Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, преку Фејсбук порача дека одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески е „само почеток на злостворствата правени во изминатите години“. Тој додаде дека има уште многу за разоткривање, а актерите сѐ уште веруваат дека никој не знае што прават.
– Одлуката на судот во Стразбур поврзана со Јанакиески во врска со политичкиот прогон, незаконското работење и самоволието на одредени судии и обвинители, политички мотивираните случаи и репресијата на СДСМ и Заев врз правосудниот систем со цел да ги елиминира политичките противници е само почеток на разоткривањето на злостворствата што беа правени во изминатите години. Има уште многу за разоткривање, а прогонот сѐ уште трае и злосторствата течат. Актерите сѐ уште веруваат дека никој не знае што прават или барем дека нема докази за тоа – напиша Груевски.
Европскиот суд за човекови права утврди дека на Јанакиески, незаконски му бил продолжуван домашниот притвор.
Јавното обвинителство го обвини Никола Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Оттогаш тој е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, Судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба.