Патот кон индустриската зона Жабени стана „македонскиот дел од пеколот“

Алармантно предупредување на граѓани вработени во компанијата „Кромберг и Шуберт“ – Битола

Кога пред извесно време, по подолго од 40 години, деновиве почна реконструкцијата на регионалниот пат што води од Битола кон граничниот премин „Меџитлија“ никој не беше посреќен од жителите на селата што гравитираат на тој дел од патот. Среќни и задоволни беа и работниците на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, која вработува над 6.000 работници, и на индустриската зона Жабени, бидејќи конечно се реализираа нивните желби за поправка и реконструкција на патот.
Но само неколку дена по асфалтирањето, на дел од патот почнаа проблемите за жителите од селата и на вработените во „Кромберг и Шуберт“. За само 11 дена на тој пат се случија неколку сообраќајни несреќи, од кои две со смртни последици.
Овој пат, кој води до селата Кравари, Породин, Егри, до фабриката „Кромберг и Шуберт“, индустриската зона Жабени, како и до граничниот премин „Меџитлија“, веќе го нарекоа пат на смртта. Досега двајца млади жители ги загубија животите. Другите имаа среќа и по излетувањето од патот поминаа со полесни повреди.
Исплашени од сето тоа што се случува на овој пат, по неколкуте сообраќајни несреќи од кои две со смртни последици и откако надлежните градежни и државни институции што се ангажирани во реконструкцијата на патот се оглушуваат на сите граѓански иницијативи и укажувања, апели и барања, со отворено писмо до јавноста се обратија и од компанијата „Кромберг и Шуберт“. Во отвореното писмо и во манир на општествено одговорно претпријатие, кое е адресирано до сите локални и републички институции, се вели:
„Со овој Допис поднесуваме барање за итна интервенција за обележување и сигнализација на патот Битола – ИЗ Жабени, кој во моментот сѐ уште е во фаза на реконструкција. Со направените поправки, санација и реконструкција на патот, од кои некои сѐ уште се во тек, патот во моментот е необележан и нема поставено сигнализација и обележување на патот поради што истиот тој е опасен за користење. Свесни сме дека сѐ уште се работи на самиот пат, но, за жал, веќе се случија неколку сообраќајни несреќи, од кои две со смртни последици. Затоа апелираме за итно обележување на патот.

Поради новите слоеви асфалт што се поставија, висината на патот е над нивото на страните покрај самиот пат и има остри рабови, кои не се обележани со (крајна) бела лента и во текот на вечерно возење е доста небезбедно и не е видливо до каде е самиот раб на патот.
Покрај бела линија, апелираме да се постави и визуелна сигнализација со ступчиња со рефлектирачки маркици што светат при вечерно возење или да се постави целосна заштитна ограда, особено на неколкуте кривини на патниот правец каде што прегледноста е дополнително намалена. Потребата од интервенција со сигнализација и обележување е ИТНА бидејќи овој пат е исклучително фреквентен. На дневна основа, истиот тој се користи од над 5.200 вработени на КСМК-Бт од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и околните села, кои секој ден во двата правца го поминуваат патот на релацијата Битола – Жабени – Битола со цел да дојдат на работа.
– За превоз на дел од вработените, во текот на едно деноноќие на патот сообраќаат над 150 возила за групен превоз (над 70 автобуси и 80 комбиња) (фабриката работи во три смени, па оттаму деноноќното сообраќање);
– дел од вработените се превезуваат со автомобили и во текот на едно деноноќие на патот во двата правца сообраќаат околу 270 автомобили, дел од вработените се превезуваат и со мотоцикли. Во просек по околу 10 транспортни камиони, кои исто така дневно во двата правца го поминуваат патот со цел транспорт на репроматеријали и производи до и од нашата фабрика. Голем број локални жители и земјоделци исто така со автомобили, мотоцикли, велосипеди, пеш и со земјоделски возила секојдневно сообраќаат на патот“.
Меѓу другото, во писмото се наведува и дека патот е фреквентно користен и од македонските и од странските државјани за да стигнат до граничниот премин „Меџитлија“.
Во заложба за заштита на своите вработени, соработници и сограѓани, потписниците на писмото укажуваат дека се на располагање за сѐ што може да се преземе од нивна страна со цел забрзување на интервенцијата. Во писмото се нагласува дека доколку не се реагира на нивното барање за сообраќајно обележување на патот, тие ќе бидат принудени да ги радикализираат своите барања и ќе го блокираат патот, кој не води само до ИЗ Жабени туку и до границата со соседна Грција.

Од Јавното претпријатие за државни патишта одговорија:
„Рехабилитацијата на државниот пат А3 делница Битола – Меџитлија во должина од 12,5 км е во завршна фаза и во моментов се работи на изведба на асфалтирање на вториот завршен слој, по што следува изведба на банкините од двете страни на патот и поставување сообраќајна сигнализација. Инаку, Договорот за рехабилитација на регионалниот пат А3, делница Битола – Меџитлија се реализира врз основа на ревидирана проектна документација од страна на Градежен факултет. Исто така, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација во согласност со одобрениот привремен режим на сообраќај, издаден од Министерството за транспорт и врски. Рехабилитацијата на патот со извршена целосна сигнализација се очекува да заврши најдоцна за триесетина дена, односно до крајот на октомври – почетокот на ноември и од тие причини ја користиме можноста уште еднаш да апелираме до возачите да се придржуваат до привремената сигнализација и да ја почитуваат препорачаната брзина на движење“.
Ваквиот одговор на јавното претпријатие наиде на остри реакции најпрвин во јавноста, кај граѓаните, а особено кај засегнатите локални жители, кои во своите семејства имаат вработени лица во компанијата.
Во истиот контекст се јавија и од германската компанија, од каде што велат дека решавањето на овој проблем не трпи одложување и бара итност. Двете жртви што се случија досега треба да го вклучат алармот, бидејќи станува збор за мошне фреквентен пат, а истиот тој не е обележан со сообраќајна сигнализација и по реконструкцијата стана опасен за одвивање на сообраќајот. Секој изгубен ден може да доведе до нови човечки животи, велат од „Кромберг и Шуберт“.