Жозеп Борел (лево) и премиерот Димитар Ковачевски/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој со средбата со претседателот ја отпочна посетата на Македонија.

Пендаровски ја оцени посетата на Борел како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.

Претседателот подвлече дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година. Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Македонија според претседателот Пендаровски се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.

Борел се сретна со претседателот Стево Пендаровски/Фото: Кабинет на претседателот

Дискутирајќи за конфликтот во Украина и неговото влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмираа потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.

Високиот претставник ја поздрави одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година.

На средбата се разговараше и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој од вчера престојува во посета на Скопје, денеска ќе има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на парламентарните партии.

Борел веќе пристигна во Владата на средба со премиерот Димитар Ковачевски. Според најавите, Борел и Ковачевски по средбата ќе одржат заедничка прес-сконференција напладне во Владата.

Шефот на еврпската дипломатија потоа ќе учествува и на настан на кој претставници на граѓанското општество и младинските организации ќе ја претстават својата работа за придонесот на Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа. Настанот ќе се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Скопје е првата станица од неговата посета на регионот, при што освен Македонија, ќе ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина. Посетата на Борел на Западен Балкан ќе ја потврди посветеноста и поддршката на ЕУ за регионот, исто така, во поглед на руската војна против Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на Европа како целина, соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава.

Од Скопје, високиот претставник на ЕУ ќе отпатува за Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, како и со други претставници на власта и граѓанското општество.

Борел задутре ќе допатува во Сараево, каде што прво ќе ја посети операцијата на ЕУФОР Алтеа, а потоа ќе се сретне со властите на БиХ и со претставници на политички опозициски партии, како и на граѓанското општество.