Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 6.000 до 12.000 денари изнесува сумата што едно просечно македонско семејство ја одвојува за вонучилишни активности на своите деца. Сумата, секако, е варијабилна, во зависност на бројот на децата во семејството и во зависност од тоа колку активности месечно посетуваат. Дали во обидот да се најде талентот кај детето, или да се реализира некоја лична желба, родителите претеруваат и ги оптоваруваат своите деца со дополнителни активности, кои најчесто одземаат и по два-три часа во текот на денот?

Родители плаќаат и по 200 евра месечно за дополнителна настава на своите деца

Курс за странски јазик, за спорт, за индивидуални часови, курсеви по математика и по информатички програми… Ова се само дел од примерите за вонучилишни активности што ги посетуваат учениците од основното и средното образование.
Родителите, пак, во трката нивните деца да постигнат што подобри резултати на училиште мака мачат да го менаџираат семејниот буџет.
Поскапувањата не ги одминаа и овие активности. Зголемување на цените има и кај курсевите за странски јазици, за спортските активности и за индивидуалните часови за одреден наставен предмет.
Од 6.000 до 12.000 денари изнесува сумата што едно просечно македонско семејство ја одвојува за вонучилишни активности на своите деца. Сумата, секако, е варијабилна во зависност на бројот на децата во семејството и во зависност од тоа колку активности месечно посетуваат. Дали во обидот да се најде талентот кај детето или да се реализира некоја лична желба, родителите претеруваат и ги оптоваруваат своите деца со дополнителни активности, кои најчесто одземаат и по два-три часа во текот на денот?
Основното и средното образование во земјава се бесплатни.
Колку чини бесплатното образование, со оглед на тоа дека родителите велат дека постојат „скриени“ трошоци, кои воопшто не се за занемарување?
Во главниот град се отвораат приватни едукативни центри, во кои децата од пониските одделенија се згрижени додека нивните родители не се вратат од работа, а истовремено се потврдува учениот материјал и се пишуваат домашни задачи. Инаку, децата од погорните одделенија во овие едукативни центри можат да се стекнат со логички и математички вештини што не се стекнуваат во училиште. Така, месечна посета на овие едукативни центри чини околу 3.000 илјади денари по дете. Сега се очекува за 300-500 денари да има поскапување и во овие центри.
Спортот во рамките на училиштето, како на пример одбојка или кошарка, или балет, односно модерни танци, чини околу 600 денари, додека спортските активности во рамките на клуб чинат од 1.500 денари од дете или за две деца со попуст 2.500 денари.
– Курс по јазици или по одредена активност чини околу 2.000 денари. За спорт плаќаме 1.500 денари месечно – вели Елена М., мајка на второодделенката Сара.
Сепак, таа посочува и на цената на храната (појадок, ручек) во училиштата.
– Сега чини 2.500 денари месечно, а минатата година беше 2.200 денари. Ужинката, која не е задолжителна, лани беше 700 денари, сега најавуваат дека ќе биде 800 денари. Е, сега, не знам дали во пресметката на „бесплатно“ образование влегуваат деновите што не одиме на работа, зашто училиштето имало патронат, па децата примале вакцина и низа други активности. Тогаш кој ќе ги чува децата? Принудени сме тие денови да плаќаме дневни центри – посочува мајката.

Важно е да се направи вистински избор

Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, вели дека на темава разговарал и со своите ученици. Заедно дискутирале на темата и решиле заедно да го искажат нивното мислење.
– За учениците од прво до деветто одделение добредојдени се спортските активности за време на наставата, но и дополнително надвор од наставата. Во време кога сите ние сме опкружени со обврски што најчесто бараат позиционирање на едно место, проследено со слаба физичка активност и неправилно држење на телото – оваа воннаставна активност е добредојдена за сите, не само за учениците. Важно е да се избере вистинскиот спорт, па предлагам учениците да се обидат во повеќе области, сѐ додека не го пронајдат она вистинското за нив – посочува наставникот.
Според него, за родителите на учениците до петто одделение не е потребно дополнително изложување на трошоци за други курсеви од горенаведените.
Сепак, за учениците од шесто до деветто одделение, тој смета дека дополнителни курсеви се потребни само доколку ученикот навистина има тешкотии со совладувањето на материјалот, а родителите не се во можност сами да помогнат дома (или немаат доволно време).
– Дополнителните курсеви можат да им помогнат на учениците што се подготвуваат за натпревари и себенадградување – додава Бумбароски.
Но тој посочува и дека треба да се знае оти во основното образование постојат дополнителна настава и воннаставни активности што не се на финансиски товар на родителите.
– Но кој како го реализира тоа е сосема друга поширока тема, за која би разговарале во наредна пригода – заклучува наставникот.

Вонучилишната настава повеќе мода од потреба

Училишниот педагог Убавка Бутлеска во основното училиште „Манчу Матак“ во Кривогаштани вели дека ваквата појава на носење на децата на повеќе различни вонучилишни активности, како и дополнителни часови по одредени предмети, упатува на состојба на пад на квалитетот на образовниот процес, но истовремено и на желбата на родителите нивните децата да имаат петки.
– Првично тоа се гледа по просекот на децата во училиштата. Од децата се бара да се одлични, имаме многу големи очекувања од нив. Сето тоа нивно форсирање често создава ментален раздор – подучува педагогот.
Според неа, ваквата појава повеќе е мода меѓу родителите во поголемите градови.
– Да се разбереме, родители, убаво е децата да ги носите на часови по музика или на спорт. Секако дека тоа ќе го надгради нивното знаење, Но не сметам дека децата треба постојано да се носат на дополнителни часови по математика, физика, хемија итн. Ако детето „заглави“ на некоја лекција или проблемска задача, во ред, треба да му се објасни. Тоа се инцидентни часови да му се разјасни некој дел од предметот. Но не секогаш треба да се потпираме на тие дополнителни часови. Тоа не е фокусот на образовниот процес – додава Бутлеска.
Сепак, таа посочува дека ваквата појава во малите места не може да се реализира.
– Има села што се оддалечени од градските средини и по повеќе од 20 километри. Таму најчесто се живее од земјоделство, па родителите често немаат можност да ги праќаат на такви активности. Можеби тие деца се деградирани во однос на тие од градската средина. Мал број од тие деца се занимава со одредени спортови, но, на пример, тие немаат каде да одат на пливање – додава Бутлеска.