Фото: Игор Бансколиев

Иако обидите за илегални преминувања на границите на Македонија со соседните земји, според Министерството за внатрешни работи, во 2021 година бележат опаѓaње за 36,5 отсто во однос на претходната, проблемот и понатаму е присутен, особено поради тоа што како непознаница останува и бројот на илегалните преминувања што не биле забележани и спречени од страна на надлежните

ПЕТ ГОДИНИ ОД ОФИЦИЈАЛНОТО ЗАТВОРАЊЕ НА БАЛКАНСКАТА МИГРАНТСКА МАРШРУТА

За да се воспостави рамнотежа помеѓу сувереното право на државите да ги штитат своите граници и почитувањето на човековите права на илегалните мигранти, неопходно е меѓународната соработка и понатаму да се унапредува, повика неодамна претседавачот со aд хок комитетот за миграција и потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Кристијан Вигенин, во моментот кога, според Меѓународната организација за миграции (ИОМ), низ светот има над 280 милиони луѓе, или 3,6 отсто од светската популација, со статус на мигранти. Некои од нив, подолг или пократок период, престојуваат или мигрираат и низ Македонија, како една од земјите на познатата балканска маршрута, при што овдешните власти веќе со години секојдневно се соочуваат со предизвици од најразличен карактер.
Иако обидите за илегални преминувања на границите на Македонија со соседните земји, според Министерството за внатрешни работи, во 2021 година бележат опаѓaње за 36,5 отсто во однос на претходната, проблемот и понатаму е присутен, особено поради тоа што како непознаница останува и бројот на илегалните преминувања што не биле забележани и спречени од страна на надлежните.
Во меѓувреме, како одреден показател за интензитетот на нелегалните преминувања на границите може да послужат полициските билтени, во кои барем еднаш неделно се појавуваат информациите што доволно зборуваат за нелегалните движења низ државата. Меѓу последните, објавени пред околу една недела, беше таа дека на наплатната станица „Романовце“, околу 22 часот, полициски службеници од Одделот за гранични работи и миграции лишиле од слобода 39-годишен маж од гевгелиското село Стојаково, затоа што во возилото со кое управувал биле пронајдени 53 мигранти, меѓу кои 34 од Индија и 19 од Куба, земји што, за разлика од тие од Блискиот Исток или од Северна Африка, не се на листите на директно загрозени од воени судири или од последиците на климатските промени.

По ваквите информации, кои, за жал, не се изолирани, неминовно се наметнува потребата од воспоставување баланс помеѓу сувереното право на државите да ги штитат своите граници и почитувањето на човековите права на илегалните мигранти. Особено затоа што меѓу неброените мигранти постојат и одредени групи или поединци, за кои, со голема доза сигурност, може да се претпостави оти претставуваат и одредена безбедносна закана.
Токму за тоа зборуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неодамнешниот миграциски дијалог на темата „Управување со миграцијата и одговор на Западен Балкан“, кој се одржа во Сараево.
– Генерално, главните предизвици во областа на миграцијата за Република Македонија остануваат исти како и пред појавата на пандемијата. Тоа се спречување на илегалната миграција во правец југ-север, но и на секундарните движења во правец север-југ, идентификација на мигрантите односно потврда на идентитетот утврден по личен исказ и според документите што ги носат и ефикасно враќање во земјата на потекло или земјата од која оствариле влез во државата – рече притоа Спасовски, нагласувајќи дека голем број лица, за кои овдешните служби во одредениот моментот можеби и немаат доволно информации, претставуваат потенцијални безбедносни ризици.
За ефикасно справување со таквите ризици, според Спасовски, мора да знае кој влегува на териториите на државите во регионот.
– Оттука, идентификацијата на нелегалните мигранти е клучен чекор. Во овој контекст, од суштинска важност е воспоставувањето систем за идентификување на нелегалните мигранти во регионот, што би помогнало во спречувањето и борбата против тероризмот и насилниот екстремизам во регионот, а особено во откривањето на поврзаноста на странските терористички борци и нелегалните миграции, како и за ефикасно спречување на радикализацијата на мигрантите што транзитираат низ регионот – потенцира Спасовски.
Таквиот заеднички пристап, како што објасни, подразбира не само редовна размена на податоци и информации туку и заедничка анализа на ризикот, координирање на националните активности, но и реализација на заедничките оперативни активности.
Во меѓувреме, и австриската министерка за одбрана Клаудија Танер, за регионалните медиуми, даде свое видување на ситуацијата.

– Повеќето мигранти ги напуштија своите домови поради економски и социјални причини. Веќе немаат надеж за подобар живот или за одржливи приходи во своите држави. Сметаат оти веќе немаат шанси во своите земји и оти миграцијата им е единствената опција, дека доколку стигнат до Европа, ќе имаат подобар живот. Ние знаеме дека оваа слика е далеку од вистината и дека шверцерите со луѓе тоа го користат како слоган за реклама. Еден од патиштата до „ветената земја“, како што тие луѓе ги замислуваат Австрија и Германија директно, а ЕУ генерално, е балканската маршрута. Оваа маршрута се смета за затворена со договорот помеѓу ЕУ и Турција, како со официјалното затворање за илегалните премини на границите по должината на таа маршрута. Но во изминатите месеци сведочиме на зголемување на нелегалните миграции и е неопходен сет на мерки за да се реши тој проблем. Австрија блиску соработува со Северна Македонија и со Србија во делот на граничното набљудување. Австрија ги распореди своите полициски сили и техничките уреди за да се реши тој проблем – објасни австриската министерка.
Во однос на натамошните чекори во насока на сузбивање на оваа појава, министерката Танер смета дека справувањето со мигрантската криза подразбира јасен сет на мерки.

– Покрај граничната контрола, потребно е да се воспостават ефикасни и ефективни процедури за азил за да се востанови кој може да остане, а кој треба да се врати во државата од која потекнува. Понатаму, мора да се најдат остварливи решенија за оние мигранти што сакаат да се вратат во матичните држави – објасни министерката, потенцирајќи оти од суштинското значење е ЕУ да ги поддржи проектите што ќе ги охрабрат потенцијалните мигранти да останат во своите татковини. Д.М.М.