Дали судбината на екипажот и патниците на „Титан“ ќе биде идентична со онаа на „Титаник“

Веста за исчезнатата подморница „Титан“ и трката со времето на спасувачката операција сѐ уште ги држат вознемирени луѓето од целиот свет. Имено, во неделата, на 18.6.2023 год., американската крајбрежна стража прими повик од командниот брод на подморницата „Титан“ што содржеше информација дека е изгубен контакт со подморницата на околу 900 милји (1.450 километри) источно од Кејп Код, Масачусетс. Речиси оттогаш американската морнарица почна масивни операции за спасување. Операциите за пребарување се отежнати поради подводните планини и долини, поради притисокот на водата во длабоките мориња и поради временските услови. Повеќе од пет дена по потрагата, има само неколку индиции за локацијата на „Титан“. За споредба, областа за пребарување е двојно поголема од американската држава Конектикат – во води длабоки 4 километри.

Кој се наоѓа во исчезнатата подморница?

Според досега утврдените информации, исчезнатиот „Титан“ превезува пет лица – британски авантурист, француски нуркач, пакистански државјанин и неговиот син и основачот на „Оушн гејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions), компанијата што ја водеше турнејата до остатоците од „Титаник“.
Во „Титан“ се наоѓаат пилотот што го управува пловилото и четворица други лица „на екскурзија до местото на потонување по бродоломот на ’Титаник’“. За споменатата екскурзија, компанијата „Оушн гејт“ наплаќа 250.000 долари по лице. Меѓу патниците се британскиот милијардер и авантурист Хамиш Хардинг и бизнис-магнатот со пакистанско потекло Шахзада Давуд, кој е заедно со својот 19-годишен син Сулејман, и двајцата британски државјани. Францускиот океанограф и водечки експерт за „Титаник“ Пол-Анри Наргеолет ја водеше екскурзијата, додека на бродот беше и основачот на „Оушн гејт“,, Стоктон Раш.

Премината критичната граница од 96 часа снабденост со кислород

Операциите за пребарување и спасување сè уште се во тек, но „Титан“ ја премина критичната граница од 96 часа на снабденост со кислород. Останува нејасно дали петте патници преживеале или последователно презеле чекори за да го зачуваат доводот на воздух. Се проценува дека подморницата „Титан“ имала 96-часовно снабдување со воздух за дишење кога се лансира во неделата наутро. Но, за крајниот и точен рок за потрошен кислород, експертите забележуваат дека е „непрецизна процена“. Истиот тој, според експертите, може да се продолжи доколку патниците презеле мерки за штедење на воздухот што го дишат. Но, апроксимативно, крајниот рок за пронаоѓање и спасување на подморницата е приближно помеѓу 15.30 и 17.30 (IST).

Здравствени проблеми што им се закануваат на луѓето во подморницата

Засега сѐ уште не е позната здравствената состојба на екипата во подморницата. Кен Ледез, експерт за хипербарична медицина, изјави дека на оние во подморницата не им се заканува само недостигот од воздух. Подморницата можеби изгубила електрична енергија, што може да создаде проблеми со контролирање на количеството на кислород и јаглерод диоксид во подморницата. Како што се намалува нивото на кислород, процентот на јаглерод диоксид што го вдишува екипажот се зголемува, а тоа може да има фатални последици.
Поранешниот капетан на подморницата на Кралската морнарица, Рајан Ремзи, ги анализираше снимките од внатрешноста на „Титан“ на интернет и рече дека не го видел системот за отстранување на јаглерод диоксид, познат како чистач. Покрај тоа, екипажот е изложен на ризик од хипотермија, односно премногу ниска телесна температура. Ремзи наведува дека температурата на водата, доколку подморницата е на морското дно, е околу 0 степени. И ако изгубиле струја, тешко дека ќе можат да ја загреат подморницата. Ако екипажот е погоден од хипотермија, ако нема доволно кислород и ако во кабината се акумулира јаглерод диоксид, прашање е дали ќе можат да испратат повици за помош, односно да се обидат да стапат во контакт со потрагата и спасувачката мисија, на пример со удирање на трупот на подморницата во редовни интервали.
Што се однесува до храната и водата, крајбрежната стража вели дека екипажот имал „ограничени оброци“ на бродот, но не може да каже колку. И покрај сите овие предизвици, експертот за хипербарична медицина Ледез смета дека операцијата за пребарување и спасување не треба да се откажува предвреме, додавајќи дека екипажот би можел да преживее извесно време дури и со ниски нивоа на кислород.

