Фото: Игор Бансколиев

Бездруго се неопходни поттикнување и будење на патриотското чувство и националниот дух почнувајќи од најмладите, со кревање на државното знаме и изведба на националната химна пред почетокот на секој учебен ден во училиштата, со пригодна тематика во учебниците, која кај најмладите ќе го буди националното чувство на единство и љубов кон татковината, со негување на спомен-обележјата, со посети на спортски натпревари каде што настапува државниот тим, едноставно со всадување на името „Македонија“ и нејзината големина во сечие срце…

Заборавени заветите за кои илјадници луѓе ги дале своите животи низ македонската историја?

Македонија мора порешително да одговори на сите закани и отворени провокации со кои се соочува изминатите години.
Одбраната на националното достоинство треба да претставува света должност на секој граѓанин во оваа држава. И реакцијата на сето она што ќе дојде како закана за македонскиот идентитет, народ или држава, секогаш треба да биде непоколеблива, силна и единствена. Таа реакција е природна, ги заштитува и поединецот и припадноста кон колективитетот, кон семејството, нацијата и државата.

Каков е односот коннајсветите нешта врз кои е изградена државата

Неодамна јавноста сведочеше на драматична ескалација на состојбата на северот на Косово кога малку недостигаше да дојде до оружен конфликт само поради една буква на регистарските таблички, бидејќи некој проценил оти на тој начин се загрозува неговиот идентитет и државен суверенитет. (РКС или КС?) Значи се кренаа оружјето и воената машинерија „само за една буква“?!
И додека некој се мобилизира до таа мера дури и да започне војна поради промена на буква, Македонија ја даде во залог промената на вековното име на државата, молчи за ретуширање на историјата, која се случува секојдневно, не реагира на отворените провокации со таканаречените културни клубови именувани според докажани соработници на фашистичкиот режим, а толерира и отворено мешање во внатрешните работи од страна на соседна Бугарија.
Сето ова говори дека ние како држава немаме воспоставено однос кон најсветите нешта врз кои е изградена Македонија, заветите за кои илјадници луѓе ги дале своите животи низ македонската историја. Тие завети ниту биле, ниту пак можат да бидат предмет на некакви преговори, договори или отстапки кон некого, без оглед на крајната цена, па макар таа се викала и Европа. Македонија нема цена и затоа овие завети мора да ги имаме постојано пред себе и да не отстапуваме од нив.
Затоа е важно да се негуваат националната свест кај македонските граѓани, кои по сите порази изминатите 30 години како да ја загубија вербата во својата држава, и вербата дека тие и самите можат да направат нешто за својата земја.

Како се одржува буден националниот дух

Според соговорниците, тоа секојдневно го прават државите од нашето окружување, Србија, Албанија, Грција, а да не зборуваме за суперразвиените како Германија, Норвешка или, пак, она што во САД со децении го прави моќната холивудска машинерија, едноставно го одржуваат буден националниот дух за граѓаните да продолжат да веруваат во повисоките национални цели и идеи.
Затоа и на Македонија ѝ е потребно ново национално будење, оти само така може да се зачуваат идентитетот, јазикот и историјата. Со цврста национална свест, сплотеност и непоколебливост, лесно ќе се излезе накрај со секаков предизвик или провокација, а бугарските клубовите што сега никнуваат низ земјава едноставно нема да наидат на плодна почва каде што ќе можат да ја шират анахроната романтичарска хегемонистичка пропаганда.

Ерозија на патриотизмот низ децениите по осамостојувањето

Социологот Илија Ацевски го гледа проблемот во недостигот на тој патриотизам во годините на лошо управување со државата, кога граѓаните едноставно гледале како се разградува тој систем на вредности, а царувале партизацијата, корупцијата и криминалот.
– Точно е дека пред извесно време во Косово за една буква ќе избувнеше конфликт, а кај нас не буква, туку целосно нè обезличија и луѓето едноставно не реагираат. Три децении гледаа како се разнебитува државата, како не се почитува ништо, како се ограбува сè што ќе се дофати и како на тој човек ти да му објасниш дека треба да се бори за она што се интереси на државата, кога истата таа држава и оние што ја управуваа сите овие години ги девалвираа сите вредности важни за градење на едно нормално национално чувство – вели Ацевски.
Тој додава дека луѓето тука повеќе не веруваат дека системот може да реши некој проблем и тоа ги деморализира.
– Кога гледаат дека системот не функционира, тоа им ја испумпува сета енергија да застанат цврсто зад некои нешта, да знаат дека за тоа што се борат ќе има некаков ефект. Кога го нема тоа, тогаш ние не реагираме ни на многу крупни нешта, како што беше Договорот со Бугарија или Преспанскиот договор – нагласува Ацевски.

Воспитување во патриотски дух, а образование во светски дух

Според него, проблем е што во образовниот систем нема никаква програма според која ќе се негува и буди тоа национално чувство, да учат децата да ги негуваат сопствениот идентитет, јазик и историја и утре да застанат во одбрана на она што се национални атрибути.
– Нема во нашиот образовен систем таква програма што ќе го разбуди тоа национално чувство. Според некои истражувања, кај средношколците кај нас дури и целосно се губи таа свест за грижа за вредностите врз кои почива една држава и нејзиниот народ. Тие што мислат нешто да прават со животот, тие иднината не ја гледаат тука и тоа е погубно. Ќе си заминат и затоа утре нема кој да застане во одбрана на националното достоинство, па ќе прават од нас нови нации и слично. А гледајте Бугарите што прават, Србите исто, се негуваат тие нивни вредности на припадност кон земјата, кон народот уште од најмали нозе. Па Бугарите одат и дотаму да прават обиди и другите да ги побугаруваат преку таква засилена образовна пропаганда – истакнува Ацевски.
Негово мислење е дека никогаш не е доцна новите генерации во Македонија да се вратат на тој пат, така што уште од најмали години кај децата ќе почне да се негува тоа национално чувство.
– Нашиот образовен систем во овој момент не му дава можност на поединецот да се почувствува како дел од една група што ќе ги брани тие вредности за кои зборуваме, како однос кон идентитетот, јазикот и воопшто националните интереси. Треба да се вратиме на тој систем и уште од најмала возраст децата да се учат да ја сакаат и почитуваат својата земја. Така и некои генерации тука, утре нема да дозволат ниту запирка некој да ни смени, а не идентитетски да нè реобликува и да прави со нас што сака. Тоа недостоинствено однесување треба да заврши – заклучува Ацевски.
Тоа значи дека е неопходно будење на националниот дух почнувајќи од најмладите, со кревање на државното знаме и изведба на националната химна пред почетокот на секој учебен ден во училиштата, со пригодна тематика во учебниците, која кај најмладите ќе го буди националното чувство, со негување на спомен-обележјата, со посети на спортски натпревари каде што настапува државниот тим, едноставно со всадување на терминот „Македонија“ и неговата големина во сечие срце…