Оваа војна ќе ги обедини Израелците на многу краток рок: влада на национално единство е веќе во подготовка. Но тогаш тоа ќе послужи за да се подели Израел и да се распадне како што нѐ учат лекциите од овој ненадеен напад. Израел бавно се движи кон внатрешна граѓанска војна. Самиот нејзин опстанок е во опасност.
Во процесот на оваа потрага по душа и игра за моќ, Израел ќе стане многу поавторитарна политика, милитаризирана и острацизирана. Овој менталитет на опсада ќе резултира со непријателски дејства од страна на Израел низ целиот регион. Ни претстои ера на екстремна опасност

Разговор со Сем Вакнин, колумнист и аналитичар за прашања од меѓународната политика и економија

Жестокото отворање на ново воено жариште во Израел беше повод да го побараме нашиот долгогодишен соработник Сем Вакнин, колумнист и аналитичар за меѓународни политички и економски прашања. Во својот приод кон прашањата од политички, економски и безбедносен карактер, Вакнин досега се покажал како крајно објективен, оперирајќи со проверени информации, факти и фактичка состојба за конкретниот предмет на опсервација. Тој е одличен познавач на состојбите во и околу Израел и токму затоа контактиравме со него токму во овој момент, за да добиеме поцелосна слика на случувањата.

Дали може во кратки црти да опишете што се случува во Израел овие денови?

– Во саботата, на еврејскиот свет ден, повеќе од 1.000 палестински борци, поврзани со Хамас, навлегоа во безбедносниот ѕид (ограда) од Појасот Газа и влегоа на територијата на државата Израел. Тие зазедоа неколку села и градови, убија околу 350 Израелци, повеќето од нив цивили, меѓу кои и жени и деца, и киднапираа повеќе од 100 Израелци, и воен персонал и цивили, вклучувајќи и деца. Уште 1.900 се ранети, од кои околу 400 се во критична состојба.
Во моментот додека го пишувам ова, 24 часа подоцна, некои од инфилтраторите сè уште се на територијата на Израел и држат под контрола неколку населени места.
Целата кампања беше придружена со испукување илјадници ракети, кои го преплавија израелскиот одбранбен систем, „Железната купола“ и предизвикаа штета во повеќе големи градови, вклучувајќи ги Тел-Авив и Ерусалим.
Според досега достапните информации, имаше огромен неуспех на израелското разузнавање и на воениот одговор откако започна упадот.

Зошто сега се случи нападот од палестинска страна?

– Официјалната причина што Хамас ја наведе за воената кампања „Потопот на Ал акса“ е зголемениот број еврејски посетители на џамијата „Ал акса“, муслиманско свето место во Ерусалим. Но, вистинските причини се:
1. Падот на популарноста на Хамас во Газа и на Западниот Брег поради огромните неуспеси во управувањето, растечкото меѓународно насилство и корупцијата на неговите службеници; и
2. Претстојната нормализација на односите на Израел со остатокот од арапскиот свет – вклучувајќи, наскоро, и со Саудиска Арабија – на сметка на занемарените интереси на Палестинците.
Хамас сака да ги истакне своите ингеренции како организација што се бори за ослободување на Палестина од толку омразената израелска окупација и, во исто време, да го врати палестинскиот проблем како главна точка на агендите на Блискиот Исток, на Арапите, на муслиманите, како и во политиката на САД.
Она што е особено значајно, треба да се каже дека Хамас веќе ги распореди и ги исцрпи сите свои средства во последниот очајнички обид. По ова, не верувам дека ќе може да ја повтори оваа операција.

Фото: ЕПА

Според првите информации, киднапирани се голем број Израелци, па дури и странски државјани. Која е целта на овие киднапирања?

– Хамас има намера да ги користи заложниците како жив штит, а потоа да ги замени за палестински милитанти што се чуваат во израелските затвори. Егзекуциите на заложниците исто така можат да послужат да го поколебаат јавното мислење и да постигнат тактички цели во преговорите со Израел во иднина.

Колкава е опасноста конфликтот да се прошири?

– Хезболах во Либан веќе ракетираше цели во северен Израел, но тоа беше ограничен и симболичен напад. За обележување е дека исто така немаше големи немири на Западниот Брег или внатре во Израел. Според она што досега се случуваше, може да се очекува ако Израел ја задржи пропорционалноста на својата реакција, конфликтот да остане ограничен. Но, ако Израел се обиде повторно да го освои Појасот Газа и да го искорени Хамас, ќе се најде во војна со сите Палестинци, каде и да се – како и со Иран, а можеби и со Русија. Друг исход може да бидат терористички напади во Европа врз еврејски цели. Сè зависи од самоконтролата и државничката способност на Израел сега. Одговорот на тероризмот никогаш не треба да биде државен тероризам.

Што може да се очекува во наредните денови?

– Во наредниов период се очекува Израел да ги исчисти последните преостанати ќелии од палестинските борци на својата територија. Следната фаза би била да го нападне Појасот Газа откако претходно ќе изврши силни воздушни бомбардирања. Според тоа, може да се очекува дека оваа војна ќе трае со недели или месеци.

Какво ќе биде влијанието на оваа војна врз израелската политика и општество?

– Израелското општество никогаш не било толку поделено и поларизирано: поради антидемократската судска реформа поттикната од кривично обвинетиот премиер Нетанјаху и неговите сојузници; поради растечката политичка моќ на ултраправославните; поради војската; поради нееднаквоста во приходите и неодржливите трошоци за живот; поради левите наспроти десните; околу бескрајниот конфликт со Палестинците; и уште многу прашања за идентитетот и вредностите.
Оваа војна ќе ги обедини Израелците на многу краток рок: влада на национално единство е веќе во подготовка. Но, тогаш тоа ќе послужи за да се подели Израел и да се распадне како што нѐ учат лекциите од овој ненадеен напад. Израел бавно се движи кон внатрешна граѓанска војна. Самиот нејзин опстанок е во опасност.
Во процесот на оваа потрага по душа и игра за моќ, Израел ќе стане многу поавторитарна политика, милитаризирана и острацизирана. Овој менталитет на опсада ќе резултира со непријателски дејства од страна на Израел низ целиот регион. Ни претстои ера на екстремна опасност.