Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го посети новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи, во рамките на полициската станица Пролет во Кисела Вода.

– Од денеска и официјално го почнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со името Република Северна Македонија, задолжителна обврска што произлезе од преспанскиот договор потпишан со Грција – рече Спасовски во изјава за медиумите.

Притоа тој информира за воспоставениот систем на работење на пунктот.

– За таа цел периодов инсталиравме 10 нови работни станици, каде што ќе може граѓаните да извршат фотографирање за документите. Системот е тестиран и овозможува 1.000 лица за еден работен ден да ја поминат процедурата. Воедно, сакам да информирам дека работното време на пункот е од 8 до 18 часот, со можност за продолжување до 20 часот. Спасовски информира дека на 13 и 14 ноември пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин беа примени речиси 1.000 барања и граѓаните беа задоволни од понудените промени без закажан термин. До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80 % имаат направено промена на документите со името Република Северна Македонија – истакна министерот наведувајќи ги причините за воспоставување на пунктот.

Тој посочи дека презакажувањето и откажувањето на термините резервирани телефонски претставува една од причините за отворање на пунктот.

– Причина за отворање на овој нов пункт беше многубројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70 % од закажаните термини што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа ние како раководство на МВР одлучивме да им излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за почнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот прв дојден, прв услужен“, рече Спасовски.

Спасовски апелира до граѓаните да имаат трпение и разбирање кон службениците во управните служби при остварување на својата обврска за промена на личните документи со овој забрзан систем на промена на документите почитувајќи ги редот и дисциплината во објектот.