По врвиците на партизаните што ја носеле печатницата за првиот дневен весник во ослободена Македонија

Силно светна уште еден роденденски 29 октомври и, традиционално, ПСК „Х2О“, на чело со иницијаторката и планинарски водич Ирена Диков, и екипа на „Нова Македонија“ го прославија на планински воздух, со планинарски марш, во чест на партизаните што на раце ја носеле првата еднотонска печатарска машина „бостонка“ од Цветово до Горно Врановци, да го испечатат првиот број на „Нова Македонија“ во едно време невреме, во 1944 година.
Во мугрите почнавме една силно симболична акција од родното место на весникот, Горно Врановци. Ирена Диков ја предводеше групата заедно со водичите Ана Мимировска-Галевска, Љупчо Дебарлиев, Кире Коцев, Дарко Трајковски, Велимир Граоркоски. Сплотени, чекор зад чекор, како една синхронизирана чета, ја совладуваме надморската височина. Прескокнувајќи голем број потоци што го мократ масивот Мокра, пробивајќи се низ корија од соголените дрвја и расшумолените лисја. Полека избиваме на срт, од каде што видиците се шират, а турата добива широка димензија, со изобилство планински бразди навезени до недоглед.
Се движиме низ патека полна со расфрлани карпести фигури, недопрена природа, доближувајќи се до Кале – кулминациската точка на турата, на 2.112 метри надморска височина. Разгалени од есенската бистрина, совршените планински услови, раздиплените убавини, се полниме со мелатонин и сите енергенти што ги нуди денот, оддаваме почит кон слободата, ги славиме 78-те силни години на нашата „Нова Македонија“. И тоа е најмалку што можеме да го направиме, оти таа е поголема од сите нас. Од Кале, од централната македонска точка, пуштаме ехо до сите страни на Македонија, до сите врвови и народи, да се чуе, да се знае битноста на првиот македонски дневен весник.
И се вртиме назад. Со полни гради, брзаме да сме побрзи од сонцето и да ја крунисаме турата со топол оброк, овозможен од Министерството за одбрана, кое ја препозна големината на акцијата и нѐ удостои со присуството и ведриот ентузијазам на професионалниот војник Горан Андонов и Николче Несторов од Третата чета за логистичка поддршка од Првиот логистички баталјон од касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.
– Невозможно е вештачки да создадеш народ и јазик на кој пишува, мисли, зборува и пее и за една година. Исто како што не можеш да ја наречеш планинарската акција традиционална додека не се случува во континуитет 78 години, 150, 1.500 години… Време е потребно за тоа. Исто како што е потребен континуитет за постоењето на еден народ и неговиот јазик и писмо. Зошто тогаш роденденот на „Нова Македонија“, 29.10.1944, е многу важен датум? Оти тогаш му било дозволено на еден намачен, сиромашен, угнетуван и поробуван народ да го испечати својот прв официјален документ на својот јазик, на македонски јазик. Чист македонски. А на македонски јазик зборувале и пишувале Македонците. Така го одржале во живот. За во 1944-та на раце да пренесат еден тон тешка „бостонка“, за да испечатат народен весник на нивниот македонски јазик на првата слободна територија во Македонија, Горно Врановци. Затоа го славиме роденденот на „Нова Македонија“ од Горно Врановци до врвот Кале на Јакупица, со тоа што го знаеме најдобро – со планинарење. Се надевам дека планинарската акција „Кале 2.112“ ќе го одржи својот континуитет исто како Македонците и нивниот македонски јазик. Оти не дојдовме овде за нас, дојдовме за нашите деца. Да живее Македонија! Смрт на фашизмот, слобода на народот – ни изјави Ирена Диков.
Со нашиот планинарски поход уште еднаш успеавме да фрлиме светлина над минатото и непобитноста на првиот македонски дневен весник, архетипот на македонското новинарство.