Репортажа: Нашата новинарка во Венеција Романтична, убава, инспиративна…
Посебно место во светот. Ете тоа е Венеција во Италија. Романтичен, убав и инспиративен град што вреди да се посети, не само еднаш туку и повеќепати. Не е важно кога ќе појдеш во Венеција, бидејќи секогаш е убава со каналите, архитектурата, со уметноста што излегува од секој агол. Последната моја посета беше за време на карневалот. Сакав да го почувствувам карневалскиот дух на Венеција одблиску, да направам фотографии, да овековечам места, луѓе… Најубаво е да се престојува во Венеција, не е важно дали ќе спиете во хотел или во апартмани. Сепак сѐ зависи до длабочината на џебот. Ако сакате повеќе да потрошите тогаш сместувајте се во хотел, а ако сакате помалку тогаш препорачувам изборот да биде сместување во апартмани, малку поблиску до плоштадот „Св. Марко“. Шетајте низ Венеција, не само во близината на плоштадот, Дуждевата палата, туку и покрај каналите, по улиците во кои нема многу луѓе и навистина престојот ќе ви остане во сеќавање.
Во Венеција има што да се види, да се почувствува духот, да се разгледа архитектурата, да се прошета по малите канали, да се преминат многубројните мостови, ама и да се посетат островите Мурано и Бурано.
Венеција е град во североисточниот дел од Италија на Јадранско Море. Седиште е на округот Венето. Изградена е на 118 островчиња на местото каде што реката Бренета се влева во морето. Преполна е со канали, над кои се наоѓаат палати, и цркви од исклучителна вредност, па затоа Венеција е споменик на културата на УНЕСКО. Настанала откако локалното население почнало да бега од варварите и да се населува на три острови, Маломоко, Лидо ди Јесоло и Торчело. На почетокот биле привремени населби, а потоа населението останало тука. Ги забодувале столбовите од дрво и потоа создавале платформи врз кои ги граделе куќите. На пример, за изградбата на темелите на црквата „Св. Марија дела Салуте“ биле употребени на 1,2 милион столба во должина од четири метри. Цела Венеција е изградена врз конструкции од дрво, кое се зацврстувало поради влијанието на морската сол, со што столбовите се скаменувале.
Во Венеција има илјадници места што треба да ги посетите, дали покрај Големиот Канал, дали во внатрешноста.
Посочив дека Венеција ја посетив за време на карневалот, кој навистина воодушевува. Цел град е под маски, а задоволство е да се следат поворките, летот на ангелите, на орелот… Главната церемонија се случува на плоштадот „Свети Марко“, со крунисувањето на одбраната девојка, која ја викаат Марија. Потоа се палат кукли, а низ секој ќош, на секоја улица, во продавници, по мостовите се случува карневалот. Има најразлични забави, изложби, концерти… И што е најважно, венецијанците се сликаат со туристите… Ќе сретнете најразличен тип маски – венецијанска, баута, колумбина, маски со бел клун, морета, ларва…
И додека сте во Венеција, што треба неизбежно да посетите?
Венеција претежно има готска архитектура, со лакови, но со примеси на византискиот и отоманскиот стил, кој датира од 14 век, иако има градби од периодот на ренесансата, барокот. Архитектурата на Венеција треба да се доживее, единствена е и убава. Прошетајте низ плоштадот „Свети Марко“, опкружен со убави и големи градби како „Прокуратори Векие“, „Ала Наполеоника“ и „Прокураторе ноуве“. На плоштадот е часовникот што одѕвонува на секој час. Најпознат споменик што ќе го видите тука е крилестиот лав и е недалеку од црквата посветена на Свети Марко. За неколку евра влезете во базиликата „Свети Марко“, една од најубавите и највеличествени во светот.
Таа е симбол на Венеција и предизвикува интерес кај секој посетител со својот посебен изглед. А внатре има голем број туристи, кои како и јас остануваат без здив од мозаиците со голема површина. Црквата има богатство од предмети од историско и културно значење, од злато, стакло, скулптури, слики… Откако ќе ја разгледа базиликата, намерниот патник продолжува во Дуждевата палата или популарниот кнежевски дворец, некогашна значајна зграда за Венеција, а денес знаменитост за туристите, кои кога ќе ја посетат остануваат без здив поради убавите простории, сали. Од другата страна на плоштадот, кога ќе преминете со гондола за само четири евра, ќе можете да ја разгледате црквата „Санта Марија дела Салуте“. Изградена е на местото каде што се спојува Големиот Канал со заливот Св. Марко. Возете се со гондоли низ Големиот Канал, кој кружи околу убавите згради, околу мостот „Риалто“ и доживејте ја Венеција со сите сетила. Прошетајте низ мостот „Риалто“ изграден во 16 век, околу кој се расположени ресторани, продавници… купете сувенири за спомен. Видете го Мостот на воздишките од 17 век, кој го добил името по воздишките што ги испуштале заљубените на заоѓање на сонцето.
Да појдете во Венеција и да не посетите некои од музеите ќе биде вистинска штета. Градот на вода, со преубави споменици и градби, го красат и многубројните музеи, како музејот „Корер“, „Марсиано“, „Навале“, Археолошкиот музеј и многу други помалку познати, ама атрактивни. Посетете ја интересната библиотека „Алто“ и во близината на „Риалто“ пронајдете го видиковецот од каде што ќе имате најубав поглед на Венеција.
И откако ќе разгледате најголем дел од Венеција, посетете ги островчињата Мурано, Торчело и извонредното Бурано. Во организирана тура, сами, на пристаништето на Лагуна, на Свети Марко качете се на брод и посетете ги островите. Нема да зажалите. Покрај тоа што ќе купите оригинал мурано стакло, чипка и сувенири, ќе ви остане градот во најубаво сеќавање. На Мурано ќе имате можност да видите како се произведува венецијанското стакло, за потоа да појдете до Бурано каде што се произведува чипката. Но таму, повеќе, како што беше случајот со мене, ќе ве воодушеват шарените куќарки, како од бајките.
И на крајот ви препорачуваме да вкусите од убавите италијански специјалитети, задолжително сладолед. Јадете во мали ресторани, таму цените се пониски.
Во Венеција има сѐ – архитектура, гондоли, маски, храна, музика. Посетете ја барем еднаш во вашиот живот!
Текст и фото: Каролина Мицевска