За да се биде одговорен за народот, за човештвото, треба да се разбере дека „Кинезите, како и Американците, се достоинствени и самоуверени луѓе и и двете страни имаат право да бараат подобар живот“! Исцртувањето идеолошки граници, поделбата на табори и вклучувањето во конфронтации на блокови сигурно ќе донесат катастрофи во светот
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во понеделникот пристигна во Пекинг, на средба со кинескиот претседател Си Џинпинг. Средбата се одржа во критично време и беше внимателно следена од целиот свет. Имено, меѓународната заедница генерално е загрижена за моменталната состојба на односите меѓу Кина и САД. Таа не сака да види конфликт или конфронтација меѓу Кина и САД или да избира страна меѓу двете земји. Таа очекува двете земји да коегзистираат во мир и да имаат пријателски и кооперативни односи, а императив е одговорноста. Силниот и стабилен раст на билатералните односи им служи на основните интереси на двата народа, но и на интересите за мир, стабилност и благосостојба на светот.
Кои клучни пораки одекнаа од средбата на американскиот државен секретар Антони Блинкен со кинескиот претседател Си Џинпинг?
Во потрага по вистинскиот начин Кина и САД да се согласуваат
Односите меѓу Кина и САД имаат тешкотии во времето кога Блинкен ја посетува Кина. И покрај тоа, средбата на високо ниво фрли исклучително позитивно светло на напорите на светските велесили да почнат нов тренд на деескалација и во меѓусебните односи, а што ќе има силна позитивна рефлексија и на состојбите за надминување на кризите во остатокот од светот, вклучувајќи го воениот конфликт во Европа.
Имено, претседателот на Кина, Џинпинг, му рекол на американскиот државен секретар Блинкен дека „двете земји треба да дејствуваат со чувство на одговорност за историјата, луѓето и светот и правилно да се справат со односите Кина – САД“. На средбата Џинпинг го ставил акцентот на одговорноста, покажувајќи ги широката визија и големото чувство за одговорност на кинеската страна.
– За да се биде одговорен за историјата, треба да се разбере „дали двете земји можат да го најдат вистинскиот начин заеднички да се соочат со иднината и судбината на човештвото“ – му рекол Џинпинг на Блинкен.
– Најважниот настан во меѓународните односи во изминатите 50 години беше обновувањето и развојот на односите Кина – САД, од кои корист имаа двете земји и целиот свет – истакнал претседателот на Кина, додавајќи дека „најважниот настан во меѓународните односи во наредните 50 години ќе биде Кина и САД да го најдат вистинскиот начин да се согласуваат“!
За да се биде одговорен за народот, треба да се разбере дека „Кинезите, како и Американците, се достоинствени и самоуверени луѓе и и двете страни имаат право да бараат подобар живот“, изјавил Џинпинг.
Трендот на светот треба да е мир, развој и победничка соработка,
а не натпревар меѓу велесилите
На средбата на американскиот државен секретар Антони Блинкен со кинескиот претседател Си Џинпинг беше истакнато дека трендот на светот е недвосмислен: тоа е тренд на мир, развој и победничка соработка. Истакнат е заедничкиот став дека двете големи држави веруваат дека можат да ги надминат различните видувања и тешкотии и да го најдат вистинскиот начин да се согласуваат врз основа на заемно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни. Планетата Земја е доволно голема за да ги прифати соодветниот развој и заедничкиот просперитет на двете најголеми економии во светот.
Покрај тоа, американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека „САД се посветени на враќање на агендата поставена од двајцата претседатели на Бали. Соединетите Американски Држави стојат на обврските преземени од претседателот Бајден, имено САД не бараат нова студена војна, не бараат промена на системот на Кина, нивните сојузи не се насочени кон Кина, тие не ја поддржуваат ’независноста на Тајван’ и не бараат конфликт со Кина“, изјавил Блинкен.
Во тој контекст беше подвлечено дека „двете страни треба да останат посветени на заедничкото разбирање што тој и претседателот Џо Бајден ги постигнаа на Бали, Индонезија, минатата година, и да ги преточат позитивните изјави во активности за да се стабилизираат и подобрат односите Кина – САД“.