Уште пред пет години предупредување за небезбедност

Поранешен вработен во „Оушн гејт“, компанијата што управува со исчезнатата подморница „Титан“, предупреди на можни безбедносни проблеми со подморницата уште во 2018 година. Американските судски документи покажуваат дека лицето Дејвид Лохриџ, тогашен директор за поморски операции на компанијата, изразил загриженост во извештајот што „идентификува голем број прашања што претставуваат сериозни безбедносни ризици“. Лохриџ ја истакнал потенцијалната опасност за патниците на „Титан“ бидејќи компанијата „почнала да ја спушта подморницата на екстремни длабочини“. Тој рекол дека неговите предупредувања биле игнорирани и свикал состанок со шефовите на „Оушн гејт“, но бил отпуштен од работа. Компанијата го тужеше за откривање доверливи информации, а тој возврати за неправедно отпуштање. Подоцна беше постигната спогодба, но не се познати детали.

Подморницата била управувана со конзола за видеоигри

Извршниот директор на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, чија подморница „Титан“ исчезна за време на експедиција до потонатиот брод „Титаник“, во поранешно интервју изјавил дека експертиза не е потребна, затоа што секој може да управува подморница со конзола за видеоигри од 30 долари. Медиумите сега откриваат дека компанијата одбила да го подложи „Титан“ на независно тестирање и отпуштила директор што барал поригорозни безбедносни тестови.

„Титан“: Без седишта и без прозорци во исчезнатиот брод

Подморницата „Титан“, за разлика од другите подморници, има ограничени резерви на енергија и ѝ треба брод за поддршка на површината на океанот за да ја лансира и обнови. На „Титан“ му се потребни 10-11 часа за неговата мисија до потонатиот брод „Титаник“ и назад. И на секое патување обезбедува 96 часа животна поддршка.
„Титан“ нема седишта за седење и нема прозорци. Има само еден тоалет. Петте членови на екипажот седат со скрстени нозе на подот на подморницата. Делови од „Титан“ се нискотехнолошки. Подморницата е управувана од контролор за игри што изгледа како контролор на Плејстејшн. Во „Титан“ температурите брзо опаѓаат додека се спушта кон дното на океанот. Во „Титан“ има греалка, па може да се загрее, но малку.


Пет работи што можеби тргнале наопаку:

1. Подводната машина „Титан“ да се заплетка во остатоците на „Титаник“.
2. Друга можност е „Титан“ да се заплетка во парче отпад, како на пример рибарска мрежа. Во 2005 година, руската подморница наречена „АС-28“ се заплетка токму во таква мрежа додека беше под вода на полуостровот Камчатка, во далечниот источен Сибир. Мрежата предизвика да потоне на морското дно, за потоа британски подводен дрон да ја исече мрежата и да ја ослободи. Сите седум члена на екипажот безбедно излегоа на површината два дена подоцна
3. „Титан“ исто така можел да претрпи прекин на струја или дефект на опремата. Пловилото се потпира на батерии за напојување на комуникациите и дефектот може да објасни зошто изгубил контакт со матичниот брод.
4. Катастрофалната имплозија на садот сега стана тежишна теорија за инцидентот. На местото каде што е дестинацијата на „Титан“, притисокот е 350 пати поголем отколку на површината. Дури и мала грешка во јаглеродните влакна и титаниумот може да ја предизвика несреќата. Подморницата „Титан“, која компанијата ја опиша како „експериментална“, е изградена од необични материјали за подморница на длабоко море. Трупот е направен од карбонски влакна, со завршни плочи од титаниум и мал прозорец на едниот крај. За да се издржи огромниот притисок во тие длабочини, потребни се суперцврсти материјали. Трите претходни патувања на „Титан“ биле откажани поради страв од структурни неуспеси.
5. Друга можност е пожар на „Титан“, можеби предизвикан од влегување вода во струјниот систем. Во 2019 година избувна пожар во одделот за батерии на руска подморница додека таа беше 1.000 стапки под вода.

Подготвил: Mарјан Велевски