Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сегашната домашна регулатива не нуди сигурна заштита од евентуални измами во сајбер-трговијата. Целата одговорност паѓа на самите граѓани, кои треба добро да се информираат пред да одлучат да нарачаат некој производ. Ќе биде потребно време, за тоа што е преземено во Европската Унија да се примени и во нашата земја, преку усвојување на европските директиви за онлајн тргувањето, нагласуваат од Организацијата на потрошувачи

Виртуелен пазар, предности и ризици

Митко Јовановски

Со ограниченото движење на граѓаните за периодот на пандемијата на ковид-19, сѐ повеќе расте трговијата на онлајн пазарот. Можностите што ги нуди брзиот развој на е-трговијата ја искористија и голем број нерегистрирани продавачи, кои нудат продажба преку рекламни пораки на социјални мрежи, што претставува и ризик за потрошувачите од можни измами, но и за ширење на нелојалната конкуренција на регистрираните онлајн продавници. Согледувајќи го овој недостаток, Европскиот парламент донесе нова законска регулатива, со која се нуди поголема заштита и безбедност за онлајн купувачите, преку зголемување и на обврските на интернет-платформите за проверка на компаниите што се занимаваат со интернет-трговија. Засега, заштитата на потрошувачите во Македонија се сведува на „личната одговорност“ за тоа дали да се впуштат во „авантурата“ да нарачуваат производи на виртуелниот пазар.
– Во последниот период има сѐ повеќе онлајн тргувања, но со тоа се зголемува и бројот на поплаки од граѓаните од квалитетот на услугите од трговците што продаваат свои производи преку интернет. Искуството е различно. Има наши сограѓани што се задоволни од ваквиот начин на тргување, доколку тоа се прави од некој познат производител. Меѓутоа, проблемите се јавуваат кога се нарачува производ од непознат доставувач и во случај кога потрошувачот не е задоволен од квалитетот на испорачаниот производ. Најчесто граѓаните нарачале еден производ, но добиле друг, со различен квалитет, боја или големина, која тие претходно ја избрале. Во такви случаи, нема каде да се обратат. На страниците што трговците ги отвориле на некоја интернет-платформа, нема податоци за нивната адреса, контакт-телефон, сметка или други податоци на кои може да се даде рекламацијата. Комуникацијата се одвива со пораки, која најчесто завршува со блокирање на измамениот купувач – ни изјави Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Од здружението на потрошувачите забележуваат дека сегашната домашна регулатива не нуди сигурна заштита од евентуални измами во сајбер-трговијата. Целата одговорност паѓа на самите граѓани, кои треба добро да се информираат пред да одлучат да нарачаат некој производ. Ќе биде потребно време да се примени и во нашата земја, преку усвојување на европските директиви за онлајн тргувањето, нагласуваат во ОПМ.
– Граѓаните треба да се свесни за ризикот што го преземаат со онлајн тргувањето. Потребно е да ги проверат податоците за тоа кој стои зад рекламираниот производ на некоја социјална мрежа. Исто така, да внимаваат и за реалната вредност за одредени производи, кои од интернет-трговците се нудат и по ниски цени. Во последниот период, 30-40 отсто од поплаките, кои пристигнуваат до нашата организација, се однесуваат токму на интернет-трговијата. Некои од незадоволните потрошувачи и не успеваат да ги заштитат своите права. Единствено што им преостанува е да објават на некој од „ѕидовите“ на срамот и да ги предупредат другите граѓани за сопственото лошо искуство со некој од онлајн трговците. Втората опција е да пријават во полиција во секторот на сајбер-криминал, но без да бидат сигурни во конечниот исход – објаснува Тасевска.
Многу наши сограѓани се одлучуваат на тргување преку интернет и го пренесуваат сопственото искуство и на другите.
– Јас немам, секогаш ги гледам препораките на веб-страницата на производителот и следам туѓи искуства. Најчесто привлекуваат внимание со лажни цени и лажни производи. Но другите што ги познавам поминале лошо. Пријателка нарача блендер и им стигнал неисправен апарат. Веднаш реагирале преку профилот на Фејсбук, но веднаш биле блокирани – вели Даниела В.
Проблеми со неисправен апарат за домаќинство, кој му бил доставен на домашна адреса, имал и скопјанецот Гоце Стојковски. Тој не можел веднаш да ја провери исправноста на апаратот, па морал да пишува рекламација на сајтот од каде што го нарачал. По неколку дена му бил испратен нов исправен апарат, кој го порачал од домашен дистрибутер на производи.
Во Законот за дигитални услуги, кој беше донесен од Европскиот парламент, се донесени повеќе мерки за сузбивање на незаконската трговија на производи, услуги и содржини на интернет и јасно се дефинираат постапките за нивното отстранување.

– Нашата должност е да обезбедиме тоа што е незаконско надвор од интернетот да биде незаконско и на интернет. Мораме да воведеме дигитални правила во корист на потрошувачите и граѓаните. Законот за дигитални услуги сега може да биде нов златен стандард за дигиталната регулација, не само во Европа туку и во светот – изјави Кристел Шалдемос, известувач за предложениот текст на законот.
Со новиот закон за дигитални услуги ќе се отворат нови можности за прекугранично нудење услуги, а во исто време ќе се обезбеди високо ниво на заштита за сите европски потрошувачи и ќе се спречи самоволието на големите мултинационални компании. Технолошките компании ќе се сметаат за одговорни за содржината на своите платформи и ќе мора да воспостават механизам за означување и мерки за отстранување на незаконските содржини, како што е пренесување текстови со говор на омраза, како и рекламирање и продажба на фалсификувани производи, од непознати трговци. Со законските измени, компаниите што се сопственици на социјалните мрежи ќе бидат обврзани да ги проверат сите претпријатија што се огласуваат на нивните страници, но и да создадат квалитетна служба за одговор на забелешките на корисниците. Ова значи на онлајн пазарот, на купувачите да им обезбедат сигурна трговија, објаснува европратеничката Биљана Борзан.