Реална црна листа и привиден евроскептицизам

Доколку не покажеме реална политичка волја и подготвеност за институционално дејствување во борбата против високата корупција и трговијата со влијание на политичкиот естаблишмент, барањата за прием во ЕУ ќе бидат празно слово на хартија, дури ризикуваме да се отвори прашањето дали нашите политички претставници навистина имаат вистинска политичка волја и желба да продолжиме по европскиот пат, бидејќи никој во ЕУ нема да дозволи пристап во членство без притоа да се искоренат длабоко всадените балкански коруптивни навики издигнати на ниво на правило

Објавените имиња на лица ставени на „црната листа“ од страна на американската администрација предизвикаа реакции во јавноста, но останува впечатокот дека ваквиот чин не предизвика значајна реакција кај засегнатите лица ниту кај надлежните органи.
Овој пат се чини дека американската администрација се обиде со еден поинаков пристап и вокабулар да ги посочи токму овие лица како креатори и двигатели на коруптивните дејанија и влијанија во судството, употребувајќи притоа „тврда“ реторика со констатации за интензивно занимавање со корупција во различни облици и форми, во континуитет од 2000 година до денес.
За првпат американската амбасада по повод најновата листа на непожелни свика прес-конференција на која јавно ги образложи причините за ваквата одлука, а коруптивното поведение го дефинира како некаква форма на „занает“ на посочените и вообичаен начин на функционирање заради стекнување лична корист и бенефиции. Притоа јасно посочија дека доказите врз основа на кои се темели ваквата одлука, американската администрација ги обезбедила во нашата држава, истите тие биле внимателно анализирани подолг временски период и ги повикаа надлежните органи да постапат по нив.
Останува впечатокот дека посочените лица, како и тие што допрва ќе се најдат на американската „огласна табла“, како и досега ќе ги користат „бенефициите“ дека ваквите мерки и санкции имаат политичка нота и не можат да предизвикаат за нив никакви законски последици во нашиот правен поредок, но имајќи го предвид притисокот на американската администрација, прашање е колку долго нашите институции ќе можат да ја игнорираат ваквата состојба, особено поради фактот што е нагласено дека ваквата одлука се заснова на докази што се обезбедени во нашата држава.
Без оглед какви ќе бидат исходот и ефектот од досегашните и идни „црни листи“ повеќе од јасно е дека меѓународниот фактор како држава нѐ става на сериозен институционален испит. Доколку не покажеме реална политичка волја и подготвеност за институционално дејствување во борбата против високата корупција и трговијата со влијание на политичкиот естаблишмент, барањата за прием во ЕУ ќе бидат празно слово на хартија, дури ризикуваме да се отвори прашањето дали нашите политички претставници навистина имаат вистинска политичка волја и желба да продолжиме по европскиот пат, бидејќи никој во ЕУ нема да дозволи пристап во членство без притоа да се искоренат длабоко всадените балкански коруптивни навики издигнати на ниво на правило.
Антикорупционерите реално уживаат најголема поддршка, но тие имаат лимитирани овластувања и реално сегашнато политичко расположение не ветува дека постои политичка волја да им се дадат дополнителни проширени ингеренции, напротив сметам дека добар дел од денешните политичари едвај чекаат да заврши мандатот на овој состав и сегашниот претседател на ДКСК, особено што нивното дејствување и постапување во последно време евидентно предизвикува нервоза и конфликт со надлежните институции со кои токму тие треба природно, непречено и континуирано да соработуваат.
Сето ова реално дополнително влијае на зголемениот евроскептицизам, за кој своја улога има секако и притисокот за уставните измени, но како и да е клучно е што немаме соодветен институционален одговор за она што меѓународниот фактор го дефинира и подразбира како нормално функционирање на правната држава и борба против високата корупција и трговија со влијание.
Секако евроскептицизмот е моментален и привиден и не ја отсликува реалната состојба, а се должи на моменталните реални состојби, бидејќи поинаку и не може да се разбере и толкува сегашниот степен на анти ЕУ расположение, особено поради фактот што природната траекторија на движење и миграцијата на луѓето од овие простори од втората половина на минатиот век до денес е во рамките на трансверзалата Атина – Скопје – Минхен и обратно или поточно за оние што памтат, по патот на патничкиот воз број 590, кој водеше директно во западноевропските земји без визи и ограничувања.
Европскиот правец на движење е неспорен уште од времето кога во 60-тите години на минатиот век отворањето на границите кон западноевропските земји беше државен проект со кој се намалуваше невработеноста, а наедно се зголемуваше девизниот прилив, но истото тоа не значеше трајно иселување како што е тоа случај денес, туку напротив, најголемиот дел од луѓето се враќаа дома и ги вложуваа заработените пари во нови куќи и во сопствени приватни бизниси.
Неспорно е дека ни е потребен целосен општествен и институционален ресет бидејќи кај нас проблемот е суштински и системски, навидум имаме добри законски решенија, а слаба институционална реализација токму поради високиот степен на трговијата со влијание и корупција во различните облици и „фискални“ форми, „денеска надградено со загарантирано и неприкосновено право на скриено користење движен и недвижен имот сопственост на заинтересирано физичко и правно лице“.
Останува впечатокот дека нашите политичари само декларативно се залагаат за борбата против корупцијата, а реално секоја политичка гарнитура го надградува веќе воспоставениот и втемелен систем на трговија со влијание, бидејќи тоа е единствениот начин за политички опстанок.
Ова станува правило и е единствениот мотив за освојување на власта заради воспоставување целосна контрола над општествените и финансиски текови, исклучиво во интерес на скриените групи и групации, кои преку нивните политички ментори невидливо ги контролираат севкупните состојби во општеството во нивен интерес.
Реално, ние немаме вистински народни избраници избрани со отворени листи сублимирани во една изборна единица, кои извираат од реалниот и стварен електорат, туку имаме изнудени и наметнати решенија во форма на партиски пратеници и општински советници, кои електоратот во добар дел не ги ни познава, кои не извираат од електоратот туку од органите и телата на политичките партии, кои треба да ја спроведат партиската, а не народната и државна агенда, и тоа пред сѐ низ спроведување на урбанистичките планови како основен и единствен приоритет, токму во интерес на невидливите интересни групи и групации, а притоа нивните политички ментори се во основа главниот контролор во процесите на јавните набавки и текот на парите.
Од овие причини не сум убеден дека вистински се сака да ги отвориме преговорите со ЕУ бидејќи високиот степен на корупција и трговија со влијание издигнати на ниво на навика и правило, не оди во прилог токму на скриените интересни групи и групации и нивните политички ментори, бидејќи со отворањето на ЕУ-процесите ќе се активира надлежноста на системот на меѓународните финансиски истраги, кои не одат во прилог токму на овие скриени интересни групи, што ќе значи дека „црните листи“ нема да имаат само политичка нота како што е тоа случај денеска без реални последици во нашиот правен поредок, поточно нема да можат повеќе да бидат игнорирани како досега.
Како и да е, останува да веруваме дека како општество можеме и имаме капацитет да ги ресетираме клучните институции со поставување професионален кадар без политички калкулации, со што досегашните наши трговци со влијание ќе бидат принудени да одат во заслужена ликвидација. (Авторот е адвокат и поранешен судија).

(Авторот е адвокат и поранешен судија)

Владимир Туфегџиќ