Фото: Менде Младеновски

Општина Битола, во согласност со подготвената проектна документација и склучениот договор со изведувачот „Јоска транс“, наскоро ќе ги почне градежните активности за изградба на нов кружен тек на улицата Прилепска со улицата Баталјон Стив Наумов (место викано кај ветеринарната станица) и за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев

Градот Битола конечно ќе го постави споменикот на Турунџев на видно место

Општината и градот Битола конечно ќе го постават споменикот на Турунџев на видно место, на пиедесталот на заслужните Македонци што со своето животно дело придонеле да биде остварен природниот стремеж сопствениот македонски народ да извојува слобода, отфрлајќи го странскиот поробувач со оружје во рацете и гинејќи за таа кауза. Споменикот веќе цели осум години беше оставен во дворот на Општината. Овој пат, споменикот ќе биде поставен на забележително место во рамките на еден голем кружен тек на сообраќајот (на местото викано ветеринарна станица), во чија средина ќе биде поставен и споменикот на Александар Турунџев.
Неговиот споменик, изработен во бронза, повеќе од осум години е оставен во дворот на Општината, меѓу паркираните патнички возила на вработените во општинската администрација, напуштен и заборавен.
По цели осум години и изминување на мандатите на дури тројца градоначалници, војводата Александар Турунџев доби „амин“ од општинските служби да се постави споменикот на местото каде што требаше да биде подигнат, на Ат-пазар, каде што пред 118 години беше обесен.
Одлуката за изградба на споменикот за Александар Турунџев беше донесена во јули 2015 година. Тогаш Општина Битола објави јавен повик за идејно решение за подигнување споменик на војводата Александар Турунџев. Со едногласна одлука на советниците беше решено споменикот да биде поставен на новиот кружен тек што требаше да се изгради на раскрсницата пред поранешната ветеринарна станица, во непосредната близина на Ат-пазар, местото каде што Турунџев во 1905 година бил обесен.
Таквата одлука на советниците ја поздравија сите битолчани, кои постојано го воспеваат нивниот и македонски славен војвода.
Инаку, споменикот на Александар Турунџев, кој беше изграден во 2016 година, е изработен од бронза, висок е три метри, тежок 500 кг. Тој требаше да биде поставен на постамент од два метра на местото каде што беше обесен, на Ат-пазар.
Автор на идејното решение на споменикот е Ѓорги Димовски, а изработката беше извршена во леарница во Скопје, под надзор на менторката Валентина Стевановска.
Но наместо поставувањето на споменикот на Турунџев да претставува празник за Битола, како што е вообичаено кај нас, и во овој случај имаше надворешни замешателства и споменикот остана заборавен во дворот на Општината.
Со урбанистичкото решение требаше кај Ат-пазар да се направи кружен тек, а во средината да бидат поставени постаментот и споменикот на Турунџев. Но за да се изгради кружниот тек, требаше да биде исечен еден дел од паркот.
И тука работите се искомплицираа, се замеша и политиката, па проектот беше одложен за по локалните избори, кога требаше да се направи ревизија на проектот. И оттогаш цели осум години никој ниту се сети да направи ревизија на проектот, ниту пак некој размислуваше за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев кај Ат-пазар.
Некои тоа го протолкуваа како некој повторно да ја преиспитува(ше) улогата на војводата Александар Турунџев во Илинденското востание, а други како нему повторно без суд да му се суди и пресудува.


За македонскиот војвода Александар Турунџев

Александар Турунџев е роден во 1872 година во с. Горно Врбени, Леринско. Уште како млад се вклучил во редовите на ТМОРО, најпрво како четник, а потоа како војвода. За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. По востанието во 1903 година, тој учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство. Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држен цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година.
Денес, 118 години подоцна, неговиот споменик, како паметник на неговиот лик и дело, заслужува да биде поставен на видно место во Битола.