиот живот, кога ја почувствува динамиката што ја носи оваа професија. Тој ги прифати сите ризици и предизвици, зашто беше свесен оти само така можеа да му се остварат идеалите што ги носеше во себе од младоста.
– Најтешки моменти ми беа оние кога требаше да испратам извештај од некој настан одржан на Маврово. Се сеќавам, кон крајот на февруари 1968 година, на скијачките терени на Бистра, три дена се одржуваше тримечот на републичките репрезентации на Македонија, Србија и на Црна Гора, во алпски и во нордиски дисциплини. Натпреварите завршуваа околу 14 часот. Патот од селото Маврово до Маврови Анови, каде што беше поштата, беше затрупан со снег, непрооден за моторни возила. За да го издиктирам извештајот, шесте километри со брзо одење ги поминав за нешто повеќе од еден час. Потоа, во импровизираната пошта во Маврови Анови, со големи напори, телефонистот успеа да ја добие централата во Гостивар, која го поврза со централата во Скопје, а тие со редакцијата на „Нова Македонија“. Конечно врската беше воспоставена, извештајот навреме испратен, а маките низ кои поминав ги знаев само јас – рече Кипроски.
За некои други детали од новинарската кариера на Киро Кипроски, кој меѓу другото известуваше и од Зимските олимписки игри во Сараево, во 1984 година, и од Светското првенство во ракомет за жени во 1997 година, на кое Индира Кастратовиќ беше прв стрелец, ќе читате идната недела.


Киро Кипроски, новинар и публицист

Роден: во 1949 година во Галичник
Кариера: Дописник на „Нова Македонија“, „Млад борец“, „Студентски збор“, Радио Гостивар (постојанен работен однос), Радио Скопје, ТВ Скопје-МРТВ, Танјуг, МИА, Макфакс, Радио Дојче Веле, ТВ Македонски глас Берлин, од 1973 година член на Сојузот на новинарите на Југославија, по осамостојувањето член на ЗНМ
Издавачка дејност: 12 монографии претежно посветени на Горнополошкиот, Мавровскиот, Мијачкиот, Долно и Горнореканскиот Регион, неколку фељтони објавувани во „Нова Македонија“
Награди: добитник на наградата „Златен микрофон“ од ЗНМ, наградата „Најуспешен битолчанец за 2022 година“ на „Битолски весник“ и награди за многу емисии од натпреварите меѓу 29-те македонски радиостаници