Гордана Силјановска-Давкова со значајна предност во првиот круг на изборите

Мирно и без позначајни изборни проблеми мина првиот круг од претседателските избори, на кои во вториот круг што ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори се пласираа кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, како и кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.
За Гордана Силјановска-Давкова, по обработени 77 отсто од избирачките места, гласале 272.729 граѓани, односно 39,58 отсто, додека доверба на Пендаровски му дале 133.184, односно 19,33 отсто. Овие двајца претседателски кандидати во вториот круг ја почнуваат изборната борба од почеток.
Според податоците од ДИК по обработени 77 отсто од избирачките места, кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, има 5.503 гласа (0,80 отсто), кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, освои 99.210 гласа (14,40 отсто), кандидатката на Левица, Билјана Ванковска–Цветковска има 30.360 гласа (4,41 отсто), кандидатот на албанската опозиција, Арбен Таравари, има 70.511 гласа (10,23 отсто) и кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, има 58.180 гласа (8,44 отсто).
Кандидатката за претседател предложена од Левица, Билјана Ванковска, оцени дека двојно зголемениот одзив во споредба со претседателските избори од 2019 година зборува за поголемата понуда што ја имаа граѓаните, но и за потребата на гласачите да го искажат својот глас. Таа оцени дека тоа што некои медиуми веќе ги соопштиле победниците не е демократски однос.
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ го честиташе водството на Гордана Силјановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Европскиот фронт“ станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава, изјави Бујар Османи, кандидат на ДУИ и коалицијата, по завршувањето на првиот круг на претседателски избори. Тој изрази благодарност до сите што ја поддржаа неговата кандидатура, но и за „Фронтот за Европа“, како и на коалициските партнери.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од коалицијата „Вреди“ истакнаа дека тие ги добиле гласовите на Албанците, најавувајќи победа на 8 мај. Кандидатот Арбен Таравари истакна дека разликата е мала и дека следните чекори ќе се планираат заеднички во периодот што следува и дека и натаму останува можноста ДУИ да биде испратена во политичка пензија.
До 18.30 часот, половина час пред затворањето на избирачките места, одзивот на гласачите на првиот круг од претседателските избори е 48,46 отсто од податоците доставени до Државната изборна комисија, што е повеќе за разлика од одзивот во првиот круг на претседателските избори во 2019 година, која изнесуваше 42 отсто. Тој одзив се смета за најнизок од осамостојувањето на земјата. Сите други избори покажуваат поголем одзив. Во 2004 година одзивот во првиот круг бил 55,2 проценти, а во вториот круг 53,6 отсто. И на претседателските избори одржани во 2014 година, одзивот беше поголем, но причината за тоа беше што во истиот термин се одржаа и парламентарни избори, што влијаеше за многу поголема мобилизација на гласачите. Највисок одзив имало на претседателски избори во 1999 година, кога во првиот круг на гласање излегле 65,23 отсто од гласачите, а во вториот круг 69,56 отсто. Рекордот го држат претседателските избори во 1994 година, со 77,76 отсто одзив.
Според Министерството за внатрешни работи, вчерашниот изборен процес во Македонија поминал без пречки и поголеми инциденти. До затворањето на избирачките места на електронската адреса на Јавното обвинителство не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите.
Претседателските избори ги следеа вкупно 1.601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари. С.Т.